Buffering ...

ДИНО ИМЕРИ   Човек треба да ја бара својата автентичност и уникатност

октомври 20, 2023

 

Само во овие два месеца, Дино Имери, уметник и еден од најреномираните македонски пијанисти, ќе потпише неколку исклучително значајни настапи. По отворањето на фестивалот „Златна лира“, тој на крајот на октомври ќе одржи концерт во Кралскиот колеџ за музика во Лондон со што ќе бидат одбележани трите децении билатерални односи меѓу Велика Британија и Македонија, на 19 ноември, во хрватскиот Државен архив во Загреб, ќе свири на историскиот инструмент „Pleyel“ од 1924 година и конечно на 4 декември, во Камерната сала на Филхармонија, со диригентката Маестра Дијана Имери Илкоска, ќе го потпишат проектот „Музика и поезија – вечер со музиката на Шопен“.

 

Љупчо Јолевски

 

Педатните хроничари во своите белешки и документи за историјата на современата македонска музика, за нашата автентична култура ќе забележат дека Дино Имери, како изданок на лозата врвни домашни музички дејци, е роден 1990 година. ТРиесет и три години подоцна тој се смета за еден еден од најреномираните македонски пијанисти на новата генерација класични музичари. За творец и уметник кој надолго и нашироко по светот го претставува македонскиот пијанизам и нашата самосвојна музичка мисла. Своето образование го стекнал под менторство на професорите Људмила и Борис Романов (во чија класа и дипломирал на ФМУ во Скопје со Кум Лауде), како и на професор Симон Трпчески во чија класа, на само 22 годишна возраст, магистрирал со просек 10 и со почести Кум Лауде.

Во својата досегашна дејност, тој остварил многубројни настапи во Македонија, но и во странство: Загреб (отворање на циклус „Пијано фортисимо“, спектакуларен концерт кој поминува со 4 биса по редовната програма), со Стразбуршкиот филхармониски оркестар (француска премиера на Концертот за пијано и оркестар од Дамир Имери), со Софискиот филхармониски оркестар (со изведба на Концертот бр.3 од Сергеј Рахмањинов), на фестивалите во Европа.

Дино Имери поодамна е вбројан во 10-те најдобри европски пијанисти, а  во 2010 година, потпиша двегодишен договор со Европската пијано програма – проект кој му ги отвори интернационалните сцени во Франција, Австрија, Полска…

Во 2013, во соработка со ФЕЈМС, го објави своето прво издание со музика од Хајдн, Бетовен, Лист и Брамс, редовно одржува рецитали, често настапува со разновидни камерни ансамбли, а пред три години за PMG Jazz излезе и неговиот авторски албум „Reflections“.

И, тоа се записите кој донекаде за заокружуваат сликата за овој стамен уметник, а во сегашноста тој исправено ги прифаќа предизвиците што излегуваат пред него. Тргнува одовде и мислата и умешноста му фрлаат далеку славејќи го него како уметник, професор на Академијата и секако творец на чии дела допрва ќе бидеме сведетели. А, разговорот подолу е едно од можните сведоштва за актуелниот миг.

 

На средината на октомври, заедно со тенорот Михајло Арсенски, посегајќи по делата на Дебиси, Рихард Штраус и македонските темелници Скаловски и Зографски, го сторивте свеченото отворање на годинешната „Златна Лира“, фестивалот зад кој стои Сојузот на музички уметници на Македонија. Какви се импресиите од овој чин и што значат ваквите настапи за тебе како уметник во времево на измешани лончиња во културата и посебно општеството во кое „живуркаме“?

Морам да признаам дека последниве две-три години престанав со камерни соработки и дуо-рецитали бидејќи одлучив целосно да се посветам на моите солистички рецитали и гостувања со оркестри. Одлуката да се вратам кон една ваква соработка беше редок исклучок, пред сѐ поради Михајло кого го почитувам многу како професионалец, а огромен мотив беше и програмата која за мене беше сосема нова и иновативна. Голем предизвик е да се изведат Четирите последни песни од Рихард Штраус, а вљубеник сум во македонските вокални дела, како и поезијата на коja тие дела се поставени. Убаво е да се доживее настап во преполна сала дома како што беше случај на отворањето на “Златна Лира” што секако дава надеж дека сепак постои интерес кај публиката за овој тип на манифестации и уметнички креации. Сѐ додека постои публиката ќе постоиме и ние за нив.

Колку ваквите пројави и воопшто културните проблесоци оставаат простор да се размислува дека сеуште има надеж. Дека борбата за нашето подобро утре треба да се води секој нареден ден наспроти сите закани и притисоци, независно од каде и да доаѓаат?

Најпрво, помислата дека само нам денес ни е тешко е една силна илузија. Ги споменавте Скаловски, Зографски, Прокопиев. Јас лично знам многу приказни и анегдоти за нивните времиња кога една цела генерација на уметници морале да ги создадат институциите буквално од темел кои денес ги земаме здраво за готово. Тешко ни е да замислиме дека постоело време во Македонија кога не постоела Филхармонија, или Опера и Балет. Дека немало Факултет за музичка уметност или пак основни услови за вршење на уметничката дејност. Секогаш било тешко и секогаш ќе биде тешко, но борбата дефинитивно треба да се води секој ден и со големо достоинство и гордост. Денес за жал го гледаме спротивното – уништување на постоечките институции и третирање на истите како лична сопственост. Секогаш ќе бидам против луѓе-институција чии апетити нема никогаш да бидат задоволени – луѓе за кои ништо не е свето и живеат исклучиво да зграбат сѐ што можат во моментот. Нашата средина е позната по негрижата за своето духовно наследство и многу брзо ги заборава своите вистински херои на чие место доаѓаат оние помодарските. Но, сакам да верувам дека и на тоа ќе му дојде крај, дека сепак и тоа е некаков циклус.

 На 25 октомври Дино Имери го чека еден значаен меѓународен проект. По повод убавиот јубилеј – 30 години билатерални односи меѓу Македонија и Велика Британија, во Лондон, на концертот во Кралскиот колеџ за музика во Лондон, како солист на пијано и во придружба на хрватскиот пијанист Ведран Јањанин, ќе ги свирите делата на македонските автори но и оние на Холст, Рахмањинов, Лутосавски… Колку за еден уметник, независно протоколарноста, се значајни ваквите интернационални претставувања? Отвораат ли простор и за еден постамен исчекор на европската, светската музичка сцена?

Интернационалните претставувања се веќе нормален дел од мојата дејност, најверојатно бидејќи моите први такви настапи се случуваа многу рано во мојата кариера. Веќе на 19-годишна возраст започнаа моите претставувања надвор од границите на Македонија, а на 21-годишна возраст бев рангиран во 10-те најдобри европски пијанисти според Третиот Европски Пијано Конкурс во Франција. Во тој момент мојата кариера се претвори во европска кариера, а експлодираа понудите, гостувањата и патувањата. Така што Лондон доаѓа по некој природен пат и во вистинското време. Се чувствувам спремно да се носам со големата одговорност бидејќи не е мала работа да ја претставувате културата на една држава на еден ваков свечен настан во еден од најголемите културни центри во светот. Изборот на програма, гостинот, престижната сала на Кралскиот колеџ за музика ветуваат една достојна промоција на нашата земја. Во оваа прилика би сакал да се заблагодарам и на нашата Амбасада во Лондон на чело со г-ѓа Билјана Глигорова за огромниот ангажман и посветеност, како и на Министерството за Култура за поддршката на овој значаен настан.

 

Македонија изнедрила бројни музички таленти – композитори, инструменталисти, музичари кои се ценети во средините во кои што творат и настапуваат. Несомнено е дека нивниот пат до успехот не бил лесен, сигурно требало многу откажувања, но како одовде и ваквиве услови да се стигне некаде повисоко, полесно да се отворат портите на концертните сали со звучни имиња, сериозните дискографски компании… и така со ред?

Мислам дека секој случај е индивидуален и посебен. Не постои една формула да се продефилира на светските сцени. Секако голем проблем е недостигот од професионални концертни агенции кои ќе работат на тоа да ги промовираат нашите уметници во странство. Но, едно е сигурно – човек треба да ја бара својата автентичност и уникатност, а токму тие два квалитети ги издвојуваат уметниците од толпата и со тоа отвораат многу порти.

Во контекст на ова, на 19 ноември, Дино Имери во Загреб, Хрватска, во Државниот архив, ќе свири на историскиот инструмент „Pleyel“ од 1924 година, инаку сопственост на Светислав Станчич – таткото на хрватската пијанистичка педагогија. На програмата дела од Де Фаља, Момпу, Равел, Бизе-Хоровиц… Претпоставувам дека со нагласена љубопитност го очекуваш овој настан, особено ако се знае дека ти поодамна си миленик на тамошната публика. Сепак, со какви мисли, емоции, борби во себе… се подготвуваш за овој настан?

Ова е мое четврто гостување во Загреб, а второ во рамки на овој престижен пијано циклус. Минатиот пат кога гостував доживеав целосно распродаден концерт, а изведов четири биса по редовната програма. Имаше навистина фанатична атмосфера која не може да не Ве инспирира да го дадете својот максимум. Низ годините се стекнав со многу пријатели и познаници таму, а веќе имам и своја верна публика во Загреб. Сето тоа ме мотивира одново да пронаоѓам начини да ја изненадам публиката, а со такво чувство секако не се тешки долгите часови, денови, месеци припрема на програмата. Дополнително, на ова пијано кое го споменавте свират само одбрани пијанисти со специјална дозвола, а по минатиот настап организаторите ми направија голема чест со тоа што ме замолија да го потпишам својот автограм во внатрешната плоча на инструментот како еден вид гест да остане и моето име врежано во историјата на инструментот. Убави се тие работи, навистина покажуваат еден поинаков однос и почит кон музиката и музичарите.

И, овде не е крајот на набиената концертна агенда. На 4 декември, во Камерната сала на Филхармонија на РСМ, со вашата сопруга истакнатата  македонска диригентка Дијана Имери Илкоска, ќе го потпишете  долгоочекуваниот сценски проект „Музика и поезија – вечер со музиката на Шопен“. Како е замислен овој настан и колку тој по премиерното претставување со ИД Камерниот оркестар ја има можноста за мобилност. Овде дома во Македонија или уште повеќе во регионот. Од што би зависело сето тоа?

Мислам дека овој настан ќе биде возбудлив и подеднакво интересен и за стручната јавност, како и за луѓе кои можеби прв пат ќе се најдат на концерт каде се изведува класична музика. Појдовната точка е секако музиката на Шопен која во себе носи посебна убавина, а новитет е изведбата на неговиот Втор клавирски концерт во формација пијано и камерен оркестар. Може да се каже дека на еден начин бараме еден поинтимен пристап кон ова дело, а не случајно изборот на простор падна на Камерната сала на Филхармонија. Особено ми е драго што ќе ја делам сцената со навистина одбрани фантастични музичари – Камерниот Оркестар ИД и нашата Маестра Дијана Имери Илкоска. Ние веќе сме во преговори за носење на овој проект надвор од државата, а тоа се разбира пред сѐ зависи од финансиите. Но, добро е да се потенцира дека веќе постои голем интерес за овој проект и дека ќе ни биде особено драго да го споделиме со скопската публика.

Конечно, сиве овие прашања некако се врзани со изведувачката активност на уметникот Имери. Но, што прави во меѓувреме композиторот Дино? Имаше ли време да им се посвети на своите творби. Нешто да напише, сними… Кога да го очекуваме неговиот нов носач на звук со авторска музика?

Одлично прашање. Мојот последен авторски запис се најде на плочата “New Wave” Kraj Vardarot Jazz 2 во издание на PMG Jazz објавено во Декември 2022. Можам да кажам дека ме радува Вашето прашање бидејќи на еден начин претставува и интерес за една друга страна од мојата уметничка личност која не ја споделувам многу често со јавноста. Во овој момент можам да откријам дека летово интензивно работев на еден нов циклус за соло пијано кој е директно инспириран од книга на македонски автор. По завршувањето на оваа интензивна изведувачка турнеја планирам да се навратам на овој материјал и да го финиширам. Она што е ново, исто така, е што овој циклус ќе биде посветен на друга пијанистка во чии раце ќе прозвучи и премиерата на ова дело. Имам целосна доверба дека таа ќе ја оживее партитурата волшебно, но ете да ги оставиме деталите за нашиот следен разговор кога ќе можам да ја откријам и целата приказна позади оваа творба.