Buffering ...

Виолинистот Хосен и камерниот оркестар Профундис ја носат „Candlelight“ магијата во Македонија!

април 3, 2024

Илјадници свеќи ќе ја осветлат сцената на Македонската филхармонија на премиерното издание на „Candlelight“ – првиот концерт под свеќи во земјава на кој ќе настапат виртуозот на виолина Марио Хосен и камерниот оркестар Профундис. Перформансот е закажан за среда, 12 април со почеток во 20 часот.

За Хосен е познато дека поседува виртуозност и волшебно сценско присуство кое во времево наназад му донесе признание на престижните сцени ширум светот. Тој и домачините камерниот оркестар „Профундис“, под диригентската палка на маестра Ѓурѓица Дашиќ, ќе ѝ претстават на публиката музичко патување низ делата на класиците како Вивалди, Паганини, Холст и Глас.

– „Продолжуваме со идејата дека камерниот оркестар „Профундис“ ќе биде иновативен, креативен и модерен. Овој пат со концерт под свеќи којшто во моментот е вистинска атракција во 173 града ширум светот, а премиерно со овој концерт списокот се проширува и со Скопје. На наше големо задоволство како солист ќе настапи светски познатиот виолинист Марио Хосен, кој ќе ги изведе четирите годишни времиња од Антонио Вивалди, како и виртуозното дело од Никола Паганини – „I Palpiti“ кое многу ретко се изведува поради специфичната техничка виртуозност и спаѓа во топ 10 најтешки дела за изведба на виолина. Дополнително на концертот ќе има и праизведба на дело од Филип Глас. Овој концерт е повеќе од обична изведба – тоа е извонредно искуство на уникатноста на нашите сетила и универзалниот јазик на музиката! “, вели маестра Дашиќ.

 

Марио Хосен досега со воодушевување бил пречекуван на престижните сцени ширум светот заедно со врвните оркестри, вклучувајќи ги Лондонската филхармонија, Виенскиот симфониски оркестар и многу други. Со голема страст за светското музичко наследство, стручноста на Марио се фокусира на Николо Паганини, правејќи го еден од најистакнатите толкувачи и авторитети за изведување на музиката на големиот композитор.

Инаку, концептот на „Candlelight“ – концерт под свеќи е светски познат тренд кој за првпат ќе биде поставен на сцена пред македонската публика. Музичките критичари го опишуваат како уникатно искуство каде традиционалниот концертен амбиент се трансформира во хипнотизирачка музичка симбиоза облеана во топлиот сјај на свеќите. Интимниот амбиент овозможува подлабока врска помеѓу публиката и изведувачите, создавајќи извонредно концертно искуство.