Охрид, 7 јануари 2022 Божик
Полека чекорам кон Горна порта. Чекор по чекор по охридската калдрма. Во мене некако заедно со празничната литургија потекува онаа нашата „1762 лето“. Првин милозвучно налик на старите мајстори БИЛЈАНА, а потоа пркосно и моќно како што грмеа своевремено МИЗАР. И, со секој нов чекор – нов стих угоре по ридот, па низ Портата и кон Свети Климент. Од таму, по тесните сокаци, кон Свети Јован Канео со погледот кон езерската шир дојде и „Думање“. И ми ја стопли душата. Летав високо. Како галеб кој ја безусловно ја ужива слободата. Се обидов да го разберам Константин Миладинов кога од себе ги корнел стиховите „Зошчо да љубам…“ . Да ја насетам емоцијата кога Горазд Чаповски , Горан Таневски… со Гиш, трио КУЧКОВКИ …го снимале „Свјат Dreams“ во 1991, како лебедова песна на второто откровение.
А, со здивот на јужниот ветар некаде од таму долу, од Свети Наум Чудотворецот се будат и сеќавањата. Како молњи…И започнува трката меѓу мислите и зборовите.
Суботица, 20 мај …и ден-два пред тоа, 1987
Стојам нем и со поглед вперен кон сцената на старото здание на суботичкиот театар. Со нескриена возбуда го чекам излегувањето на МИЗАР. Ги чекам да излезат Горан Таневски, гитаристот Горазд Чаповски, Горан Трајковски на бас и придружни вокали и Венци Смаќовски зад тапаните кој дојде на Младинскиот фестивал како замена за Зоки Спасовски. Дури и ги одбегнувам муабетите со колегите новинари од останатите младински весници… со зборливиот Огнен Твртковиќ од Сараево, со Звоне Крстуловиќ од Сплит… И, потем потекува музиката. Првиот удар е со „Градот е нем“, па „Девојка од бронза“, „Стој“ … а во партерот вриеж и ерупција од воодушевување. Таневски небаре е еден од апостолите со својот глас, со својот артизам и вонтелесен танц, ги води присутните во неоткриените пространства на слободата на мислата и емоцијата.
Некои од познаниците ме прашуваат „Па, добро бре Македонци каде го криевте овој бенд?“. Се обидувам безуспешно да ја задоволам нивната љубопитност.
Речиси само за трепет МИЗАР израснаа во херои. Таневски со својот харизматичен изглед и нескриен артизам во лик што ги плени срцата на девојките… Најбараната и најкриената особа во Суботица тие денови. Ѕвезда.
А, жирито составено од мои драги колеги се најде во небрано. Кому да ја додели победата. На пулските КУД ИДИЈОТИ или на МИЗАР. На ријечките ГРАД, на сплитските ТУЖНЕ УШИ или на словенечките ИДУСТ БАГ. И по неколку часа се најде и компромисот. Сите беа „победници“. А, реално двата најсилни и најквалитетни бенда МИЗАР и КУД ИДИЈОТИ исправено и моќно зачекорија во историјата на југословенскиот рокенрол. Станаа перјаници на тогашната алтернативна или уште подобро авангардна сцена на овие простори, а подоцна и совест и автентични гласноговорници секој на свој начин против безумието и естрадизацијата во државите кои израснаа врз пепелта на поранешната братска заедница.
Скопје, пролетта 1991…а можеби беше тоа и 1992 година
Весникот „Млад борец“, на прекршувањето на 1980-те и 1990-те, беше гласникот на демократијата и на македонската пролет. Од таму, воопшто не беше чудно што по првите Избори и осамостојувањето на државата, Редакцијата му беше домаќин на првиот претседател на независна Република Македонија – Киро Глигоров. Дојде да не види и заедно да ја чествуваме една од годишнините на првиот весник објавен на македонски јазик. Притоа од денешен агол и не толку битно дали тоа беше токму на денот, на 22 март, или нешто потоа.
Поводот генерално беше тој, а младоста во нас се реши да изигра онака како што и доликува на приликата. Протоколарно, за што беа задолжени сериозните новинари и членови на Редакцијата како Никола Младенов, Сашо Орданоски, Томислав Османли, Синиша Станковиќ, Александар Шољаковски, Зоран Крајачиќ…, но и онака како што и доликува на една „бушава“ демек поинаква младост. За тоа требаше да се погрижиме штотуку примените Сашо Дамоски и Панта Џамбазовски, „хонорарецот“ Тони Димитриевски и јас, како тогашен уредник на култура и уште еден куп соработници и пријатели на весникот.
Во дворот заграден со палатата Шкаперда и од другата страна со зградата на Комисијата за културни врски со странство, инаку импровизиран клуб на отворено, се решивме да направиме рокенрол концерт. Со оние групи со кои некако заедно созревавме. А тие му веруваа на сопствениот инстинкт и набабрената жилавост, на талентот што навираше и бараа колку толку само поттик во кажаниот збор. Во нашите писанија и просторот за себе.
Ги поканивме МИЗАР, АРХАНГЕЛ, КЛЕРЖО, СУПЕР НОВА … а пред нив, онака поткачени на практикаблите и стеснети од скромното озвучување, ја позициониравме младоста на Скопје. Полна енергија и желна за нејзина размена со врсниците. Самомислечките. Слободоумните.
И, би свирка што беше условно прекината само за момент за да се проследи доаѓањето на Претседателот, кој качувајќи се по степениците кон Редакцијата, подзастана и онака патем, повеќе за себе рече: Така треба деца! И вака силно се бори за нашата Македонија.
Свирка која ги славеше автентичноста и оригиналноста на МИЗАР. Нивната решителност години наназад да пејат на својот мајчин јазик на просторот на тогашна Југославија што смело чекореше кон својата бездна. Да се напојуваат и да ја фрлат во иднината македонската традиционална музика, да се пресметуваат со постојните политики, со слепите подржувачи на системот во неговиот најдолн вид и, особено значајно, да се обидат да ја воскреснат македонска стрељба како национално културно и духовно движење.
Свирка на која се насетуваше енергијата и моќта на АРХАНГЕЛ и посебно поетиката на Ристо Вртев, оној кој токму едно време заедно со тапанарот Панта Суљо Џамбазовски оставија дел од себе во првото откровение на МИЗАР. Концерт, на кој КЛЕРЖО, со Гиш, Гони, Деко… не одведоа до дотогаш нечуени медитативни хоризонти.
Тоа беше ноќ кога уште еднаш победи урбаниот дух на Градот кој подоцна полека ќе почне да стенка под налетите на вулгарното практикување на политиката и на продавачите на лажни илузии и ефтини трикови. До прегорување.
„Почесна стрељба“ и Трето откровение
Во новиот милениум тогаш забревтаниот Lithium Records, во формат на компакт диск, ќе ги реобјави првите два албума на МИЗАР. Истоимениот со кој преку словенечки Хелидон беше на голема порта внесен македонскиот јазик на некогашната југословенска рок сцена и „Свјат Dreams“ со кој симболично беше најавена нашата самобитност и формирањето на независната држава. И, згора ќе иницира реобединување на последната позната постава на МИЗАР во која беа Горазд Чаповски, Горан Таневски, Жарко Серафимовски на тапани, Илија Стојановски на бас и Владимир Каевски Киборг зад клавијатурите.
Ништо од тоа. Таневски не издржа долго, па на негово место беа повикани Горан Трајковски и Ристо Вртев. Лудило постава. И, тогаш беше снимена „Почесна стрељба“. Се случи и промоција на пилот синглот на која ја имав честа да присуствувам. И, сите го очекувавме големото враќање. Третото откровение на МИЗАР.
Песната со текст потишан од Трајковски и Вртев набрзо стана највртена во етерот. Доби фантастичен одек и во пошироки рамки. Арно ама црвот проработе и Вртев си замина ставајќи забрана на емитување на својот глас и напишаните стихови.
Жарот остана на дланката на Горан Трајковски, кој потем својски се потруди „Почесна стрељба“ да биде една од стожерните не само во творештвото на МИЗАР туку и воопшто од современата македонска музичка сцена.
И, потоа дојде промотивниот концерт на одличниот албум „Кобна убавина“ на скопското Лизгалиште, па и онаа двегодишна серија на концерти по регионот која кулминираше на фестивалот Егзит и Петроварадинската тврдина во Нови Сад… и МИЗАР вплови во времено нова тишина.
Како потписник на трочасовната емисија „Скопје /Париз/Тексас“, што се емитуваше во четврток кон петок на Радио Равел безмалку деценија и половина, долго по промоцијата речиси и да не пропуштав можност да ја завртам првата верзија на „Почесна стрељба“ во секоја втора и најмногу трета емисија. Со или без причина или посебна најава. Едноставно од некоја лична своја внатрешна потреба. Како духовно и звучно прочистување. Како опомена.
Догледање, без бакнежи, солзи
И на нозе – додека пишува The End!
Од Истокот златно-жолт ден се раѓа,
А навечер на Запад се се дави во крв.
Наместо торжествен тресок,
Светов ќе замолкне во срамен писок:
Nevermore!
Нишани горе в небо!
Нишани горе в небо!
The human race was dyin out,
None left to scream, to scream and shout
People walking on the Moon
Smog will get you pretty soon
I tried to run
I tried to hide
Break on through to the other side
Break on through to the other side – Jim Morison
Нишани горе в небо!
Нишани горе в небо!
Нишани горе в небо!
Нишани горе в небо!
И замолкни во тишина!
Манастир Свети Никита , Скопска Црна Гора – јануари 2022
Сончев ден. Нетипично топол за ова доба од годината. За јануари. Седам на манастирските ѕидини и од Свети Никита ги стрелам скопската котлина и загадената Метропола. И, некако душата почнува да ја пее „Златно сонце“. Го немам длабокиот глас на Горан Т. , та дури и често се сомневам во моите пејачки „способности“, ама ете – пуста желба. И, додека му се радувам на припомнувањето на МИЗАР, ги вртам и другите нивни бисери, па и песните од „Детето и Белото море“…заклучувам дека попаметно би ми било во оваа лагодна прилика да ми текнеше на нивната „Здив“. Ама не ми оди. Никако.
И, по некое време го повикав на помош чичко Гугл кој ме одведе до саканата цел, ама и ми ја сервираше веста за новата песна на МИЗАР, за петтото откровение. Горазд Чаповски, гитаристот, авторот и двигателот на бендот низ сите негови фази, со Зоран Тортевски како пејач, пред ланскиот настап на Таксират, на текстот од песната на бардот Петре М. Андреевски, ја снимија „1903 – Слобода или смрт“. Така половина век од нејзиното настанување го вперија прстот кон нејзината вонвременост. Во времево на светска пандемија, нови физички и сенекакви огради и загради, отуѓувања… крикнаа силно колку наново и наново ни е потребна слободата. Слободата не како нечија привилегија туку како насушна потреба за секој човек. Било кога и било каде.
И, така ослободен од обичното секојдневие почнав да талкам по ридиштата околу и да ја подгревам на сонцето идејата дека ете баш тука, во овој манастир, во овој споменик на културата, во Гората црна од монашките мантии, би сакал по којнае кој пат да ги видам и чујам МИЗАР. Да му се радувам на инаетот и упорноста на Горазд, да ја чествувам неговата децениска визија и да го бркам ритамот што ќе ни го испораќа со дружината независно кој ќе стои до него и пребира по жиците, удира по тапаните… Да и се радувам на мојата ѕвезда на надежта која сите овие години ми го осветлуваше патот. Да го славам творештвото на заумните и нивниот напор да чекорат смело и одлучно во времето. Да бидам пресреќен што сме споделувале мисли и вистини. Слободни.
”Мизар – откровенија” 1981 – 2021