Buffering ...

13 ПМГ РЕКОРДИНГС ФЕСТИВАЛ

октомври 4, 2023

Со настапите на стожерните ПМГ КОЛЕКТИВ ОРКЕСТАР и СЕТСТАТ, гостите како хрватската пејачка Сара Ренар и Метју Џонсон од Канада и дузина други артисти, во две вечери – на 7 и 14 октомври, и два концертни простора – клубот „Станица 26“ и Младински културен центар – Скопје, ќе се одржи 13-то издание на манифестацијата на агилната скопска дискографска куќа.

 

Љупчо Јолевски

 

На урбано Скопје и на љубителите на современата музика, на 7 и 14 октомври,  по 13-ти пат ќе им се случи „ПМГ Рекордингс фестивал“. Овојпат со одбрана програма која ќе се обистини во клубот „Станица 26“ и во Младински културен центар, а сочинета од актуелни и високо-квалитетни домашни и странски имиња од сферата на електронската, поп, рок и џез музика.

Дискографската куќа чие делување е бележито во изминативе две и половина децении за првата вечер испланира да два свои големи бенда со навистина импозантна дискографија и бројни концерти во земјава и странство.

За ПМГ КОЛЕКТИВ ОРКЕСТАР се вели дека  „е звукот на модерно Скопје“. Автентична линија на сочност која се развива и менува повеќе од 20 години. Нивниот звук носи софистицирани танцови линии, прилично уникатни и речиси поп-мелодични. Зад себе имаат девет студиски албуми,  двоен винил со „Најголемите хитови“, бројни ЕП-а изданија, синглови, компилации, видео записи, ремикси… Моменталната инкарнација на бендот е прилично авантуристички микс на танцов ритам на современа електронска продукција, тапани во живо, бас, гитара, дувачка секција, вокали и синтисајзери. Станува збор за „вистински оркестар составен од некои од најдобрите и најталентирани македонски музичари споени со цел да донесат музичка правда и зрели аранжмани на сите познати ПМГ песни („Скопјанка“, „Манекенки“, „80-ти, 90-ти“, „Ти си мојот свет“, „Луѓе од градови“, „Деца на два века“…), максимално задоволувајќи ја публиката на концертите“.

 

 

СЕТСТАТ, пак, без двојба е најквалитетниот и најдолготрајниот фјужн-џез состав, кој во континуитет работи повеќе од три децениии. Фантастичен бенд, „добро обучен во т.н. уметност на џезот со познавање на скоро секој  стил кој некогаш се појавил“. СЕТСТАТ имаат објавено 10 студиски албуми. Нивниот концерт на „ПМГ Рекордингс Фестивал“ во 2021 година, издаден како албум во живо насловен „White Night” за ПМГ Џез, беше избран како едно од најдобрите џез изданија на музичката платформа Bandcamp за јануари 2022 година. Во 2004 година, нивната композиција MVP беше број 1 на листата на Top Downloads 200 на реномираниот џез портал All About Jazz website. Во 2015, нивниот албум „Се Плашам од Македонци“ (заедно со Никола Коџабашија и Мирко Попов), беше прогласен за Албум на годината, според култното скопско радио Канал 103. Со повеќе од 30 години активна работа СЕТСТАТ се бенд кој бележи континуирана и активна концертна активност, како во домашен, така и во меѓународен контекст.

 

Во сабота на 7 октомври со СЕТСТАТ настапуваме на нашиот омилен ПМГ РЕКОРДИНГС ФЕСТИВАЛ. Ме радува што организаторот смогна сили овојпат да организира две фестивалски вечери со енормно јака програма. Ние како бенд ќе се претставиме со музика одбрана од нашиот опус. Всушност овој концерт ќе претставува некакво продолжение на нашата есенска серија започната со настапите во Чачак, соседна Србија, Јавна соба и на Sofija Singles. „Станица 26“  е простор кој од поодамна ги покажа своите аудио-визуелни квалитети потребни за еден успешен – добар концерт, така да очекувам добра забава, добар концерт и една поинаква музичка скопска ноќ, вели во пресрет на перформансот тромбонистот и лидерот на бендот Владан Дробицки.

Инаку, специјален гостин на оваа вечер е предвидено да биде хрватската музичка дива Сара Ренар, која го носи статусот на една од најдобрите и најхрабрите пејачки-текстописци од новата генерација на Балканот. За неа во каталогот за Фестивалот ќе биде забележано дека поседува музички стил кој може да се опише како „експериментален поп, со суптилни мелодии на електронски и театарски елементи“. Ренар зад себе има пет студиски албуми, повеќе регионални награди, и близу илјада концерти во живо. Нејзините најнови настапи се опишани како „експлозивна електро-панк забава“.

 

 

Концертниот дел од програмата во „Станица 26“ ќе биде го затворен со настапот на Александар Велики (Александар Гавровски).

Неговиот прв студиски албум „Првиот Македонец во вселената“ излезе во 2018 година за издавачката куќа „Балкан Велики“ и со објавата тој  впечатливо и лесно ја освои домашната публика. По него ги објави „Мирно лето“ (2020) и „Голем“ (2023), обата албуми во издание за ПМГ Рекордингс Скопје. За актуелната објава се дополнува дека „изобилува со интелигентна мелодичност и танцова атмосфера“, а дека „лириката на Александар Велики е во правопропорционален развој со квалитетот на музиката“.

И, конечно пополноќната програма е планирано да дел од електронската музичка сцена со настапи на добро познатите ПМГ диџеи Мирко Попов, Илина Ангеловска и Виолета Качакова, кои гарантираат добра журка и загревање на атмосферата за танц.

 

 

 

Инаку, на Втората фестивалска вечера која е е закажана за следната сабота на 14 октомври, во Дансинг салата на Младинскиот културен центар, е планирано да продефилираат светски познатиот музичар и инструменталист Метју Џонсон од Канада и неколку звучни имиња од македонската електронска и поп сцена како Young Dadi, 5R+Domchuga, Горан Кан, Андреја Салпе и Вански.

За  Метју Џонсон се вели дека е музички гение од Ванкувер. На седумгодишна возраст бил професионален музичар во гајдаџиски бенд за потем да го продолжи образованието во полето на класичната и џез музика во родниот град. Во доцните 1990-ти, се залепил за драмендбејс стилот и со него останал цела една декада за потем да се нурне во она што се нарекува современа минимал техно музика. Неговите први авторски композиции ги издава за лејблот DreamWorks. Во периодот 2001-2003 објавува серија на синглови на Itiswhatitis  и со нив предизвикува голем интерес кај веќе високо профилирани продуценти и диџеи како Ricardo Villalobos и Richie Hawtin. Во тоа време Метју Џонсон имал веќе развиен и препознатлив аналоген звук. Во 2005 година, снима за етикети како Sub Static, Arbutus, и M_nus, ставајќи ја во фокус „Decompression“ како една од најполаризираните нумери на годината. До 2010 поголемиот дел од својата музика ја издава за лејблот DreamWorks. Истата таа година го објавува и својот прв албум „Agents of Time“, за лејблот Wagon Repair, по кој следи и „On Her Blurry Pictures“, во 2013. Неговата работа е видлива и ценета и во рамки на музичките состави „Cobblestone Jazz“, „Midnight Operator“ и „Modern Deep Left Quartet“. Тој објави албум со „Units and Measurements“ во 2016 година, а во 2019 потпишувајќи се како Freedom Engine  ќе го има „A Box Full Of Magic“.

 

Конечно, по цели 22 години од неговото деби ЕП издание „New Identity“, звукот и репутацијата на Метју како уметник континуирано се развиваат, и тој е познат како „исклучително плодотворен и широко талентиран автор и изведувач“.

И, кога ова е веќе познато ги бележиме и зборовите на Мирко Попов, како еден од основоположниците на ПМГ Рекордингс и на Фестивалот. Тој знае да каже дека „ПМГ Рекордингс е дискографска куќа со околу 300 реализирани изданија на современа македонска музика, неколку годишни фестивали и неброено концертни промоции и музички настани“. И, дека сето тоа за е остварено за неполни 25 години.

Без лажна скромност можам да кажам дека тоа не прави нејсериозен фактор во колку – толку организираниот развој на современата жива музичка култура во дадената Македонска реалност. Реалност на општ пад на општествените и интекултурни вредности. Време кога мнозинството отворено и бесрамно резонира општа деморализираност, а тенденцијата за линч кон оние кои се обидуваат конструктивно и позитивно да се осврнат кон проблемите е меинстрим.

Е па ПМГ Рекордингс се вбројува во оние конструктивните. Ние едноставно не прифаќаме автодеструкција (нели: метеор да не удри) и секогаш ќе стоиме во првите редови на промената, прогресот и се разбира надежта. Нашиот годишен ПМГ Рекордингс Фестивал е токму одраз на тој сентимент Се надевам дека и оваа година публиката ќе знае да ја препознае и потврди нашата внимателна селекција и да не награди со масовно присуство, вели Попов.

 

Кон ова само уште информацијата дека ПМГ Рекордингс фестивал е годишна смотра на истоимената дискографска куќа, која зад себе има речиси 300 изданија на современа македонска.

Фестивалот се реализира со поддршка на Министерството за култура, а  за изработка на визуелниот промотивен материјал за овогодинешното издание на манифестацијата свој цртеж од серијата :Memoris#000 отстапи македонскиот уметник и професор Велимир Жериновски.