Buffering ...

ТАКСИРАТ ПО 25-ТИ ПАТ ЌЕ ГО ПРЕВРТИ СКОПЈЕ НАОПАКУ

ноември 12, 2023

Шеесет концерти  и настапи на различни локации во Скопје и голема финална прослава на која во една вечер, на 7 декември, во Арена Борис Трајковски ќе се појават 10  музички ѕвезди како ACID ARAB, DUB FX , ДУБИОЗА КОЛЕКТИВ, КИРИЛ ЏАЈКОВСКИ, SMUT… ја чинат програмата на 25-то јубилејно издание на ТАКСИРАТ, најголемиот зимски урбан музички фестивал во Југоисточна Европа.

 

 

Љупчо Јолевски

 

Во текстот и прилогот објавен на 7 декември 2018 година на програмата на Радио Слободна Европа на македонски јазик, меѓу другото, како новинар и проследувач на (суб)културните настани, ќе го исфрлам од себе и следниов пасус:  Скопје во изминативе седум дена интензивно живее со својот ТАКСИРАТ. Со фестивалот кој цели две децении им пркоси на турбо атаците од секаков вид и се издига како непремостлив ѕид во одбрана на урбаната култура. На слободната и со ништо неограничена мисла и на потребата да не им се робува на идеологиите на срамот кои го деформираа нашето секојдневие и упорно ни ја убиваат желбата да бидеме свет. Или, барем да го држиме ритамот со постојната матрица на глобалните метрополи каде рокенролот (како многу поширок поим од неговото основно значење) е вткаен во обичноста на индивидуите. Ете, токму и затоа во декември е благодет да се биде дома и да се биде на ТАКСИРАТ. Оти тогаш неминовно е чувството дека покрај пи-ем честичките во загадениот воздух вибрира позитивниот дух на градот. И, така цели 20 години во менување на стварноста.

Во насловот за овој текст гордо беше потенцирано ТАКСИРАТ – НИКОГАШ ПОСИЛЕН!. А, потем во разработката и исклучително интересна листа на учесници на Фестивалот: KRAFTWERK, LAIBACH , Ману Чао со акустичен сет, GOGOL BORDELLO, INNER CIRCLE… за вовед, Д-р. Неле Карајлиќ, двете вечери на п(р)оезија на Рамбо Амадеус, враќањето на нашите херои КИБОРГ … сето ова на ПИН конференцијата, ЛУЗЕР ФЕСТ… и како финале MANDO DIAO, легендарниот австралиски драм-енд-бејс феномен PENDELUM, NOUVELLE VAGUE, ДУБИОЗА КОЛЕКТИВ, THERAPY, нашите металкор херои SMUT и „ново-примитивните“ социо-рок поети КУЛТУРНО УМЕТНИЧКИ РАБОТНИЦИ.

И, овде, еве не пет години подоцна. Социо-културната и политичката ситуација во земјата изгубена на патот на „интеграциите“ е уште полоша, а ТАКСИРАТ, најпосетениот алтернативен музички фестивал годинава го прославува своето јубилејно 25-то издание. Значи, традицијата е изградена и треба да се негува, а најголемиот зимски урбан музички фестивал во Југоисточна Европа, како што му доликува ова ќе го одбележи со бројни концерти и настани и со импозантна листа на учесници во програмата за финалната вечер која е планирано да се одржи на 7 декември во Арена Борис Трајковски.

Според потписникот на оваа манифестација – Пасворд продукција, „главната вечер годинава ги собира на ТАКСИРАТ резидентите, имињата потпишани зад најмасовните концерти, артистите кои дефинираа жанрови, но и станаа белег на овој Фестивал или уште поважно, музичката екипа која во моменти одигра значајна улога во неговото опстојувањето и раст. Така, на три сцени што ќе бидат поставени во скопската Арена Борис Трајковски ќе продефилираат 10 различни музички ѕвезди, а оваа вечер таму ќе се најдат и хероите на новата генерација, актуелниот бунтовен звук, но и светската  алтернативна и транскултурна електронска сцена.

 

Така, на ТАКСИРАТ годинава од Франција пристига психоделично-ориенталниот електронски звук на ACID ARAB (Ејсид Араб), парискиот музички колектив познат како транскултурен еклектичен спој на музичките стилови од целиот свет. Покрај нив, жанровската фузија во единствен уникатен звук ќе ни ја претстави и извонредниот DUB FX (Даб еф-икс), австралискиот музичар, визионер, уличен уметник и општествен активист кој на Фестивалот ќе го промовира новиот, долгоочекуван албум „Infinite Reflection” и, како што самиот нагласува, ќе ја претстави новата димензија на неговите концертни настапи.

 

Главната вечер на ТАКСИРАТ е резервирана и за едни од најпочитуваните балкански изведувачи со убедливо најуспешни интернационални кариери, соработници и големи пријатели на организаторот Пасворд Продукција и музички уметници кои се заслужни за најмасовните и најенергичните настапи кај нас. Тука спаѓа еден од најдобрите бендови од регионот, ДУБИОЗА КОЛЕКТИВ, секогаш импресивната екипа која ги освои сцените на најголемите светски фестивали и повеќе од две децении руши рекорди со огромен број меѓународни концерти.

 

 

Од македонската сцена пак, публиката ќе го има маестралниот КИРИЛ ЏАЈКОВСКИ, зачетникот на глобалниот феномен познат како „балкан бит“ кој со своето повеќе од 20-годишно творештво се искачи на самиот врв на најценетите музички артисти од југоисточна Европа.

 

Покрај Кирил Џајковски, домашната сцена ќе ја претставуваат уште две легендарни имиња со кои се гордее македонската музичка алтернативa: SMUT (Смат), основоположниците на метал-кор музиката во Македонија и регионот, како и СТРАЈК, неприкосновеното рап име од скопскатандерграунд школа.

 

 

 

А, во пресрет на финалната вечер со која ќе се заокружи годинешното 25-то изздание на Фестивалот, Ѓорѓи Илоски од SMUT со порака:

Немавме можност да ја прославиме 25ката од формирањето на бендот во нашиот роден град во изминативе години поради добро познатите причини. Во Скопје не сме настапиле цели четири години! Затоа чест ќе ни биде тоа да го направиме на ТАКСИРАТ токму на неговото 25 то издание. Ова би бил трет настап на бендот на овој Фестивал. Првиот беше во 2010, а вториот осум години подоцна- во 2018 на одбележувањето на двете децении од ТАКСИРАТ. Тој концерт беше доста значаен не само за бендот туку и за македонската хардкор сцена. Со него докажавме дека таа заслужува дел од големата сцена на голем фестивал како ТАКСИРАТ.

 

Инаку, Фестивалот како (суп)културна манифестација е од огромно значење за секој Македонец, без разлика кој свири на него. Тоа секогаш било место на единство и сплотување на целата сцена. Дружење со стари и стекнување нови пријатели од цела Македонија и пошироко. Во последно време слушаме разноразни  изјави за оддржување на нашата традиција и историја. Па драги мои ова е една од НАШИТЕ ТРАДИЦИИ. Ако нешто не негуваме и не почитуваме, еден ден само ќе романтизираме по него! Им посакувам на сите одличен ТАКСИРАТ и да се гледаме уште најмалку 25 години! Љубов и Почит!

 

Инаку, од регионот, покрај ДУБИОЗА КОЛЕКТИВ и претходно најавените ЛЕТ 3 од Хрватска, на главната вечер ќе настапат и С.А.Р.С., алтернативната рок група која со иновативниот музички израз си го заслужи своето место како еден од најатрактивните изведувачи на регионалната музичка сцена. Тука се и СМОКЕ МАРДЕЉАНО, најпочитуваниот претставник на бунтовната генерација од белградскиот хип-хоп, и МИМИ МЕРЦЕДЕС, eдна од првите и најистакнати раперки од актуелната српска музичка сцена.

 

И, чисто како потсетување. Првото издание на ТАКСИРАТ се одржа во далечната 1999 година. Приказната на скопските „таксиратлии“ тргна од Младинскиот културен центар, а низ изминатите изданија ги надживеа дел од своите локации, но и засекогаш ги обележа со култни концерти, Скопски Саем, Метрополис Арена и уште еден куп хали и концертни простори во градот. И најважно ТАКСИРАТ сѐ уште е тука и ќе продолжи во времето пред нас да го превртува Скопје наопаку!