Buffering ...

АНА ПАНДЕВСКА, КОМПОЗИТОРКА Децата многу природно ја прифаќаат електроакустичната музика

октомври 12, 2023

„Детски авантури“ е насловен новиот циклус на пиеси за деца за виолина и електроника и воедно авторскиот концерт на композиторската Ана Пандевска што ќе биде премиерно изведен оваа сабота напладне, на 14 октомври, во Музејот на македонската борба во Скопје. До крајот на овој месец ќе се случи и промоцијата на нејзиниот нов албум „Selected piano works“ во изведба на пијанистката Дуња Иванова.

Љупчо Јолевски

Родена 1985 година, за Ана Пандевска во дописот на Сојузот на композзиторите на Македонија до медиумите ќе биде забележано дека е „една од највпечатливите и најпродуктивните појави на македонската композиторска сцена, авторка чие што творештво го одликуваат полистилистика и мултижанровост“. И, згора на тоа дека „во нејзините дела, без оглед дали станува збор за музика за деца, електроакустична музика, за солистички, камерни и оркестарски дела, ефектот е секогаш во функција на смислата на композицијата, каде што слушателот ништо не препознава како случајност, туку како намера насочена кон тоа да предизвика естетско задоволство“.

Инаку, Пандевска дипломирала на Факултетот за музичка уметност во Скопје и за своето творештво добитничка е на повеќе награди и признанија. Разговорот што следува е правен во пресрет на нејзиниот нов авторски електроакустичен концерт насловен „Детски авантури“ и претстојната промоција на албумот „Селектирани пијано изведби“.

Лани некаде ова време, Ана и Ивана Мазнејкови го изведоа твојот циклус пиеси „Во светот на чудата“, електроакустична музика инспирирана од најпознатите цртани филмови на Волт Дизни. За годинава е предвидена премиерната изведба на електроакустичниот циклус за виолина и фиксен медиум „Во светот на чудата“ инспириран од лектирите за основно школо. Од каде потребата кај копозиторката Ана Пандевска да твори за најмладите?

АНА ПАНДЕВСКА: Потребата за создавање на електроакустична музика за деца си дојде некако сама по себе. Во денешно време се што е поврзано со електроника, дигитализација или било која активност која е во тесна врска со некоја од современите алатки за комуникација, на децата им е блиска. Се раѓаат и веќе се во контакт со телефони, компјутери . . . По таа логика нормално дека им е поинтересно и да свират музика создадена во нивно време.

Треба да се знае дека во нижите музички школи низ Македонија многу ретко децата изведуваат музика од македонски композитори, што е жално. Според мене би требало барем на испитот од крајот на првото полугодие како слободен проект задолжително треба да биде дело на македонски автор и на тој начин децата да се запознаат со домашното современо творештво.

Изведбата на Ана и Ивана Мазнејкови, во тој период ученички во ООМУ “Боро Џони“ во Струмица, заврши многу голема работа. Тие тогаш понудија  професионален пристап многу посериозен од некои повозрасни музичари кои ги познавам.

Оваа година на мое големо задоволство новиот циклус ќе го изведат три ученички: Дина Атанасова, Хатиџе Салиева и Ема Крстевска од ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ Скопје,  од класите на професорите Ерхан Шукри и Аспарух Ќортошев.

Голема е радоста кога еден композитор ќе доживее ученици од училиштето каде и самиот тој ја стекнал основната музичка наобразба, сега да ја учат и да ја изведуваат неговата музика. Кога сум била на нивна возраст не сум можела ни да замислам дека во иднина некое дете ќе ја изведува мојата музика, така да таа емотивна поврзаност со ДМБУЦ “Илија Николовски – Луј“ и сите години кои сум ги поминала во таа институција како ученик и студент ми носат посебна мотивација и сатисфакција. Радоста е голема и верувам дека соработката на композиторите со институциите допрва ќе се зголемува. За ова секако значајна е и заложбата на директорката Даница Стојанова која и самата е Професор по пијано и се уште е активен концертен пијанист што е реткост кај нас.

Инаку, одговорноста да се твори музика за најмладите е огромна. Најпрво авторот треба да ја прилагоди композицијата во сооднос со техничките можности за изведба кај секое дете во одредена година при изучување на инструментот, а дури потоа да размислува што е она новото што ќе го научат децата од оваа музика. Треба посебно да се внимава како композиторот да им го задржи вниманието на децата и покрај едукативниот пристап во музиката да ги натера да им биде и забавно. Згора на тоа мора да размислува музиката да има и емотивна, динамичка и карактерна изразност и конечно да постигне развој на визуелизација преку програмноста на творбите. Да се отворат нови хоризонти на согледување или пак фантазирање на нештата кај детето кое ја учи музиката, но и кај детето кое слуша во публика. Секако морам да внимавам и на балансот на траката со акустика и…. така со ред.

Од таму, треба да се знае дека пишувањето музика за изведба на деца, но и за детска публика е многу тешко и бара голема посветеност и внимателност од секој аспект.

 

 

Какви се реакциите од публиката, во случајов на децата кои доаѓаат на концертите на кои се изведува твојата музика? Дали тие многу полесно, многу поискрено, влегуваат во светот на електроакустиката? Конечно, колку сево ова оди во прилог на едукација на генерациите на кои реално некако природно, органски им припаѓа медиумот?

Детската публика многу природно ја прифаќа оваа музика и мене навистина ме радува кога гледам весели детски ликови по завршување на концертот, а најголема радост ми е кога ќе дознаам дека некое детенце посакало да изучува инструмент поради тоа што го видело и слушнало. Таа размена со детска енергија ми е некако поискрена од било кој коментар кој ќе го добијам од некој возрасен. Дете не калкулира што ќе каже, дали му се допаднало нешто или не, тоа веднаш се согледува.

 

И, некако да го заокружиме овој дел од разговорот со прашањето дали во меѓувреме Ана напиша некоја нова електро акустична музика за деца и ќе ја продолжи ли започнатата приказна тој материјал трајно да биде забележан на носач на звук како што беше случајот со „Во светот на чудата“ зад кој застанаа Домот на култура од Валандово и Министерството за култура.

Од концертот на изведбите од Ана и Ивана Мазнејкови произлезе еден комплетно среден аудио материјал кој на моја среќа веднаш беше објавен во ЦД формат. Толку беше натпросечна нивната изведба на електроакустичниот циклус за деца за пијано и фиксен медиум „Во светот на чудата“ што немаше потреба ништо да се преснимува, на носачот на звук се наоѓаат изведбите од концертот. На овие две деца им следи блескава музичка кариера и среќна сум што низ нивниот растеж како музичари ни се преплетоа патиштата.

Оваа година напишав нов електроакустичен циклус за деца “Детски авантури“, овој пат за виолина и електроника, кој се состои од осум пиеси. Секако дека размислувам за снимање и на овој материјал, но сакам да допишам уште најмалку четири пиеси во наредните години па потоа да размислувам за објавување на тој материјал.

 

А, кога говориме за издаваштвото во една прилика ја забележав и оваа твоја изјава: „Имам материјал за издавање на најмалку пет нови ЦД –а. СОКОМ ми направи голема чест и радост што го издаде моето првенче, но тоа ми даде и до знаење дека треба да направам нешто повеќе на тоа поле. Што се случи во изминатиов двегодишен период од тогаш?

После првиот албум „Од композиторскиот опус“ објавен од Сојузот на композитори на Македонија и финансиран од Министерството за култура, следуваше и вториот погоре споменатиот „Во светот на чудата“ зад кој застана Домот на култура од Валандово и повторно Министерството за култура.

Во наредниве две недели би требало да излезе и моето трето авторско цеде насловено „Селектирани пијано изведби“ во изведба на пијанистката Дуња Иванова,  кое е исто така финансирано од Министерство за култура што значи да не е финансиската поддршка од таму немаше да имам ниту една објава.

Еве, особено ме радува и веста дека Скопје стана „Европска престолнина на културата“ за 2028, што значи дека буџетот на културните институции во наредните години ќе се зголеми со пари од европските фондови, а тоа ќе биде се надевам и од голем бенефит за секој еден уметник.

Инаку, со оглед на тоа што компакт дискот како формат за документирање на музика полека изумира, во план ми е кога ќе снимам 90 отсто од мојата постоечка музика, целиот тој материјал да го дигитализирам и тоа да биде моето официјално електронско издаваштво.

 

Во октомври минатата година во Паркот на франкофонијата во Скопје, Дуња Иванова успешно го изведе твојот електро акустичниот концерт за пијано и фиксен медиум „Амбиенти“. Со него продолжува вашата долгогодишна тесна соработка. Никогаш не сум те прашал што ве упати една на друга? Што е она што ве врзува? За каква хемија се работи? Подобро ли е да се твори на овој начин кога композиторот знае што да очекува од изведувачот?

Со Дуња Иванова речиси обавезно еднаш годишно имаме заеднички концерт. Лани тоа беше авторскиот концерт “Амбиенти“, годинава таа настапи со полурецитал на моја музика во Подгорица, во Црна Гора и веќе за следната година планираме нов перформанс.

Соработката ни оди глатко. Низ годините многу се поврзавме. И професионално и приватно. Инаку се знаеме од деца. Деновиве пронајдов слики од детскиот хор „Пиколо“ каде двете сме пееле, па евоциравме спомени и се смеевме. Веројатно тогаш сме имале осум или десет години. Излегува дека се знаеме речиси цел живот, но дека во суштина не поврза музиката, сличните вкусови, начинот на размислување и некои сопствени етички и морални вредности кои ги носиме како личности.

Од сите изведувачи со кои сум соработувала, а веќе ги има навистина доволно, таа мојата музика ја има изведувано најмногу. Затоа сум многу среќна што нашата соработка продолжува и понатаму, посебно што Дуња има една од многуте нејзини убави карактеристики, а тоа е што е принципиелен и човек од збор. Со неа знам на што сум. Ако сме се договориле, договорени сме и нема потреба за посебни напори при реализација на некој проект, а во денешно време тоа вреди богатство.

Да, за мене како автор е олеснителна околност кога знам за кого ја пишувам музиката во одреден момент, иако таа после си наоѓа други патишта и други изведувачи и си го живее сопствениот живот.

 

 

 

Минатата недела, пак, во рамките на 46-те Денови на македонска музика, меѓу шесте творби на современи домашни автори, дуото гитари ДЕНИЦИЈА ја изведе и твојата композиција „Фолк пулсации“ базирана на мотивите на песната „Кавал свири“. Што значи за Пандевска лично понирањето во македонската фолклорна традиција, посегањето по македонскиот музички јазик?

Кога бев средношколка слушав многу рок музика, од Deep Purple, Led Zeppelin, Pink Floyd, Guns N’ Roses… и да не ги редам сите. При крајот на средното образование „прејдов“ на метал и симфониски метал, од типот на Pain of Salvation, Symphony X, Stratovarius … и подоцна на Академија се префрлив на џез, амбиент… Нормално во сите овие години околу мене беше класиката од сите епохи.

Во тој период не можев да „поднесам“ фолклор, во времето на одолесценција не ми беше „кул“ по  дома да слушам фолк … Арно ама подоцна комплетно се вљубив во македонската традиционална музика. Посебно ме привлекоа оние стари архаични фолклорни напеви и секогаш кога ќе имам потреба како автор од традицијата јас слегувам до изворот за да се напојам од неа.

Имам повеќе композиции во кои  користам мотиви од некоја традиционална песна. Така на пример изведбата на Electroacustic mantra „From Ex YU to EU“ за два вокала и електроника, која патем се изведуваше во Загреб и во Штутгарт,  е базирана на „Две ми моми две ми друшки“. Делото кое го пишував за македонскиот кларинетист Васко Дуковски – „Ротирачки фолк“ е настанато на мотиви од „Драчевка“ и така со ред. Секогаш е предизвик да се користи традиционалната музика, но тоа треба да се прави внимателно и со особена почит на нејзините изворни канони.

 

Ана Пандевска неодамна се најде и меѓу 200-те автори чии композиции беа одбрани од познатиот српски ансамбл МЕТАМОРФОЗИС за нивната програма што ќе биде изведувана во сезоната 2023/2024. Што значи тоа за композиторката? Колку со овој чин успешно продолжува нејзиниот започнат од на интернационалната сцена?

Да, баш ме израдува веста дека МЕТАМОРФОЗИС од пристигнати 200 апликации на нивниот повик ме избрале и мене во потесниот круг од 20 композитори со кои планираат да соработуваат до крајот на оваа и следната година.

Секако дека секоја нова интернационална соработка е голем предизвик и дека искрено многу ми значи. Посебно ме радува што во последниве години како повторно на културно поле да се обединуваат земјите од поранешна Југославија. Како да ни станува јасно дека треба да ја негуваме таа размена на трајни вредности, на култура. Да градиме нови мостови на соработка.

Еве само оваа година имав изведби и целовечерни концерти во Загреб, во Хрватска, во Белград и во Нови Сад во соседна Србија, во Подгорица, Црна Гора и добив покана за фестивалот „Сарајевска зима“ но таму неможев да гостувам бидејќи имав пренабиена агенда. Така што музиката, културата воопшто, наново си го наоѓа патот. Ги обединува и музичарите и публиката. Народите воопшто.

 

И, конечно ако ова се парчиња од актуелното живеење на композиторката каде во блиска иднина, периодов или сезоната што започна ќе се движи таа. Какви убави вести треба да чекаме од неа и колку секој еден таков успех на македонските творци е добредојден за зачувување на нашата културна и државна самобитност?

Уф, оваа година ми беше навистина активна музички и од аспект на новосоздадена музика и од аспект на концертна дејност.

Во Скопје имав две премиерни изведби на двете сезони од фестивалот „Денови на македонска музика“ 2023. Тоа беа композициите „Со обувки како окови на стапалата“ за гудачки оркестар и фиксен медиум во изведба на оркестарот АЈГА а под диригентско водство на Виктор Митревски, потоа во втората сезона премиерна изведба на „Фолк пулсации“ за дуо гитари ДЕНИЦИЈА … Моја музика беше изведувана и во Штутгарт, во имав и Изложба на две скици од мои музички композиции во Исланд, во „Living Art Museum of Reykjavik“…

На 14 септември напладне, во Музејот на македонската борба во Скопје, ќе се одржи и мојот концерт насловен „Детски авантури“, а не многу потоа ќе биде и промоцијата на новиот албум „Selected piano works“ во изведба на Дуња Иванова.

За следната година веќе ги планирам новиот авторски концерт и четвртиот албум како и соработките кои ми се најавени со МЕТАМОРФОЗИС од Србија и пијанистката и професорка Ема Попивода од Скопје, која ќе го работи и ќе постави концерт со мојот циклус „Во светот на чудата“ со ученици од нејзиното училиште за музика МОДОАРС.

Сега за сега тоа е она што знам дека ќе следува, но како по некое непишано правило октомври е месецот кој вообичаено на виделина ги донесува и новите понуди и соработки.