Buffering ...

АЛЕКСАНДАР ЈОВЕВСКИ: Ми се чини дека летам додека свирам, компонирам, аранжирам…

септември 30, 2023

 

 Со промоцијата на албумот „Од колено на колено“ и својот прв солистички концерт, мултиинтрументалистот на народни инструменти, автор и аранжер Александар Јовевски го потврди своето долгогодишно присуство на современата македонска музичка сцена. Згора тој несомнено навести дека израсна во врвен уметник и истражувач на нашата традиција и фолклор.

 

Љупчо Јолевски

Александар Јовевски им припаѓа на оние музичари во чија ДНК од раѓање силно пулсираат традицијата и изворниот фолклор. Од кога знае за себе свири на кавал, тамбура, тапан… а пијаното го свири од моментот кога стапнал во  ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ во Скопје. Подоцна го завршил и Факултетот за Музичка уметност, а во текот на својата плодна скоро три децениска професионална работа бил предводник на етно составот МОНИСТРА со која, освен во татковината, настапувал и на бројни меѓународни фестивали во Словенија, Франција, Бугарија, Хрватска, Србија, Италија, Израел, Египет… Бил соработник на проектот „Македонски рози“, а од 2008 година и член на хрватскиот етно-состав АФИОН со кого музицирал во Данска, Шведска…

 

За својата работа добитник е на бројни награди и признанија.

Неодамна, промовирајќи го својот соло албум, Александар Јовевски одржа концерт во преполната Kамерна сала на националната Филхармонија. Овој перформанс беше со воодушевување пречекан од присутната публика и е убав показ не само за вашето бележито инструменталистичко присуство туку и за потрагите во сферата на традицијата и изворниот македонскиот музички јазик. Со временска дистанца од само една недела колку сте задоволен од овој потфат? Дали ви се обистинија очекувањата?

Иако сеуште ги собирам впечатоците и импресиите од концертот, јас сум презадоволен од реакциите на публиката во Филхармонија. Со ова ми се оствари еден од соништата во животот – да имам солистички концерт во респектабилна сала. Тоа ми беше желбата од кога знам за себе како музичар. Беше тоа прекрасна вечер исполнета со многу музика, со традицијата, со песни, со мојата авторска музика… И како се нижеа композициите на настапот така публиката се повеќе ги наградуваше со аплауз сите мои преработки и авторски композиции, а тоа барем за мене е показател дека сработив проект кој е ценет и почитуван. Прекрасно ми беше чувството додека бев на сцената и додека го свиревме албумот „Од колено на колено“. Оваа објава ја чувствувам како дел од себе. Направена е од срце и со неизмерна љубов кон традицијата. Со желба да си ја зачуваме и заштитиме нашата преубава македонска традиционална музика, а преку авторските композиции да оставиме нешто од нас во времето во кое живееме. Да тежнееме кон тоа и таа музика да се обнароди и следните генерации да ја сметаат за изворна, наша , исконска. Деновиве ме радува и фактот што има прекрасни критики за свирката на концертот, а и самиот аплауз кој траеше можеби цели пет минути пред да се случи Бисот, пред повторно да излеземе на сцена и ја продолжиме дружбата, мене ми кажува дека ,,Од колено на колено“ расне и станува вистински репрезент и музички амбасадор на културата на Република Македонија во светот.

На концертот настапивте со многубројни гости. Ве придружуваа џез пијанистот Гордан Спасовски, тука беше квартетот гудачки музичари со Владимир Крстевски како инструменталист со бројни кросжанровски соработки, Ратко Даутовски на перкусии, членовите на групата МОНИСТРА, вашиот пријател и гитарист Петар Ренџов, еден куп прекрасни пејачки предводени од Габриела Новевска… и така со ред. Од каде потребата кај вас вака со сите нив да ја споделите радоста што се нарекува музика? Колку нивното присуство беше битно за вас како инструменталист и автор слободно да му се радувате на моментот и конечно да видите до каде сте стигнале во својата мисија?

За мене е многу е битно опкружувањето од пријателите и музичките соработници, енергијата што ја носиме и музичкиот спој за сето тоа да зазвучи како што звучеше на концертот. Тоа најнапред го почувствував уште на снимањетот на албумот „Од колено на колено“, но ерупцијата на емоции и енергии се случи на сценското претставување на материјалот. На мое огромно задоволство соработувам со прекрасни луѓе, со врвни музичари. Голема е честа што ја делам сцената со нив. Затоа и во оваа пригода ќе речам дека сум им бескрајно благодарен на нивната поддршка и заложбите да остават свој печат, свој белег на мојата музика. Радоста и енергијата се чувствата што ги споделуваме меѓу нас, а тоа верувам дека убаво го се почуствува и во публиката на самите концерти настапи. Покрај нив додека сме на сцена се чувствувам многу сигурно и комотно и тоа ми дава уште поголема слобода во моето музицирање, во импровизацијата, во желбата заедно да направиме празник во чест на музиката.

Инаку, мојата мисија трае повеќе од три децении … Цели  22 години професионално се бавам со музика. Од првото искачување на сцена пред триесеттина години имам само една мисија да си ја зачуваме Македонската музика, да ги оживееме подзаборавените македонски песни и да се обидеме да ги облечеме во ново музичко руво и од колено на колено да си ја пренесуваме нашата изворна традиција. Само така сметам дека ќе си го зачуваме идентитетот и нашата самобитност.

 

Што по објавата на албумот и овој солистички концерт? Ќе се осмелите ли уште посилно да ја продолжите вашата творечка авантура? Што е она што притоа освен музиката и убавата изведба е најпотребно? Ќе имате ли сили и трпение да истраеете на патот, независно притоа какви ќе бидат условите за делување во државава во која културата наместо насловна страница веќе долго ни е на крајот од интересот?

„Од колено на колено“ беше препознаен како проект од национален интерес и затоа беше поддржан на Годишниот конкурс на Министерството за култура. Идејата за него тој да расте и да живее преку концерти, видео записи, да биде присутен на радио брановите и воопшто на медиумите во земјава. Нормално јас како автор и моите соработници би биле пресреќни ако со него успееме да излеземе надвор од нашите граници. Најнапред во земјите од Регионот, а зошто и да не во светот.

По ваквите проекти кај мене се буди волјата за што поголеми исчекори и не се сомневам во себе дека подготвен да дадам се од себе во реализација на новите остварувања, новите албумски објави, новите соработки… Во моментов работам на две изданија албума кои, се надевам, ќе бидат промовирани до крајот на оваа 2023 година. Тоа се албумот за Габриела Новевска на кој ќе се најдат осум преработки на стари македонски песни на кој јас сум комплетен аранжер, и оној на легендарната македонска пејачка Сузана Спасовска каде во план е да има дури 10 одбрани македонски песни за чија обработка и комплетен  автор на аранжаманите бев задолжен. Се работи со полна пареа , желбата никогаш не ми била поголема и секој проект си носи нови предизвици. Притоа се трудам со сите сили да не дозволам ниту еден проект да не наликува на претходниот. Секој да си има свој оригинален изведувачки печат. Патот кон успехот некогаш е трнлив, а некогаш лесен. Битно е да нема скршнување. Да чекориш стамено, онакак како што треба и како што своевремено тоа го правеле големите народни уметници. Јас за себе знам дека ќе одам онака како што треба, како што доликува и дека никогаш нема да престанам да фрлам со мислата и со погледот подалеку. Само тоа за мене е формулата за успех во животот. Како музичар, како уметник многу сум исполнет со тоа што избрав музиката да ми биде не само пасија туку и животна професија. Уживам во секој миг кога сум на сцена. Музиката ме исполнува до последниот атом.  Просто ми се чини дека летам додека свирам, концертирам, компонирам, аранжирам… Затоа благодарен сум им на моите родители, на фамилијата… што ме подржуваат од самите почетоци и што ми помогнаа да градам кариера на музичар. Што ме сторија она што сум денес. Што искрено се пронајдов во уметноста.  Ете и затоа ми е особено важно што настана овој проект „Од колено на колено“ и што приказната станува една од успешните. Мислам дека  и со него ќе си ја воздигнеме македонската музика и наново ќе ја искачиме на она ниво каде што и припаѓа – на врвот. Наедно на овој начин ќе им оддадеме и почит на многу знајни и незнајни уметни кои твореле порано и по чии стапки денес чекориме ние помладите.

 

Александар Јовевски е инструменталист на народни инструменти и во Националниот ансамбл ТАНЕЦ, соработува и со Петар Ренџов и групата МИТАН, хрватскиот состав АФИОН  … Како успевате успешно да ги менаџирате сите обврски, а да ви остане време за сопственото творештво и она што најмногу го љубите – истражувањето на традицијата и на македонскиот фолклор?

Треба да постои голема љубов и искреност кон она што го работите, и секогаш постои време и начин за остварување на проектите. Вклучен сум во скоро сите етно проекти во државата и неизмерно сум среќен и радосен поради тоа. Со убав план и со паметна организација може се да се постигне. Тогаш ми се чини дека едноставно успехот е неминовен. Во секој слободен момент знам да седнам и да компонирам, да истражувам стари македонски песни, да преслушувам стари снимки… Тогаш музиката едноставно излегува од мене. А за своите композиции инспирацијата ја црпам од секојдневниот живот. Од играта и дружењето со моите две ќерки Јована и Ана и сопругата Светлана. Од најквалитетното време поминато со нив.

И, кога сме веќе овде колку сме свесни за нашата традиција, за фолклорот и воопшто за македонскиот музички јазик. Ако знаеме дека тоа е она што ја означува нашата самобитност и го крепи нашиот идентитет во времево и просторов, што треба да се стори во неговото зачувување и органско пренесување „од колено на колено“?

Јас лично сум многу свесен за тоа што го работам. Тоа е мојот живот. Тоа е смислата на моето постоење. Затоа повторно ќе речам дека преку ваквите проекти ние си ја чуваме македонската музика, дека на овој начин оставаме свој музички белег во времето во кое живееме, дека така посегајќи по старите песни од разни краишта на Македонија си го штитиме мајчиниот македонскиот јазик. Затоа и апелирам до сите колеги музичари да и се вратат на традицијата, на нашиот преубав фолклор, на нашиот музички јазик и неуморно да творат. Од сето тоа сигурно нешто ќе остане и за поколенијата. Така на светот ќе му покажеме дека овде вирее уметноста и дека Македонија има своја преубава традиција и оригинален фолклор по кој сме биле и ќе бидеме препознатливи од сите.

Ако со последниве промотивни случувања заокружувате една поглавје од сопственото делување на сцената, што е она што допрва ќе и го понудите на публиката? Ќе тргнете ли на концертна турнеја по градовите од земјава, ќе се обидете ли да музицирате во регионот или, онака како што вие знаете и умеете, со некои нови музики ќе ги изненадите љубителите на вашето дело, вашата мајсторска изведба?

Пред концертот во Филхармонија имав два прекрасни концерта. Едниот беше во Центарот за култура „Глигор Прличев“ во Охрид, а другиот  на еден од најубавите и најпрестижни фестивали за фоклор и традиција „Илинденски денови“ во Битола. Дури потем, на 19 септември се случи овој триумфален настап во Филхармонија. Но, тука не завршува серијата. На 13 октомври ќе свириме во Радовиш и така со ред до крајот на годината. Во преговори сум и за концерти надвор од државата, но целта прво ми е онака како што доликува да го претставам проектот „Од колено на колено“ во Македонија, а дури потем да размислувам да тргнеме на пат по широкиот Свет.  Инаку, секој ден си носи нова музика. Секојдневно се раѓа нешто ново, возбудливо. Спонтано преку музиката што ја творам си доаѓаат идеите за реализација на нови дела, поголеми и помали проекти, соработки со музичари, пејачи и слично.

И, конечно според аплаузите на концертот може ли да се случи  целтаевентуално реактивирање на МОНИСТРА и кога ќе биде заокружен најавениот заеднички проект со Петар Ренџов?

Човек не може да се почитува себеси ако не си го почитува своето минато. Во моето минато етно составот МОНИСТРА зрачи со посебна светлина. Затоа едноставно имав голема желба на мојот солистички концерт да бидат специјални гости. И таа желба ми се оствари, а и самите видовте какви беа реакциите на публикат. МОНИСТРА, по две студиски објави – албумите со името на составот и „Киниса моме на вода“ за кои имавме одлични рецензии и осврти од критиката во двете цели децении на сцена, сеуште си е активна. Свириме и не има. Затоа можам да ветам дека ќе има идни проекти, концерти и турнеи.

Од друга страна,соработката со Петар Ренџов ни трае уште многу одамна а започна со неговите соло албуми „Сонот на невестата“ и „Темјаника“ на кои бев специјален гостин на кавал и тамбура. Тоа подразбира дека желбата за еден заеднички албум ни е од многу одамна. Едноставно чекавме да дојде вистинскиот момент за реализација на еден таков проект. Материјалот го снимавме во текот на 2022 година, а во август годинава се случи и промоцијата на „Скопски приказни“ на Петар Ренџов и Александар Јовевски. Здравје, наскоро ќе ги започнеме и настапите на кои ќе ги промовираме композициите од ова остварување.