Buffering ...

ГОРДАН СПАСОВСКИ, џез музичар: Џез музиката е синоним за слобода, меѓутоа таа слобода носи голема одговорност!

декември 5, 2023

На 9 декември во Националната опера и балет во Скопје, ЗЏМ Биг бендот со заложба за продолжување на негување на вистинските и трајни вредности ќе ги свири ЛЕБ И СОЛ. Младиот македонски џез пијанист, композитор и аранжер Гордан Спасовски е еден од авторите на аранжамите за концертот. Со него говориме и за работата со триото, со БОПХЕДС, за другите соработки, инспирациите, влијанијата, предизвиците…

 

 

Љупчо Јолевски

 

Кога некој ќе ви каже дека подеднакво ужива во сите проекти од кои сум дел, а воедно и се радува, „бидејќи секој еден од нив носи свој предизвик кој ме мотивира да работам на себе и да се искачам еден степен повисоко на скалата на музичка зрелост“, тогаш однапред ви е јасно со каков тип на човек и уметник си имате работа.

Гордан Спасовски е македонски џез пијанист, композитор и аранжер. Вистински уметник од  новата генерација самосвесни млади луѓе. Инструменталист, аранжер и творец. Дипломирал на Џез одделот на Универзитетот за музика и сценски уметности во Грац, Австрија под менторство на проф. Олаф Полцин со оценка summa cum laude. Магистерските студии, пак, ги завршил под менторство на проф. Др. Сава Милетиќ на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот ,,Свети Кирил и Методиј” – Скопје. И, толку околу образовните формалности во неговата биографија.

Инаку, со триото во кое свири со тапанарот Виктор Филиповски и Кирил Туфекчиевски на контрабас, како соло пијанист и со неколку поголеми ансамбли како Биг Бендот на ЗЏМ, The Backyard Jazz Orchestra, БОПХЕДС, Bellucci Quartet, Гоце Стевковски Септет, Dzijan Emin & the Magical Orchestra, Македонска Филхармонија,  Спасовски зад себе има голем број настапи на европските џез фестивали како што се Belgrade Jazz БОПХЕДСFestival, Trieste Loves Jazz – International Jazz Festival, Venezia Jazz Festival, Brasov International Jazz Festival, Skopje Jazz Festival… како и голем број концерти во некои од престижните европски џез клубови –  Jazzclub Unterfahrt München, B-flat Jazzclub – Berlin, Blue Note – Osnabrück итн.

Згора на ова тој има настапувано со респектабилни музички имиња како Курт Елинг, Дон Менза, Николас Симон, Стефан Шулц, Петер Ехвалд, Владимир Николов, Мартин Ѓаконовски, Џон Илија Апелгрен … и други.

Името на пијанистот Гордан Спасовски можете да го видите и на албумите

„The Backyard Jazz Orchestra“ на  The Backyard Jazz Orchestra, „Live in Ohrid“ –  на Dzijan Emin and the Magical Orchestra, „No Need to Fit In a Mould” – AntiArt, „Different“ – Сашо Стојановски, „Ain’t nobody’s business“ – Igi Man, „B•Y•Z•A•N•C•E“ – ЉУБОЈНА со Македонска филхармонија и Џијан Емин…  И, да не заборавиме со БОПХЕДС го има свирачки потентниот „Live at the Phicharmonic“ и како круна на се доаѓа неговиот деби албум „Light Pillar“ ( едно прекрасно емотивно пијанистичко патешествие кое ретко кого остава рамнодушен).

И, да не заборавиме гостувал и на „Четворка“ на БАКЛАВА, “Homage to a dreamer” на Гоце Стевковски, “Incorporated” на Skopje Jazz Inc.

Како ко-лидер се појавува на „Midnight Conversation“, албумот на македонскиот џез вокалист Џон Илија Апелгрен, а автор е и аранжер на материјалот на албумот „Огледало” на Марија Димитријевиќ.

Негови композиции пишувани за Биг бендот на ЗЏМ беа изведени „Денови на Македонска музика 2020“, оние за BYJ Orchestra ги слушна публиката  на ,,Jazz Art’s workshop” во Подгорица и Цетиње во Црна Гора , беше еден од авторите на музиките за проектот ,, ZJM Big Band & Macedonian Guitar Heroes“, со неколку композиции за џез септет и гудачки оркестар беше учесник на фестивалот „Охридско Лето 2020“… Во неговата биографија ќе биде забележано и дека е автор е на музиката на мултимедијалната инсталација на Кирила Цветковска насловена „Leap Into a Point”, презентирана во Торуњ, Полска. Во 2021 година беше и  финалист на Интернационалниот натпревар за биг бенд композиција – „Helsinki International Big Bаnd Composing Contest, а во последните неколку години се појавува и во улога на пијанист и аранжер во Rona Nishliu & The New Big Band’’ од Косово, а дел е и од проектот на српскиот РТС Биг Бенд и Игор Винс.

И, овде запираме со набројувањето. Почетокот на декември е резервиран за ЗЏМ Биг бенд ги свири ЛЕБ И СОЛ!

Минатото лето, на свеченото доделување ордени на Бодан Арсовски, Влатко Стефановски, Никола Димушевски и Гарабет Тавитјан, членовите на легендарниот македонски бенд ЛЕБ И СОЛ во резиденцијата на претседателот Стево Пендаровски, настапи Биг бендот на ЗЏМ со свое видување на музиката на составот. Гордан Спасовски за оваа пригода  ги потпиша аранжманите на четири песни, кои надополнети со оние на неговите колеги ќе го заокружат концертот планиран да се одржи на 9 декември во Националната опера и балет. Што значи ова лично за тебе? Како сега како музичар, пијанист, композитор, аранжер го доживуваш делото на ЛЕБ И СОЛ? 

 

Првите две касети кои вртеа во Шкодата на татко ми и се врежани во меморијата од моето најрано детство се: АНАСТАСИЈА – „Пред дождот“ и ЛЕБ И СОЛ – „Live in New York“. Таа музика е останата во мене и несомнено има големо влијание врз мојот музички израз. Создавањето на овие аранжмани за мене беше посебен предизвик, бидејќи чувствував потреба да го зачувам јадрото на музиката на ЛЕБ И СОЛ, а воедно и да го изнесам на виделина мојот личен музички израз. И сето тоа да го направам за релативно кратко време. За концертот кој ќе се одржи на 9ти декември ќе имам можност да напишам уште еден аранжман, овој пат за биг бенд и вокален солист. Со оглед на тоа дека ЛЕБ И СОЛ несомнено е еден од највлијателните македонски бендови, мене лично ми претставуваше посебна чест и задоволство да ги напишам овие аранжмани и да ги изведеме со ЗЏМ Биг бендот.

 

Колку во подготовката на аранжамните се раководеше од детската фасцинација со музиката на ЛЕБ И СОЛ и респектирајќи ја звучноста се обиде ли на неа да и дадеш дел од сопствениот сентимент? Преку сопствениот талент да проговориш за нејзината трајност низ времето и тоа дека таа им припаѓа на генерациите што допрва доаѓаат?

Покрај „Live in New York“, голем дел од нивните албумите се дел од моето детство и покрај фасцинацијата отсекогаш постои почит кон нивното дело, но начинот на кој што периодов се навратив на нивната музика е со малку поинаква перцепција. Сега ја немав улогата на пасивен слушател, туку беше потребно доста посуштински да се навлезе во материјата и да се извлечат тие елементи кои го креираат уникатниот звук на овој бенд. Впрочем, тој процес може да се препознае и кај многу други македонски и балкански изведувачи и бендови, чија музика хронолошки доаѓа после ЛЕБ И СОЛ. Мислам дека ова е ултимативниот успех на еден артист или бенд. На доделувањето на ордените во Претседателската вила на Водно кога изведовме дел од нашето видување на музиката на Стефановски,  Арсовски, Димушевски и Тавитјан, последниот гордо зборуваше за нивните музички влијанија. Од таму,  верувам дека на истиот тој начин се споменува и нивното име – ЛЕБ И СОЛ.

 

И, кога сме веќе кај твоите аранжмани за концертите на Биг бендот на ЗЏМ каков е твојот приод кон овој процес? Која цел си ја поставуваш кога тргнуваш во една таква звучна и творечка авантура?

При секое пишување на аранжман за музика од друг автор, првиот чекор за мене е суштинското запознавање со нивниот композиторски и музички стил, или доколку музиката ми е веќе позната, повторно навраќање на истата. Многу важен момент е зачувувањето на карактеристичните и препознатливите елементи на една композиција. Секогаш се трудам да го пронајдам вистинскиот баланс на влијание врз истата. Секако ова може да биде многу релативно. Понекогаш можеме да си дозволиме на некој начин длабоко да реконструираме една композиција, со тоа што поголем примат му се дава на аранжманот. Ова најчесто се случува со веќе етаблирани композиции, како што се џез стандардите. Низ џез историјата можеме да забележиме различни биг бенд – верзии на одредени композиции, секоја со свои уникатни карактеристики.

Спомнавме погоре некои значајни имиња со кои си имал можност да ја вкрстиш сопствената умешност и философија како аранжер и пијанист. Од таму, каков беше своевремено влезот на Гордан Спасовски воопшто во музиката? На што најпрво се навлече? Од кого се учеше? Како стигна до џезот?

Основното училиште „Јоаким Крчовски“ во кое учев, се наоѓаше наспроти локалното радио во Крива Паланка каде што работеше татко ми. Многу често по завршувањето на часовите се упатував таму и мислам дека токму таму се роди љубовта кон музиката. Студиото беше прилично мало, но исполнето со грамофонски плочи, касети и во тоа време – аналогна опрема, за која секогаш се интересирав  и го испрашував татко ми за начинот на нејзината употреба. Препознавајќи ја љубовта кон музиката, моите родители ме запишаа во нижото музичко училиште во класата на професорката Ружа Николовска, каде што прв пат се запознав со пијаното. Образованието го продолжив во средното музичко училиште „Сергеј Михајлов – Штип“, во класата на проф. Билјана Стојчева и подоцна во класата на проф. Благој Јанев. Во тоа време, разменувајќи цд-а со моите сокласници се заинтригирав за џез музиката и тоа ме натера да се запишам на студии во класата на проф. Илија Пејовски, на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, кој ме воведе во водите на џез музиката и ме запозна со современата џез хармонија и пијано. Набргу Пејовски се пензионираше, а јас моите студии ги продолжив на Џез академијата при Универзитетот за музика и сценски уметности во Грац – Австрија, во класата на проф. Олаф Полцин. Таму имав среќа да запознаам и учам од врвни професори и музичари како што се: Ед Нумајстер, Стјепко Гут, Зиги Фајгл, Мајкл Абене и да посетам голем број работилници на некои од најзвучните џез имиња, како што се: Боб Минцер, Џон Холенбек, Бени Голсон, Ари Хониг, Артуро О’Фарил, итн. Но секако мојот образовен процес не застанува тука. По завршувањето на формалното образование, продолжив да трагам по нови знаења од многу артисти чија музика влијаела врз мене, како што се: Џим Мекнили, Питер Мартин, Владимир Николов и други. Но, исто така подеднакво влијание врз мојот музички израз имаат моите колеги и пријатели со кои најчесто настапуваме и разменуваме музички искуства.

Да се навратам на почетокот на прашањето, во моментот кога го читав истото, мојата мајка ми посочи дека сум го заборавил првиот контакт со пијаното, а тоа било на мојот прв роденден на кој кумовите ми подариле „toy-piano“. Можеби сепак тоа е вистинскиот момент кој потсвесно го посочил патоказот на мојата животна определба.

 

Во сите тие години на едукација (која рака на срце за вистинските музичари никогаш не запира), од Академијата во Грац, Австрија – до магистратурата на УКИМ, која цел си ја постави пред себе? Успеваш ли да држиш чекор со она што си го проектирал дека ќе ти се случува – сопствено трио, солист со големи ансамбли, бројни соработки, фестивали и клубови, изданија… Што и недостига на богатата биографија на еден сеуште млад и исклучително надарен музичар како Гордан Спасовски?

Единствената цел што ја имав поставено тогаш е да живеам само од тоа што го сакам, а тоа е од создавање и од изведба на убава музика. Да бидам искрен, мислам дека се уште го немам постигнато тоа во целост, меѓутоа чекорам по тој пат и сум среќен додека го правам истото. Тоа што се уште професионално го немам искусено е композиција за музика за филм. Сум бил дел од проекти како аранжер и пијанист, но и во неколку полупрофесионални проекти како композитор, така што се надевам дека во иднина ќе имам можност да ја понесам и таа одговорност. Покрај тоа, секогаш целам кон уште повеќе компонирана и изведена музика со моето трио, БОПХЕДС, Џон Илија Апелгрен, ЗЏМ итн.

 

Колку што знам, како и некои други твои колеги врвни и учени музичари, цели седум години чекаш вработување. Ако знаеме дека државата и не ја боли многу глава за своите таленти, за својот културен потенцијал со кого се перчи пред светот, зарем не си се запрашал до сега – што правам јас овде?

За жал, ова е прашање кое понекогаш знае да претрча низ мојот ум, а исто така и прашање кое доста често ми е поставувано, како и на многу од моите колеги. Одговорот, кој понекогаш морам сам да си го повторам, е дека сакам да бидам дел од културата на мојата татковина и дека сакам да придонесам онолку колку што можам. Сметам дека сите ние имаме некаква морална одговорност да го направиме тоа, со еден искрен придонес без да го компромитираме нашиот личен музички израз и да потпаднеме под надворешни влијанија.

 

И, во едни вакви услови успеваш да свириш, компонираш, настапуваш… да објавуваш музика која на мнозина им е драгоцено парче пластика кое им ја враќа надежта во убавото, во музиката, во уметноста. Овде мислам на одличниот албум „Light Pillar“ снимен во 2020 година со Кирил Туфекчиевски и Виктор Филиповски, потем на Bopheаds – „Live at the Philcharmonic“ каде се и Кирил Кузманов и Трајче Велков од 2022 – обете изданија на ZJM Records… Што е она што тебе како музичар те движи денес? 

Одговорот лежи токму во првиот дел од прашањето. Доволно е само едно насмеано лице кое ќе ни го сподели убавото чувство кое му го приуштила музиката, за да нѐ поттикне да создадеме или изведеме нешто ново и да ја продолжиме нашата приказна. Тој момент е непроценлив. Ќе споделам една случка која имаше големо влијание врз мојата перцепција врз музиката. После една моја соло пијано изведба на која една од композициите беше баладата „Embraceble you“, ми пријде еден австралиски пар, кои со полунасмеани и насолзени лица ми раскажаа дел од нивната животна приказна. Таа композиција била дел од нивните најтешки моменти и им помогнала да ги пребродат истите, па така моментот кога ја слушнале композицијата кај нив побудило некои стари и силни емоции. Музиката која на ваков начин допре до нив, заблагодарувањето кое ми го пружија и таа искреност која тогаш ја почуствував беше посилна од било кое „Браво! Супер си!“ таа ноќ. Тоа беше само една потврда за изјавата која ја спомнав во претходниот одговор.

 

Во меѓувреме излегува ли некоја нова музика од тебе? Успеваш ли нешто повторно да заокружиш и во перпектива да го документираш како издание на своето трио, на бендот… сеедно? Кога да ја чекаме твојата нова плоча и од што најконкретно зависи нејзиното објавување?

Константно работам на нова музика и дел од неа може да се слушне на нашите настапи со триото, БОПХЕДС, Џон Илија Апелгрен и ЗЏМ така што моментот кога музиката ќе ја добие потребната зрелост и кога секој проект ќе си оформи една целина ќе ја претвориме во албумско издание. Покрај тоа на повидок се и неколку нови проекти, за кои се надевам дека наскоро ќе бидат изнесени пред публиката.

 

Те има на сцена со различни формации. Со Биг бендот на ЗЏМ, Гоце Стевковски – Септет, Dzijan Emin & the Magical Orchestra, со Џон Илија Аплгрен, Марија Димитриевиќ… па дури и со врвниот инструменталист на народни инструменти Александар Јовевски. Ги работеше и аранжманите за Игор Винс со РТС Биг бендот –  концерт кој се оддржа на 24 ноември годинава, тука се настапите со Рона Нишлиу и New Jazz Orchestra од Албанија... Што подразбира, да речеме, ова „сценско шаренило“ за еден профилиран музичар како Спасовски? Ти годи ли тоа преминување на оградите во оваа уметност? Ја претпочиташ ли слободата во делувањето пред формите?

Слободата во изразувањето е многу релативна работа. Џез музиката е синоним за слобода, меѓутоа таа слобода носи голема одговорност. Меккој Тајнер вели: Мораш да поминеш низ повеќе стадиуми на дисциплина, пред да стигнеш до точката каде што ќе ја превземеш одговорноста за слобода. За мене ова е многу важно и се трудам да не ги прескокнувам тие фази. Секој проект во кој учевствувам ми придава некаква слобода на изразување, но истовремено, секој придружен член во еден бенд е должен да го пронајде своето место во една музичка замисла или целина и совршено да се вклопи во истата. Јас подеднакво уживам во сите проекти од кои сум дел, а воедно и се радувам, бидејќи секој еден од нив носи свој предизвик кој ме мотивира да работам на себе и да се искачам еден степен повисоко на скалата на музичка зрелост.

И, конечно како некој што е постојано во движење и за кого границите се тука за да се прескокнуваат каде во оваа цела регионална, па ако сакаш и европска музичка приказна, ја гледаш актуелната македонската џез сцена? Имаме ли доволно артисти и изданија со кои можеме онака како што доликува да се претставиме пред светот? Ако не, што е она што ни недостига и што треба да се прави? Каде во сето ова го гледаш делувањето на Биг бендот на ЗЏМ сега веќе како национална установа?

Во последната декада на македонската џез сцена може да се воочи забележителен пораст на артисти и изданија, меѓутоа сметам дека сѐ уште постои простор за квалитативна и квантитативна надградба на овој сегмент од нашата култура. Секако дека треба да работиме на позиционирање на македонската џез култура на светската мапа. Впрочем, уште од самиот почеток тоа е и мисијата на Здружението на џез музичари. Преку бројни соработки со влијателни интернационални џез артисти кои гостуваат на биг бендот и на фестивалот „Today it’s all about jazz“, здружението ја постигнува таа цел. Покрај тоа, веќе неколку години ЗЏМ е и официјален член на Европската џез мрежа, каде што беа забележани голем дел од концертните настапи и работата на Здружението. Прераснувањето на ЗЏМ во национална установа е огромен чекор за зајакнување на националната култура и сметам дека доколку процесот се движи по вистинскиот пат, за многу брзо време уште повеќе ќе се почуствува тој културен импакт. За поздрав е и фактот дека Министерството за култура веќе долги години поддржува претставување на бројни интернационални џез артисти пред македонската публика. Меѓутоа морам да признаам дека уште повеќе ме радува тоа што со овој чекор (доколку се спроведе во потполност) државата покажува волја за културен развиток, како и грижа за сопствените уметници кои години наназад изнаоѓаат начини за претставување на едни поинакви национални вредности.­­