Триото АУРА, кое го чинат македонските уметници Страшо Темков, Марјан Милошевски и Ана Гацева, е годинашниот добитник на наградата „Златна лира“ што ја доделува Сојузот на музичките уметници на Македонија за врвни уметнички достигнувања. По тој повод, со пијанистката говоревме за „петтиот елемент“ – љубовта кон музиката, сценската магија, камерното музицирање, препознавањето на уметничките дострели во општеството …
Љупчо Јолевски
„Ана Гацева… свири со ненаметлива, но евидентна супериорност, особено во поглед на длабоко осмислената интерпретација. Невообичаените артикулациски и звучни иновации пијанистката многу умешно ги долови со мекиот заоблен тон. Интригантно, богато и привлечно!“
(www.smum.mk)
„…Толку моќно, толку прекрасно. Од екстремно експресивно, до најспокојно…таа ни го одзема здивот!, носејќи ги изведбите на Андреевска, Димушевски, Бакрнчев со многу страст, сила и виртуозност. Не погали и со врвната, мајсторска интерпретација на дела од Шуман, Дебиси… Можеме само да посакаме повторно да ја чуеме нејзината изведба…„
(Де Хооп, Холандија)
„…под прстите на пијанистката Ана Гацева, Концертот звучеше топло, со богат, длабок оформен тон и експресија која, преку прецизната ритмика и мелодика, ви го доловува шпанскиот сензибилитет…Гацева ја даде непоходната пулсација на пијаното, креирајќи една ретко експресивна изведба!…„
(Вест)
Ова се само мал дел од рецензиите за интерпретацијата на Ана Гацева, македонската уметница за која се вели дека му припаѓа на самиот врв на македонското концертно пијано.
И, тука работите се јасни. А, посегањето по нејзината биографија на виделина ги вади и следните моменти. Дипломирала пијано на ФМУ во Скопје како најдобар студент на генерацијата на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ и магистрирала со признанието cum laude во класата на проф. Стела Слејанска. Паралелно, дипломирала и магистрирала пијано и камерна музика на светски реномираната музичка академија Ecole Normale Superieure de Paris Alfred Cortot во класите на проф. Рамзи Јаса и Шантал Дебуши, стекнувајќи се со највисоката диплома за пијано-концертист.
Во текот на својот тригодишен престој во Париз, Гацева е ангажирана како соработник на Академијата и е стипендист на Академијата и на француската влада. Таа остварува и долгогодишна соработка со проф. Моник Дешосе, наследник на светски познатата пијанистичка школа на големиот пијанист и педагог, Алфред Корто. Стела Слејанска, Моник Дешосе, Рамзи Јаса, Шантал де Буши, Штаркман, Молова, Захариева, Акилес дел Вињ, Сајмон Јанг, се само дел од реномираните педагози – пијанисти со кои Гацева ја гради својата едукација.
Патот на усовршувањето ја води и на светски познатата „Моцартеум Академија“ која ја завршила во класата на проф. Акилес Дел Вињ, како нејзин најмлад учесник и стипендист. Во 2005 година, како добитник на Темпус Грант (во рамки на образовната ТЕМПУС програма на ЕУ) престојувала на Тринити Колеџот во Лондон. Докторската дисертација по пијано интерпретација ја одбранила (2007.) под менторство на проф. Емеритус Сајмон Јанг од Тринити Колеџот од Лондон и проф. Димитрије Бужаровски од ФМУ, Скопје.
Гацева е автор на книгата „Пијанистички техники во концерти на композитори-изведувачи од светската музичка сцена“ (2008.). Во 2021 година издава солистички носач на звук со дела од светската и македонска пијанистичка литетарура.
Ментор е на голем број студенти на додипломски, постдипломски и докторски студии на ФМУ. Студентите од нејзината класа по пијано и камерна музика се добитници на домашни и меѓународни награди. По покана била член на жирија на натпревари по пијано интерпретација и камерна музика во својата земја и надвор од неа и редовно одржува мастер-класи на Музичката Академија во Ерусалем, Израел, Тринити Колеџот во Лондон, Англија итн.
Покрај тоа, Ана Гацева има мошне богата концертна кариера: солистички рецитали, гостувања со оркестри и настапи во повеќе камерни формации. По покана на угледни сали и институции, концертира во цела Европа и САД.
Кон ова само уште информацијата дека таа е добитник на високата награда „Георги Божиков“ за најдобар музички изведувач, која ја доделува Сојузот на композиторите на Македонија, а годинава со ТРИО АУРА, во кое една цела деценија музицира со своите колеги – флејтистот Страшо Темков и Марјан Милошевски на фагот, станаа добитници на наградата „Златна лира“ што ја доделува Сојузот на музичките уметници на Македонија за врвни уметнички достигнувања.
И, овде некаде започнува разговорот со Ана Гацева, уметница, пијанистка, педагог…
Во образложението на одлуката ќе биде забележано дека наградата ја добивате за вашата засилена активност во 2022 година и „изразеното чувство за експресивност, музичка симбиоза и компактност на звукот и изразот во вашето камерно музицирање“. Што значи ова високо признание за вас како уметници? Колку тоа може да биде поттик за натамошните усилби во вашето долгогодишно делување на домашната, односно интернационалната музичка сцена?
Одржливоста на нашата професија како репродуктивни уметници се наоѓа во силата на нашиот дух и безусловната љубов кон музиката, што подразбира многу откажувања и посветеност. Од друга страна, професијата не ни е мошне профитабилна, а за жал не е ниту доволно ценета, барем не во Македонија. Затоа, признание какво што е „Златна лира“ за врвни уметнички достигнувања, кое што доаѓа токму од елитната музичка фела, е голема радост и секако, претставува поттик за натамошно делување на нашето трио.
Која беше своевремено идејата водилка за настанок на ТРИО АУРА? Што е она што ги обедини флејтистот Страшо Темков, Марјан Милошевски на фагот и пијанистката Ана Гацева? Останавте ли през годините доследни на изворните постулати и кои се дострелите што си ги претставувате пред себе во годините пред нас?
Пред десет години не’ обедини музиката на македонскиот композитор Кокан Димушевски. Додека ние како трио „во идеја“ сеуште разговаравме и смислувавме програм и концепт за нашиот прв концерт, тој (Кокан) напиша музика за целовечерен концерт за триото, одушевен од оригиналниот звук и спојот на нашите три инструменти. Се сеќавам на таа соработка и нашите први концерти во Битола и Кавадарци… И еве не сега, по десет години – по многу проби, креативни дискусии, разменети идеи, поминати патишта, изградени искрени пријателства и доверба со Страшо и Марјан, со повеќе од педесет концерти на домашната и меѓународната сцена, на фестивали и различни подиуми – сеуште со истиот елан и радост создаваме музика! Ние сме пред се пријатели и колеги со сличен музички сензибилитет, експресивност и хуманистички визии и верувам дека токму тоа придонесува заедничката соработка да ни биде мошне инспиративна, флуидна и лесна.
Оваа година, триото прослави десетгодишен јубилеј. Горди сме на сите успеси зад таа значајна бројка, на сите заеднички искачени Хималаи. Концертната турнеја, со која во полн сјај го одбележавме јубилејот, опфати настапи со внимателно одбрана програма и тоа во Загреб, Ниш – фестивал НИМУС, Охрид – Охридско лето, Бања Лука – фестивал Јесења соната, Скопје, а заврши во Битола и Кавадарци – симболично онаму, каде што започна и нашата приказна.
Како поодамна признаени врвни македонски уметници, солисти со сопствени интернационални кариери, сигурно не било лесно да го стивнете сопственото его и да ја достигнете потребната хемија за една ваква формација. Што е она што ве води напред и ве тера успешно да ја испишувате сторијата за ТРИО АУРА? Конечно, пред кои предизвици сте исправени во догледна иднина?
За да еден камерен состав остане имун на искушенијата на времето, да опстои и при тоа да ја задржи свежината во заедничкото делување, потребно е да се усогласат во совршена рамнотежа многу професионални елементи: интерпретациското ниво на уметниците, музичкиот сензибилитет, интуиција и вкус, техничката подготвеност, музичката зрелост и артизам…Притоа, значајно е да се посочи дека квалитетот на камерниот состав не е детерминиран од тоа дали тој обединува уметници – врвни мајстори на својот инструмент. Тоа не е доволно. Камерното музицирање подразбира симбиоза на изведувачи кои, ослободени од личното его создаваат еден заеднички возвишен глас, а со „петтиот елемент“ – љубовта кон музиката, како и почитта и разбирањето еден кон друг се случува и сценската магија. Верувам дека токму добриот баланс на сите овие значајни чинители во нашето трио, е тој кој ни дава поттик и инспирација да продолжиме и понатака да ги освојуваме концертните сцени.
Но, опстојувањето на еден камерен состав не смее да зависи само од личните заложби на уметниците, туку и од грижата на државата за нивниот пласман надвор од земјата. Последново недостасува. Ова често го повторувам и очигледно е горлив проблем со којшто се соочуваме… и не само ние. Покрај проектите кои што Министерството за култура ги поддржува со својата годишна програма и кои покриваат дел од нашата актива, останатиот пласман зависи од нашите лични контакти во странство. Да се надеваме дека во блиска иднина конечно ќе се оформи толку неопходната концертна агенција, чија што основна задача и цел ќе биде афирмација на македонските уметници низ светот! Уметниците и нивните креативни дострели се огледало на државата и тие се нејзини најдобри амбасадори. Тоа треба да биде препознаено.
Овде некаде, ја издвојуваме пијанистката Ана Гацева и ја прашуваме како таа лично ги бира колегите, исто така врвни уметници ( еве овде ќе ги спомнеме само Татјана Џорлева и перформансите со четирирачно пијано, потем Билјана Камчева…), со кои се искачува на сцена? Што ви е вам притоа пресудно? Колку притоа сте подготвени да исчекорите од вашата лична комформа зона? Да експериментирате со изборот на композиторот, музиките и начинот на кој би се изразиле пред публиката?
Камерната музика е моја втора љубов. Имав желба да ја материјализирам таа љубов и да истражувам во сферата на различните изразности на инструментот и музиката. Така, паралелно со студиите по пијано во Париз, на патот на усовршувањето дипломирав и магистрирав и на одделот по камерна музика. Уште од тогаш датираат моите драги соработки со врвни музичари од светот, некои од нив тогаш млади, а денес веќе етаблирани концертни уметници. Тука би ги споменала Лев Пупис (саксофон), Елена Стојчевска (флејта), Бруно Филип (кларинет)… Марсел Вормс (пијано), Питер Шепард (виолина), Михаило Трендафиловски (виолина) … тоа беа исклучително пријатни и инспиративни колаборации, неуморна работа над интересни и комплексни програми и реализирани концерти со високи уметнички дострели. Верувам дека камерното музицирање и овие соработки кои произлегле од него ме збогатиле како уметник и одделно, како солист.
Изборот пак на делата, од друга страна, е многу интересен и динамичен процес што секако треба да се заокружи во една единствена приказна- заеднички прифатена и раскажана од сите членови на составот. Во изминатите триесеттина години со моите колеги концертно сме презентирале огромен број на дела од различни епохи и стилови, како резултат на нашата определба да обединиме композиции од класичната литература до современите дела. Некои од нив биле премиерно изведени, а други – напишани и посветени токму на составите во кои сум делувала. Веројатно, ваквата разновидност на репертоарот е природен одраз на мојата уметничка љубопитност и отвореност кон совладување на нови квалитетни звучни светови, јазик и експресија.
Во една прилика ми рековте дека кога сте на сцена зад пијаното „секогаш се обидувате да ја пренесете на најискрен можен начин својата, но и идејата на композиторот“. Дека притоа пред себе си поставувате тешка задача „да зборувате без зборови, да раскажувате без слики…во раскажувањето на приказната и ловењето на контактот со публиката“. Веќе со драгоцено искуство зад себе, верувате ли и натаму во оваа ваша заложба?
Таа заложба не е сменета, затоа што и тогаш, како и сега, произлегува од мојата природа, негувањето на личниот уметнички израз и глас и односот кон музиката, воопшто.
Од мали нозе бев вљубена во музиката, пијаното и сцената. Професорите ми велеа дека сум сценски тип на пијанист, што подоцна сфатив дека значи музичар кој го дава најдоброто од себе токму на сцената, дека таа додатно го инспирира уверливо да креира и покрај неизбежната трема од сценскиот настап.
Уште како малечка, додека свирев гледав слики, а секој отсвирен тон за мене беше збор којшто морав да го раскажам …И ден денес тоа е непроменето. Длабоко верувам дека нашата мисија како музичари е верно да ја оживееме идејата на композиторот, да и вдахнеме наши бои и изразност, а со љубовта и искрениот глас, да допреме до публиката.
Сте настапувале од Скопје преку Париз, Виена, Дрезден, Киев, Софија, Загреб и Белград до Њујорк… Зад себе имате импозантна бројка на концерти од кои половината на сцените по светот. Притоа покрај творбите на класиците често посегате и по делата на современите македонски композитори Гоце Коларовски, Илија Пејовски, Јана Андреевска, Михаило Трендафиловски, Мајкл Бакрнчев…Честопати знаете да кажете дека „македонското творештво е свежо и привлечно“, но сепак тлее ли во вас желбата да му се покаже на светот дека и ние имаме со што да се гордееме? Дека со ништо не заостануваме во таа глобална културна творечко-изведувачка понуда?
Како припадник на мала нација и држава која во последните децении е прилично негирана, се разбира дека имам постојана желба да го покажам спротивното – имено, дека во нашата Македонија виреат прекрасни таленти, дека се создава врвна музика со современ израз којшто е оригинален и во многу елементи авангарден, конкурентен на глобалната сцена. Сум соработувала со голем број македонски композитори, дел од нивниот опус секогаш се наоѓал на програмата на моите концерти насекаде низ светот, моите изведби се поместени на нивните носачи на звук… а на моето CD издадено во екот на пандемијата – 2021 година, покрај делата на Хајдн, Рахмањинов, Шопен, Скрјабин, сосема природно се најдоа и современи дела од моите пријатели Јана Андреевска и Мајкл Бакрнчев. Делата на македонските композитори на моите рецитали надвор од Македонија секогаш беа прифаќани со воодушевување од публиката, што е најдобра потврда за нивната оригиналност и квалитет.
Како пијанистка со интернационална кариера, професор на Музичката академија и раководител на одделот, колку државава во која образованието и културата стално биле и се монети за поткусурување може да стори во идната едукација и афирмација на сопствените таленти?
Од минатата година сум раководител на одделот за клавишни инструменти и харфа на ФМУ и сум дел од управата на факултетот, па со тоа сум поактивно вклучена во грижата за пласманот на нашите студенти. Тимот на Управата на факултетот сестрано се залага за активна соработка со студентите, преку организирање на концерти, семинари, работилници, кои го осмислуваат и збогатуваат нивниот образовен процес.
Лично се трудам акумулираното знаење и искуство од европските академски центри во Париз и Лондон да им го пренесам и на моите студенти. Се разбира дека имало и има талентирани студенти, какви што беа на времето и Трпчески и Имери, кои заслужуваат во нив да се инвестира, и ние се бориме да ги задржиме во нашата држава, наспроти тенденциите за напуштање на земјата од страна на младите луѓе… Мојата заложба, а верувам и заложба на моите колеги, е студентите да добијат европско образование, да вложуваат многу во личниот развој, да ги шират своите музички и интелектуални хоризонти, бидејки сега е нивното време за акумулирање на знаења и искуства. Да го наоѓаат и градат својот личен изведувачки идентитет и стабилно да чекорат напред кон освојување на интернационалните концертни сцени.
Проблемите и предизвиците во образованието и културата се одделна тема, која пред се’ бара национална стратегија и поголем простор за сериозна анализа.
И, конечно зад вас е една успешна творечка година. До каде дофрлаат идните планови. Каков ви е изведувачкиот календар до крајот на оваа година и посебно за идното лето? Има ли на него големи и значајни концертни сали, фестивали, објави… и со кои / какви формации? Со што ќе ја израдува својата публика Ана Гацева?
Среќна сум што со децении наназад одржувам едно силно темпо на концертно делување, паралелно со професорската дејност и семејните обврски. Тоа темпо и во најтешки услови, во времето на короната, не се намали – останав верна на идејата дека културата и музиката го одржуваат духот на човештвото… и во минатиот период реализирав бројни солистички рецитали во Келн, Амстердам, Берн, Софија, Белград, а одржав и мастер-клас на Музичката академија во Ерусалим.
Во ова време-невреме, кога светот во континуитет го потресуваат војни и болести, а духот на човештвото е сериозно загрозен, се надевам дека ќе успеам да ја задржам силата на сопствениот, за да може да говориме за идни концертни успеси!