Македонскиот џез гитарист во претставувањето на проектот „Џезтет“ ќе го придружуваат Кирил Кузманов на саксафон, Оливер Јосифовски на контрабас и Славчо Коцев на тапани. Датумот е 23.11.2023, во “Јавна Соба“ !
Немирен по дух и полн животна и творечка енергија, Ѓорѓи Шарески продолжува да ги испишува страниците на својата музичка, ако милувате и џез приказна. Вечерва, со почеток во 21.30 часот во Јавна соба во Скопје, тој ќе го престави својот актуелен проект наречен „Џезтет“.
Како што самиот ќе забележи „Џезтет“ е всушност „променлив оркестар, односно состав чија формација варира“. И во дополна ќе биде речено дека „композициите што сега ги донесува се побрзи и подинамични“. Дека всушност „Шарески претставува сопствена колекција на авторски дела на кои самиот, онака својствено на неговиот шегобиен однос кон стварноста, ги нарекува „песни за бис, или неоткриени хитови“.
И кон ова ќе биде додадено дека „овие композиции во вистинско светло го прикажуваат неговиот разигран дух и единственоста на Ѓорѓи како композитор, но и неговиот необичен и неспоредлив стил како инструменталист, како гитарист“.
А, во пресрет на ова несекојдневно музичко случување Шарески, и со изјава: Во придружба на тројца од најдобрите македонски музичари и мои драги пријатели и соработници, Кирил Кузманов на саксафон, Славчо Коцев на тапани и Оливер Јосифовски на контрабас, ќе го претставам својот највозбудлив репертоар до сега – жанровски шаренолика музика која не е наменета само за џез слушатели, туку за сите оние кои имаат отворени уши!
И, кон сево ова благо потсетување од страниците на биографијата на овој наш музичар. Роден 1983 година во Скопје, Ѓорѓи Шарески е плоден композитор, оркестарски аранжер и гитарист со автентичен и препознатлив стил. Во 2005 дипломирал на катедрата за џез композиција на Беркли колеџот за музика во Бостон, САД.
Од тогаш до денес, за домашните и интернационалните издавачки етикети има објавено девет албумски остварувања со авторска музика со различни формации. Соработувал со мнозина светски респектирани џез музичари како Франческо Беарѕати, Ернст Рајзингер, Борис Бел, Лука Аквино, Николас Нојсер и многи други. Престојувал, творел и музицирал подолго време во САД, Италија, Германија и Кина. Автор е на повеќе од 100 композиции, на повеќе часови музика за документарни филмови и театарски претстави, а како гитарист, согласно своите светоназори и потребата за чести промени, често гостувал во жанровски шаренолики проекти.
Некаде ова време минатата година, во Камерната сала на македонската Филхармонија, Ѓорѓи Шарески го претстави „Дуети“ – проектот работен со двајцата свои најпостојани соработници Џијан Емин и Оливер Јосифовски, а беше промовирана и музиката од албумот „Big Love“ што тој го сними со Марко Јовановиќ, еден од најпознатите европски мајстори на усна хармоника, и беше објавен нешто подоцна – во февруари оваа 2023.