Љупчо Јолевски
Наоружан со музиките од своите две албумски објави „Szvetlo“ и „Romann“, едниот продукт на деновите минати во Унгарија и другиот со печат на времето од Германија, македонскиот џез гитарист Филип Динев е повторно дома. Како што вели „да го фати сонцето“ и да свири. Онака како што тој знае и умее. Едуцирано и без задршка. Со многу шарм и нестивлива свиречка енергија. И, згора да ја пушти музиката што истекува од неговите трепети и прсти да ги радува сите оние кои искрено и приоѓааат.
Разговорот во продолжение е обид да се документира актуелниот момент на овој млад и несомнено потентен музичар, изданок на семејството Диневи чии корени слегуваат до легендарната македонска рок група ЗИЈАН. Тој од родната Гевгелија преку Џез академијата на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и студиите во Германија, свирките по европските клубови реши да ги замени со скопските. Да се обиде во еден дел од своите потраги да делува „локално“. Еве го почетокот на таквата негова авантура.
За само една недела, на два пати со различни соработници, се појави пред скопската публика. Најнапред на сет со Кирил Туфекчиевски во Литература кафе, а потоа и во Аудио култура со Мартин Џаконовски и Виктор Филиповски. Дали е ова само почеток на еден серијал од настапи кој во некоја рака треба да го означи твоето „враќање дома“ или можеби само продолжување на мисијата дека музиката треба да се споделува, да креира и да се свири секаде онаму каде за тоа постои интерес?
Убаво си забележал. И после – немало џез во Македонија… Се шегувам. Навистина ми беше чест и задоволство да свирам на двете места, особено со вакви фини музичари, пред таква внимателна публика. Двата концерта беа од различна природа – едниот акустичен, а промоцијата на албумот беше во трио формат со електрична гитара, во појачало, се разбира. Големи пофалби до Литература кафе и Аудиокултура – и имам само зброви за охрабрување до сите оние што се обидувааат во своите локали да ги претстават македонските музичари и да ја поддржат локалната сцена.
Да се навратам на прашањето – и двете. Во поседно време доста размислувам за тоа. И си велам зошто да се врзуваме за одредени ентитети, држава, јазик, националност, град, луѓе… Мора ли? Не знам, сега сум овде и свирам музика која што ја носам со себе, колку што е можно повеќе.
Во Аудио култура го свиревте материјалот од твојот втор албум „Romann“. Беше тоа перформанс во кој до силен израз дојдоа вашата супериорна инструменталистичка моќ и неверојатниот спој на енергии. Креиравте атмосфера која покрева и едноставно изместува. Просто човек да си посака да ве слуша наново и наново… и да и се радува на музиката. Како се случи оваа средба со Мартин Џаконовски и Виктор Филиповски? Ќе го натера ли таа Динев на помисла дека можеби би било убаво и во иднина да се најде на иста сцена со нив, да остави документ од соработката со овие музичари зад себе?
Најпрво, благодарам за убавите зборовите. Од новинар и познавач на светската сцена како тебе, тоа навистина ми значи. Многу. Инаку, се` се случи спонтано, ама и нормално, по моја „вина“. Велат, не може се` од тебе или се` од Универзумот (Бог) – мора и по малку и од двете. Како и да е, Мартин го запознав како чист синхронизитет. Седна точно до мене на концерт пред две години во Филхармонија и веќе наредниот ден свиревме кај него, акустична гитара, контрабас, турско кафе и поглед на Вардар… Милина. За среќа, тој е често во Скопје, па имаме и контрабасист од светски ранг. Инаку, за Мартин – речиси и да нема џез музичар во Германија кој не го знае неговото име ако се спомне. Потврдено.
А, со Виктор се знаеме многу одамна. Имаме години зад себе. Брилијантен тапанар и генерално музиччар. А и за друштво е добар. Се шегувам. Последната заедничка свирка ни беше пред пет-шест години, па така ова беше големо освежување за двајцата.
Се надевам дека ќе снимиме нешто во иднина. Прво да ме фати малку сонцето, па ќе измислиме нешто.
Ако на „Szvetlo“ со петте авторски теми само го навести твојот композиторски потенцијал, на актуелниот „Romann“ одиш чекор понапред – шест твои нови композиции и само една обработка „Blackbird“ на Џон Ленон и Пол Макартни, односно БИТЛСИ. Која е приказната зад ова остварување? Каде се обиде да исчекориш? Колку оваа музика е во дослух со идејата каде во иднина би сакал да се движиш, да истражуваш?
„Romann“ е своевиден антипод на „Szvetlo“, би рекол (јас). Тепмата се побрзи, по виртуозен е, пософистициран композиторски, но „Szvetlo“ има длабочина, мелодичност и трпение за кое не би знаел сега дали сум способен да го репродуцирам. Најверојатно не. Музиката се менува како што и вие се менувате, за среќа или несреќа.
Битлси и целата таа класична инспирирана хармонија ми е многу блиска, па така се најде и овој аранжман на албумот. Би рекол дека и двата албуми не се правени функционално – во смисла – „Сега музиката ќе ми звучи вака или онака“, туку се многу органски креирани и лични. Е сега, се поставува прашањето – до каде ќе може вака? Не знам, и тоа ме мачи. Ќе мора да се движам малку пофункционално во иднина…
Двете обвивки на објавите ги красат одлични визуелни решенија, но мнозина и со право се воодушевени од твојата соработка со македонскиот уметник Ване Костуранов. Како се најдовте? Што беше она што ве спои?
Во последен момент, пред принт, ми откажа една германска илустраторка. Ване Костуранов, или како јас што го викам – „бат Ване“, ми испадна во пресрет и ми даде дозвола за обвивката да користам едно од неговите фантастични дела. Неговата мала опсесија со цртање куќи некако ми беше логична, затоа што и јас само што се бев се вратил од Германија. Емотивно ме допре. Голема благодарност до него, кој не го знае … ако има и такви – нека прогугла.
И, кога сме веќе кај актуелното издание лично пријатно ме изненади тоа што албумот се најде на страници на реномираниот американски магазин Jazziz, а на мартовската топ листа твојата музика е покрај оние на легенди како Нина Симон, Алис Колтрејн… Што значи ова за еден млад музичар од Македонија кој допрва треба да го покаже својот вистински потенцијал? Колку ваквите рекции ги подгреваат твоите желби дека треба неминовно да се оди и да се пробаат силите и среќата надвор од познатите простори и опкружувања? Во Европа, малку подалеку…
Добро е што ме потсети на ова Љупчо, јас појма немав ни што е Jazziz. Искрено, во ред е се` ова, меѓутоа не значи многу деновиве. Издавачките куќи, рекорд компаниите денес имаат поинаква философија. Тие очекуваат дигитални бројки, followers, Spotify listeners и ред други работи, кои најголем дел од нас генерално не не интересираат. Но, јас сум многу благодарен на секој кој ја чул мојата музика, во било која форма.
Големо прашање е тоа – дали да се остане, или да се оди пак со нови сили. Немам одговор. Само знам дека како некогаш „југословенски пасоши“ нема веќе, за жал ниту „македонски“… па така, не е лесно ни да се иселиш брзо од Македонија. Реалноста (до некаде) е – ако сакаш да свириш во Берлин, треба да си таму. Истото важи и за Македонија. Искрено, се радувам што сум сега во Скопје и што свирам со македонски музичари.
Сега си дома веројатно со идеја да ја залечиш носталгијата, да ги наполниш батериите и да видиш како на нашава сцена стојат работите. Колку одовде можеби може да се биде видлив и присутен на глобалната сцена. Се раѓаат ли идеи за соработки и изданија со твоите македонски колеги? Со Мартин, Виктор, Гордан Спасовски, Кирил Туфекчиевски, Кирил Кузманов, Трајче Велков … со оние кои својата наобразба ја стекнуваа на прочуената Џез академија во Грац.
Токму ова се причините од кои малку се повлеков на наш терен. Мене искрено добро ми одеше горе, свирев со едни од најдобрите музичари во Хамбург. Во Германија. Техничко/креативното ниво е такво, да мора да свириш само со добри музичари, во спротивно е само мачење. А сите овие горенаведени инструменталисти се музичари од светски ранг.
Мислам дека е скоро невозможно да се биде присутен на „глобалната сцена“ од овде. Од дома. Има и ректи примери кои го покажуваат спротивното, но јас не познавам џез музичар кој живее во Македонија и е присутен на „глобалната сцена“. Џезот, како сегмент од музичката индустрија е доста мал и локален. Сега за сега се фокусирам на локалната сцена, а и ако погледнете, барем во Европа сите најмногу се фокусирани токму на локалната сцена. Проблем кај нас се овие средновековни физички граници, немање соодветни транспортни врски, финансии кои ќе стимулираат нормална работа, продукција, интернационални турнеи и слично.
И, кога веќе говориме за идните исчекори, работи ли Филип Динев на своите нови музики и ке ја следи ли својата динамика на година две да не радува со своите нови музики? Што е она на што е фокусиран во последно време? Какви звуци раѓаат неговите пребирања по жиците? Ќе остане ли и во иднина на форматот на делување како трио или… ?
Ова е најверојатно прашањето кое го мачи секој од нас кој се занимава со музика. Кога ќе излезе следниот продукт? Ќе биде ли подобар од претходниот? Како ќе се издаде? Имам секако на ум еден до два проекти кои би сакал да ги реализирам во (блиска) иднина. Па и во малку подалечна да биде, не ми е проблем. Факт е дека сево ова бара време, енергија и посвета, а јас сум пресно преселен во Скопје. Не верувам во она дека можете капиталистички живот да живеете со 08:00-16:00 часот работно време и да бидете уметник во слободно време. Така да, најнапред ќе ми треба време да се стабилизирам… а потоа ќе видиме.
Форматот на делување со трио би сакал да го сменам, можеби да се фокусирам повеќе на акустична гитара. Како и да е, ќе видиме…
И, за крај има ли гитаристот разработена сопствена агенда за присуство на претстојните џез фестивали, за настапите по клубови… Каде да го очекуваме да се појави наскоро а каде сеуште сонува да се искачи на сцената и да ја свири својата музика?
Културата, или ако сакаш музиката, ја делам секогаш на „официјална“ (фестивали, Филхармонија, официјални концертни инфраструктури итн.) и онаа, „урбана“, што подразбира помали места, алтернативни локали и слично. Здраво културно општество треба да ги развива двете димензии. Ако треба да одберам – би одел со четири џез концерти во неделата во помали места, отколку со два фестивали во текот на годината, дефинитивно. Така да, заинтересиран сум и за двете, и ги поддржувам сите локали каде може да се изведува џез музика. Оваа недела свириме во Бруклински со Оливер Јосифовски и Александар Петров. Во април ќе свириме со Гоце Стевкосвки неколку пати, а јас со триото есенва имам кратка турнеја во Германија. Кај нас и ретко се планира нешто многу однаред, така да – следете не. Имам и сајт каде ги ставам договорените концерти и настапи по клубовите.