Buffering ...

Кон албумот Терирем на Сузана Спасовска

февруари 2, 2024

Веројатно малкумина, а можеби и никој не успеал да се пронајде и да биде беспрекорен во безмалку сите музички жанрови што ги познаваме и негуваме на македонската музичка сцена како што тоа го прави Сузана Спасовска. Од нејзините почетоци во кои беше претеча на некои рокенрол ѕвезди, па преку извонредните интерпретации на најубавите македонски традиционални песни, па сѐ до изведбата на исто толку одличните авторски композиции, Сузана Спасовска стана гласот на македонскиот музички интегритет, континуитет и разноликост.

Таа е линкот меѓу големите пејачи кои му ја открија македонската песна на светот и современово ни живеење: Васка Илиева, Александар Сариевски, сестрите Мавровски, Вања Лазарова, Кирил Манчевски. Но таа не остана само на тоа: откривајќи ја силата и талентот во себе, таа продолжи со мисијата која стана нејзина судбина (мислите дека случајно песната Судбо моја е препознаена најмногу и најсилно преку неа?), а тоа е: да е мост меѓу генерациите, мост меѓу традиционалното и модерното и заеднички именител во кој е препознаен музичкиот континуум на музиката на овие простори.

Но овој пат оваа храбра дама на своите плеќи презеде уште една обврска – да го земе и да пренесе парче од трезорот на источното пеење до нас, но не на изменет или реосмислен начин – туку да ни го даде онака како како што е создадено, истовремено зачинувајќи го со нејзините генијални гласовни можности и на тој начин пак да стане врска меѓу нас и дебранинот Јован Кукузел – најголемиот реформатор и музички револуционер во Ромејското царство. На овој сериозно голем предизвик Сузана Спасовска како и многупати пред тоа, му погледна в очи и се соочи со него снимајќи го албумот со православни црковни песнопеења наречен Терирем. На тој пат повторно покажа дека и ова може да го направи со леснотија – исто како што ја пее Да сум бистра вода да ја испее Господи помилуј. Сузана Спасовска по којзнае кој пат ја покажа својата храброст и верба дека и оваа планина може да ја надмине и да замине со победа. Алелуја!

Но она што за мене е чудесно, тоа е начинот на кој Сузана го прави тоа. Затоа што не можеш да се шеташ низ музичките жанрови без притоа да не ти остане нешто „залепено“ од претходното поради тоа што нашиот ум памети и го поставува грлото на специфичен начин. Се разбира, тоа кај интелигентните и талентирани пејачи – како што е нашата Сузана – не важи. Тешките делници на овие музички химни за неа не се проблем затоа што нејзиното грло веќе се напоило вода од многу извори, учело од многу мајстори и на крајот и самото станало мајстор на кој можеме само да му се поклониме.

Во албумот ќе чуете 16 црковни песнопоења, на кои како столбови стојат нејзините пријатели од црковниот клирос Пелагонитиса: најпрво м-р протопсалт Георгиј Секулоски кој вредно работел со неа во консултацијата за овој музички документ и во откривањето на тајните и патеките на византиското пеење, и се разбира исклучително талентираните исонџии Бранче Трајкоски (дипломиран теолог) и Александар Трајкоски (црковен псалт) кои го покажуваат своето знаење и стабилност во придружбата на Сузана.

Рековме 16 композиции, но тој број не е важен – албумот може да остане да се врти постојано затоа што претставува гласовно ремек-дело кое уште еднаш и уште еднаш ја носи славата на доброто и убавото. На многаја лета, драга Сузана!

Добрила Грашеска

музички уметник и филолог

31.01.2024