„Градот е нем“, „Ходен Же“, „Златно сонце“, „1762“, „Амфилохиј“, „Бело море“, „Глас“, Константинопол“… се само некои од песните кои ќе бидат изведени на концертот „Гласови“ на МИЗАР, предводен од Горазд Чаповски и хорот ХАРМОСИНИ и десетина врвни музичари од новата генерација на македонски творци предводени од Дени Омерагиќ, што ќе се одржи на 12 мај 2024 во македонската Филхармонија!
Љупчо Јолевски
МИЗАР со целата своја силина и пројавност несомнено е еден од темелниците на современата македонска музика, култура и национален идентитет. „Ѕвездата на надежта“ или бендот чија енергија, поетика и истрајност во изминативе нешто повеќе од четири децении израснаа врз визијата, храброста, енергијата и талентот на творци како Горазд Чаповски, Горан Таневски, Илија Стојановски, Ристо Вртев, Панта Џамбазовски, Слободан Стојков, Жарко Серафимовски, Владимир Каевски, Горан Трајкоски, Зоран Спасовски, Катерина Вељановска… и натаму останува на браникот за своја музика. За оригиналност. И со таквите настојби во времево на сенекакво посегање по нашата самобитност МИЗАР и неговата досегашна оставнина и најмногу неговата мисија само добиваат на значение во потребата да си останеме свои на своето.
Од таму и најавениот концерт „Гласови“ што на 12 мај во Филхармонија ќе го одржат МИЗАР предводен од Горазд Чаповски и хорот ХАРМОСИНИ со десетина музичари од новата генерација на врвни домашни инструменталисти и творци, ја надминува обичноста на еден значаен културен настан и се претвора во херојски чин на кој посегајќи по денес култните песни како „Градот е нем“, „Ходен Же“, „Златно сонце“, „1762“, „Амфилохиј“, „Почесна стрелба“, „Константинопол“… ќе се спојат музиките и поетиките на генерациите раснети на вистинските вредности и потрагите по сопствениот музички јазик и неговата виталност во времето и просторот на глобален план. Чисто како показ дека овде неимарите ѕидале мостови на соработки и имало што да му дадат на светското културно наследство. Чесно и од срце.
И, колку за потсетување МИЗАР својот истоимен деби албум го објави во 1988 година за словенечки „Хелидон“. Плочата несомнено беше показ дека на тогашната југословенска сцена се појави бенд со исклучително авангардна звучна слика која се потпираше на дотогаш нечуениот спој на рокенролот со византиската традиција, старословенското пеење и изворната народна музика. Згора на тоа со него МИЗАР понудија текстови на мајчиниот, македонски јазик што во дадените услови и супремацијата на српско-хрватскиот во СФРЈ беше речиси ерес. Потем следуваше серијата албуми како „Свјат дримс“ (1991), „Кобна убавина“ (2004), „Поглед кон цветната градина“ (2007), „Детето и белото море“ заедно со хорот „Хармосини“(2010)… и фала му на Бога – единствениот кој остана од оригиналната постава Горазд Чаповски сеуште е здрав и жив, полн енергија и инает, расположен да се бори со музиките и стиховите во себе … за да ја испишува и натаму приказната за еден од најзначајните и не само музички или (суп)културни феномени во историјата на македонската музика. А, тоа може да се смета само за непоматена радост.
Разговорот со него, правен помеѓу неколкуте студиски сесии за новиот синг, следува во продолжение.
За 12 мај во Филхармонија е закажан концертот на МИЗАР со ХАРМОСИНИ и една убава дружина на млади македонски музичари предводени од Дени Омерагиќ. Се работи за современ прочит на музиката на првите откровенија на бендот. Од каде идејата, па ако сакаш и потребата, за една ваква соработка?
Приказната започна да се испишува уште на крајот на минатата година. Иницијалната каписла беше дадена од ”Екотип” и ”ЧувДеЧув” односно Илија и Зоран, а медумски подржана од музичкото радио и веб портал samomk.mk . Како музичар секогаш сум бил отворен за нови идеи и соработки кои ги сметам за додадена вредност на мојот творечки опус. Почнувајќи од тогаш започнавме полека но сигурно да работиме и да го финализираме проектот. Во него на наша голема радост се вклучени дузина други прекрасни музичари и не се сомневам дека ова ќе биде убава можност да се чуе МИЗАР со многу интересна поставка, како најново откровение. Да се почувствува една сосема поинаква енергија.
Колку тебе, како на еден од основоположниците и единствениот кој остана исправен пред сите налети врз делувањето на МИЗАР, ти значи ваквиот плодотворен интерес на младите творци за твојата музиката? За бунтот и вербата да се изгради храбар и моќен израз изникнат од сржта на македонскиот музички јазик?
Убаво е она што си го создавал низ времето да биде во фокусот на младите творци кои со своето делување биле и се авангарда на секое општество. Нивна задача, но и обврска е да ги поместуваат границите. Да ги рушат бариерите и стереотипите. Да ја вратат во живот македонската култура која одамна е во претсмртна агонија. Само чистата и нескомпромисна уметност е единствениот излез од ова мракобесие кое, за жал, одамна го живееме.
Круна на вашиот неколку месечен творечки ангажман ќе биде концертот во Филхармонија, но си оставивте ли простор проектот „Гласови“ и натаму да живее и да пулсира?
Секако. И премногу енергии и емоции вложивме во него за да сега едноставно му свртиме грб и да го оставиме на заборавот. Еве, сега во пресрет на неговата премиерна изведба на 12 мај, ќе го кажам само ова – веќе се тркалаат убави желби и уште поубави планови, но за тоа потоа…
Своеверемено, во 1990-те, бендовите од тогашната македонска алтернативна сцена потпишаа еден албум на кој низ себе ја поминаа музиката на МИЗАР. Објавата наиде на поделени мислења и без соодветна подршка од медиумите беше осудена речиси на заборав. Сепак, во однос на добар дел од она што денес се создава, таа музика звучи многу посвежо и далеку поактуелно. Колку на Горазд Чаповски му значи ваквиот интерес за МИЗАР?
Трибјутот беше навистина една убава идеја пред се затоа што тоа откровение на МИЗАР го затворивме во 1992 година. Нешто потоа Икаљ ( басистот Илија Стојановски н.з) и јас го оформивме КИСМЕТ, така што тој проект во која тогашните македонски бендови посегнаа по музиката на бендот беше сосема логичен и легитимен потег на таа генерација растена на нашата идеја. На почетокот на 2000 година тапанарот Жарко Серафимовски и Горан Таневски излегоа со идеја да го продолжиме МИЗАР. И Ристо Вртев плус да пее. Ни на крај не ми беше да продолжам со МИЗАР. Се приклучи и Горан Трајкоски и во тој состав ја направивме и ја снимивме „Почесна стрелба“, продолжеток на песната „Извор“ од КИСМЕТ. Потоа, Таневски се откажува од идејата, по него си замина и Вртев и остана само Трајкоски… и така се роди нашиот трет албум „Кобна убавина“.
Последниот албум на МИЗАР – „Вечна празнина“ беше работен со екипа на музичари од неколку генерации и објавен од словенечки „Далас рикордс”. Со оглед на тоа дека тебе лично никогаш не ти недостигале енергија и ентузијазам како го планираш натамошното делување на бендот?
МИЗАР продолжува понатаму. Тоа за право ни го даваат серијата настапи што ги имавме во големите градови од поранешна Југославија… Љубљана, Загреб и посебно Белград. Веќе имаме договорено неколку настапи што треба да се одржат летово. Со отворен ум и чисто срце веќе работам и на нов материјал. Во пресрет на овој концерт во Филхармонија со хорот ХАРМОСИНИ го снимивме и првиот нов синг и тој би требало да биде публикуван наскоро. Верувајте ќе не има со многу музика и нови емоции, гордости и енергии.
И, кога сме веќе кај изданијата во текот на мај годинава мариборски „Хелидон“ планира да го објави првиот албум на МИЗАР, плочата која одамна има култен статус кај колекционерите не само во земјите од поранешна Југославија туку и воопшто на Балканот. Каков е денес твојот однос кон песните, енергијата, пораките и поетиката забележани на неа?
На наше, посебно на мое огромно задоволство словенечката издавачка етикета „Хелидон“ ќе го реиздаде веќе антологискиот прв албум на МИЗАР. Како автор горд сум на фактот што нашиот првенец многумина го вбројуваат во 10-те најзначајни и најавангардни музички остварувања во некогашната заедничка држава. Впрочем тоа е и плочата за која и ден денес има толку голем интерес не само кај современиците кои растеле со неа туку и кај младата публика која со сите сили се труди да проникне и да ги осознае вистинските вредности од тоа време.
Од друга страна, кога ваквиот процес на реобјавување на херојските изданија од современата македонска продукција е веќе реалност, може ли да се случи наскоро на винил да се најде и единствениот албум на КИСМЕТ? А, зошто да не и твоите изданија работени при престојот во Австралија.
Зошто да не! Кога вака зрело ќе се вратам назад и ќе посегнам по таа музика гледам колку таа била над еден куп работи кои денес се потпишуваат и со лагодност се исфрлаат на дискографскиот пазар. Затоа ми се чини дека треба убаво да се размуисли и за еден таков чекор. Ќе видиме. Времето ќе покаже.
И за крај на овој разговор ќе ти кажам дека секогаш сум се прашувал што е она што го тера напред Горазд Чаповски? Кое е твоето животно и творечко мото?
Радоста на создавањето е мојата суштинска движечка енергија. Се чувствувам благословен што можам да го правам она што го сакам и во што цврсто верувам. И затоа за себе мислам дека сум тврдоглав Егеец кој никогаш не се откажува. До последен здив!