Buffering ...

Мухамед Ибрахими – „танчер“ по жици

ноември 4, 2023

„Скриениот гитарски бисер“,  по половина година еве го со својот „балкански блуз“ повторно во Камерната сала на Филхармонија. Овојпат, со себе ќе ги има неизбежниот Ратко Даутовски, пијанистот Бобан Мирковски и пејачката Агни Авшар.

 

Љупчо Јолевски

 

Ова извира директно од мене и не е некоја школа на овој или на оној. Едноставно тоа што го чувствувам тоа и го свирам. Сето тоа се собрало во мене и преку играта на прстите сум се обидел да им го пренесам и на другите, на оние кои ме слушааат.

Ова се зборовите со кои Мухамед Ибрахими, виртуозот на гитара, мандолина, шаркија, саз…  онака како што му прилега на неговиот карактер, ќе ги  измери и каже за себе. И, толку. Штедлив на зборови, посебно кога е самиот во фокусот, тој повеќе од две децении е бележан како „скриениот гитарски бисер“, инструменталист кој е маестрален на сцена и за чии концертни настапи се бара карта повеќе, но уште повеќе како автор чиј неконвенционален пристап на инструментариумот се потпира на интуинтивноста и моменталната инспирација. За неговите композиции, неговите музики, е забележано дека се „автентична хемија каде се допираат, вкрстуваат…повеќе современи стилови. Каде блузот со невидена леснотија преоѓа во амбиент обоен со ориенталната традиција и балканскиот фолклор, за потем да уследи бура од рески гитарски рокенрол акорди ( нека биде и дисторзии) или само за момент да се чествува слободата за звучна (ако сакате и џез) импровизација… „елегантни и храбри комбинации“ преполни со емоции и енергии кои ве водат во низ „уникатни и преубави предели“. Слики од имагинарниот филм на мудрецот кој вешто пребира со прстите по жиците небаре од тоа му зависи одот по водата и од неговите придружници кои со силината на сопствените таленти и споделени емоции го следат во играта со публиката.

И, да се вратиме малку погоре на речените зборови. Ибрахими ова го кажа во февруари 2014 година, кога беше обелоденет неговиот деби инструментален албум со симболично одбран наслов „Fly“, и зад кој тогаш застана независната издавачка куќа „ПМГ рикордингс“ од Скопје.

Конечно излезе сето тоа што јас си го пожелував да ми се случи од самиот почеток. Инаку, првично беше планирано да снимиме три-четири песни, но како што одеа работите рековме, всушност Сецко (Сеад Хаџиќ – ЛАСТ ЕКСПЕДИШН, МУГЕР ФУГЕР…) инсистираше, да снимиме многу повеќе затоа што знаеше дека имам што да понудам. Конечно одбравме осум нумери, иако морам да кажам дека имам куп материјали некаде во архивите, за кои се надевам дека еден ден ќе се најде место на некое од идните изданија, ќе рече тогаш Мухамед, појаснувајќи дека во студиото околу него и Сецко биле и Џоле Максимовски (бас), Андреј Анастасов – Даскаловски, Ратко Даутовски, Сашко Костов и Мите Димовски (сите четворица на перкусии и тапани)..

 

Пет години подоцна, за истиот издавач ПМГ Рикордингс, се појави и Devotion, како албум кој го стори потребниот исчекор напред и дело кое Мухамед Ибрахими го потврди како исклучително зрел автор чиј свирачки и композиторски талент со ништо нема да може да биде ограден, Тивок пламен што несомнено ќе се разгори во времето на продавање ефтини звучни приказни. Чисто за пример, само слушнете ја „Perdonami“ . Инаку, овде крај него беа повторно Ратко Даутовски, Благојче Пенов и Димитар Петров на тапани, Никола Бочваров на бас, Дејан Ефремов задолжен за ефектите и Фјола Исмаили на виолончело. Екипа на инструменталисти која безмалку до денес не може да му оддолее на предизвикот од време на време да го придружува на концертните настапи зависно како тој милува да го  предизвика  гледалиштето.

И, овде нема да ги набројуваме перформансите што во меѓувреме спорадично се редеа, но интересно и актуелно е тоа што по нешто повеќе од половина година, Мухамед Ибрахими повторно и се враќа во Камерната сала на Филхармонија. А, aко во март годинава крај себе ги имаше Ѓоле Максимовски на бас, Ратко Даутовски на перкусии, Фјола Исмаили на виолончело и Никола Стојмановиќ на мандолина, во вторник на 6 ноември, ветар во грбот освен Ратко како неизбежен соработник ќе му бидат и Бобан Мирковски на пијано и пејачката Агни Авшар.

Говорејќи за ваквото решение, за посакуваната поинаква звучна слика и личната музичка мисла, Муки со појаснување:

Идеите заедно со чуствата кои ме водат при креирањето на моите дела, сами по себе отвараат една поширока платформа во која до израз  доаѓаат можностите за вклучување дополнителни, соодветни инструменти како пијано и слично… па и вокал којшто публиката ќе има можност да ги чуе за прв пат на овој мој настап во Камерната сала на Филхармонија. Значи,ќе има поинаков инструментариум но ќе остане мојата желба  при сето тоа да не се изгуби автентичноста на она што значи Мухамед Ибрахими како автор.

 

А, на прашањето зошто досега не се осмелил да ги документира и да ги стави на носач на звук своите концертни настапи на кои е евидентна свирачката виртуозност, емоцииите, пројавената енергија и тивката експлозивност која ескалира до бура воодушевување, Муки со одговор.

Искрено не знам што да кажам на ова. Не дека немам желба, волја или не би сторил напор но… Напротив. Сепак, никако да се придвижат натаму работите. Во ред, знаеме во кое време живееме, дека и се нема многу пари за културата ама… Еве, ќе кажам и тоа дека веројатно и би се нашле средства само јас треба да се натерам на таков чекор, оти идејата е повеќе од интересна. Ајде, ќе речам ќе биде многу скоро.

Од друга страна, на забелешката дека како гитарист во една од почетните формации на култните БЛА БЛА БЛА кој низ времето тесно соработувал со Идриз Амети, посебно сега кога тој пак исправено стои и зад проектот ТОКА ШИТЕТ, убаво би било да го разбудат стариот пламен и да се најдат повторно заедно на сцена или во студио, Ибрахими со појаснување:

Идриз ми е многу повеќе од соработник. Тој ми е музички собеседник со кој сум имал исклучителна соработка не само во времето кога сме биле во БЛА БЛА БЛА туку и многу потоа, па и денес. Другариште. Со него растев, свирев се дружев и сеуште се дружам – ретка личност. Се разбира во нашите средби сме ја зачнале и таа тема и мислам дека во некоја блиска иднина ќе има и таква соработка

А, по констатацијата дека концертите, музиките, изданијата, соработките, средбите … го менуваат секој уметник, автор, изведувач… следува и прашањето: Колку од почетоците, од првите акорди по жиците, од напојувањата со инспирации, пробите во осама… се сменил Ибрахими? Која била неговата првична идеја за музика, а која е денес?

Почетоците ми беа со БЛА БЛА БЛА… и тогаш свиревме панк 😊, нешто што мене не ми беше можеби соодветно но беше СИЛНО, ЕНЕРГИЧНО… а јас бев млад. Во 1991година учествувавме во Нови Рок – Љубљана. Тоа беше мојот прв настап на голема сцена, пред многубројна публика . Едвај чекав да се качам горе и техничарите да ми помогнат да го наместам звукот на огромните Маршал појачала кои за мене тогаш беа научна фантастика. Беше прекрасно. Незаборавно. Тогаш свиревме и композиција која ја компонирав пред настапот, а која воопшто не беше и не личеше на панк … имаше 23 акорди или ако сакате дура кои потоа ги скративме на 21, пошто многу билo 😊 … Идриз го напиша текстот, а подоцна ја снимивме во Скопје на четири канална миксета. За жал композицијата не е на ниту еден од моите албуми, а ни на оние на БЛА БЛА БЛА … Остана да си го чека своето време и јас се надевам дека како инструментал ќе ја ставам на мојот нареден абум. Го кажувам ова за да го поврзам тогашниот и сегашниот Мухамед Ибрахими и за да констатирам дека од секогаш јас сум бил овој истиот со единствена разлика што сега сум веројатно посериозен, по студиозен… што многу повеќе внимавам на ова што го работам и што духот на  компонирањето продира многу подлабоко во материјата на која и се посветувам.