Buffering ...

Концертот „Џез лектира“ е моја комфорна зона! ИНТЕРВЈУ: Марија Димитријевиќ

март 14, 2024

Со еден албум зад името на своето трио и повеќегодишно бележито сценско присуство, џез пејачката и виолистка Марија Димитријевиќ е исправена пред нов предизвик – да биде вокалистката пред Националниот џез оркестар кој реши да посегне по творештвото на големиот Каунт Бејзи и неговиот Биг бенд и да се фокусира на соработката со современата американска џез пејачка и пијанистка Дајан Шур.

 

Љупчо Јолевски

 

Марија Димитријевиќ е уметница. Инструменталистка на виола и џез пејачка. Една од оние чие делување е бележито през годиниве наназад и без кои и не може да биде заокружен мозаикот на македонското, уште поточно нека биде скопското, (суб)културно живеење. Родена во Ниш 1974 година, таа најнапред завршува средно музичко училиште, отсек виола. Од 1992 година живее во Скопје, каде ќе дипломира на Факултетот за музичка уметност во класата на професорот Љубомир Господинов. За време на студиите посетувала и часови по соло пеење кај професорот Благоја Николовски, а од 1993 до 1966 година е стален член на Камерниот оркестар на Радио Телевизија Скопје и хонорарен соработник во Македонската филхармонија. Едновремено била соработник и во Македонската опера и балет, а од 2004 година е вработена во оваа наша институција како водач на виоли.

Од друга страна, како џез пејачка, започнала да настапува во 1993 година со квартетот NIGHT AND DAY, за да потем реализира и бројни концертни настапи и снимки со Биг бендот на МРТВ.

Во 2006 година ја почнува и соработката со режисерката Наташа Поплавска играјќи ја Сара Боулс во „Животот е кабаре“ во продукција на Арт медиа.

Како пејачка на МАРИЈА ЏЕЗ ТРИО , односно КВАРТЕТ, настапувала скоро на сите регионални џез фестивали како оној во Ниш, соседна Србија, во Тирана и во Драч во Албанија,  Солун – Грција, Хамбург – Германија… и во 2010 година, за Скопје џез фестивал, го објавува своето првенче – албумот „Make Someone Happy“ .

И, толку со фактите од нејзината биографија, она што следува е новиот предизвик. Приказната почнува вака.

 

Во сабота на 16 март, во МНТ, ќе се одржи концертот на Националниот џез оркестар насловен„Џез лектира“ на кој во фокусот е творештвото на големиот Каунт Бејзи, посебно неговата соработка со Дајан Шур. Вие, како една од најдобрите џез пејачки на овие простори и музичар со огромен багаж зад себе, сте вокалистка на овој перформанс. Какво е чувството да се биде повторно на сцена со еден голем оркестар и исправена пред предизвикот да посегнете по песни што можеби и не сте ги пееле досега?

 

Најнапред би сакала да ви се заблагодарам за поканата за овој разговор и за вашите комплименти. Ме нема многу во јавноста и имав чуство дека сум некако заборавена. Дека ме знаат само оние што мечуле и виделе како пеам по клубовите…и толку. И, затоа веднаш ќе нагласам дека голема е радоста и уште поголем предизвикот да се настапи со Националниот џез оркестар. Со моите драги пријатели и врвни македонски музичари и со Џијан Емин како диригент на концертот „Џез лектира“. Ова посебно затоа што во последните неколку години и не настапув нешто многу. Такво беше времето. Од друга страна, оваа можност ја чувствувам како посебен предизвик затоа што ќе имам задача да исполнам песни кои до сега не сум ги имала на репертоарот, не сум ги пеела а се едни од најзначајните кои американската џез пејачка Дајан Шур ги има отпеано. Не ни можам да се споредувам со една таква вокалистка и голема легенда, но ќе дадам се од себе да и ги дадам на публиката онака како што јас ги чувствувам. Онака како што јас ги доживеав и ги поминав не себе. Со многу енергија и емоции.

 

Со какви емоции и прашалници влегува Марија Димитријевиќ во една ваков проект и колку тој може да ја измести од комфорната зона на пејачка која била под силно влијание на ѕвезди како Дијана Ривс, Диди Бриџвотер и Ела Фицџералд и инструменталистка која од друга страна милува експерименти и потраги?

Со оглед дека зад себе на сцената имам повеќедецениско искуство и се разбира веќе изграден стил на интепретација, на пеење, лично не си дозволувам да ме измести било што. Напротив, со должна почит кон трудот на секој автор, најнапред гледам да останам на цврсто тло и потоа да размислувам за некаков исчекор во непознатото. Затоа секогаш и во било каков музички проект влегувам со големо задоволство и со нескриени емоции. И притоа вообичаено се обидувам да се преиспитам себе си. Сакам да бидам вклучена во нови, па ако сакате и екпериментални зафати иако по некое сопствено наоѓање јас сум бележана како вокалистка на џез стандарди. Од таму, среќа е што овој концерт излегува дека е моја комфорна зона, иако повторно ќе речам дека сите песни што ќе ги пеам на концертот со Националниот џез ансамбл во сабота во МНТ се нови за мене. Ќе чуеме и ќе видиме како сето тоа ќе прозвучи. Како ќе не прими публиката.

 

Во контекст на ова ќе ве потсетам на исклучително убавиот почеток на 41 Скопски џез фестивал ( 2022) кога како виолистка во 20-члениот камерен оркестар „Фејмс“ бевте во екипата на „Експлодинг стар оркестра“ на брилијантниот американски музичар Роб Мазурек. Во еден проект кој токму се бави со бришењето на границите и испитувањето на можностите и слободите. Мазурек директно од сцената ја пофали вашата изведба. Како се чувствувавте тогаш и колку таквото искуство ве води напред?

Ќе бидам искрена, тоа беше ново искуство за мене. Јас во овој проект бев вклучена како водач на виоли во оркестарот „Фејмс“ и на една од пробите, на мое големо изненадување, Мазурек ми даде соло. Како што веќе ви кажав предмалку, сакам експериментални проекти, и мислам дека одлично се снајдов во таа улога. Уште повеќе, што Роб ме изненади и на самиот концерт. Раководејќи со изведбата, во еден момент, се сврте кон мене и ми даде знак за соло во сосема друга композиција. Ме предизвика. Не знам зошто, иако сум позната како „тремаџика“ во тој момент немав никаква трема. И и се предадов на изведбата. Ја следев хармонијата на пијанистката, и самиот Мазурек малку потоа и се приклучи на изведбата и импровизацијата ја завршивме заедно. Тоа за мене беше исклучително значаен момент од концертот кој се покажа дека еден од оние по кои ќе биде запаметен 41 Скопски џез фестивал.

 

Овде, а со истата цел, би ја спомнал и соработката и вашето учество во музичко сценското дело – кабарето насловено „Животот е…“ од 2021 година на режисерката Наташа Поплавска. Колку таквото искуство ви помогна во надградбата на вашиот стил на изведба, во она што кон секогаш сте тежнееле – да се издигнете над стандардите на срединава закопана во турбо-политичката кал? Конечно, што значи за Марија Димитријевиќ да се биде џез пејачка, музичарка…уметница во условите во кои преживуваме овде на Балканот? Како успевате да се справите со сите непотребности и да останете своја на патот што одамна сте го одбрале?

Искрено бев скептична кога режисерката Наташа Поплавска ме покани да ја играм главната улога во овој музичко-сценски проект, во кабарето . Се прашував како ќе се снајдам со глумата. А и кореографиите, за мојата возраст, беа предизвикувачки. Победија љубопитството и желбата да ги испитам сопствените граници и со отворено срце влегов во приказната на ова случување. И, притоа мора да нагласам дека во реализацијата на мојата задача имав огромна помош од Наташа, но и од Ристо Вртев кој што ја напиша приказната за овој мјузикл.

А, во врска со справувањето на стереотипите на средината во која што живееме и „преживувањето“ како музичар и како уметник, како и до сега, мислам дека е најпаметно да го следам сопствениот творечки пат што го започнав како инструменталист на виола и џез вокалист. Ова посебно затоа што така ми вели срцето. Јас искрено и навистина со огромна љубов се давам во сето она што го работам. Само така знам, никако поинаку. Се обидувам да не мислам за тоа кој и што кажал, освен вистинските пријатели кои искрено и од срце ќе се отворат пред мене, зошто живееме, или ако сакате преживуваме, во свет каде и во културата токму некултурните ги завзедоа највисоките позиции и си поигруваат со нашите судбини. А, против тоа навистина е тешко да се бориш.

Поминаа скоро 14 години од промоцијата на вашиот албум Make Someone Happy“ објавен за Скопје џез фестивал кој помина повеќе од солидно кај публиката. И, од тогаш кога работевте со вашето трио и гитаристот Јовица Ивановски како еден од столбовите на соработката сеуште го чекаме вашиот следен дискографски исчекор. Ќе дојде ли моментот кога во малкуте медиуми кои преостанаа а третираат култура ќе ја прочитаме веста дека Марија Димитриевиќ го „сними својот нов дискографски проект“?

Ах, зарем е можно дека толку време помина од излегувањето на „Make Someone Happy“?! Просто не можам да верувам дека времето едноставно лета. Мене ми се чини како да беше вчера. Инаку, многу ми е драго што го спомнавте Јовица Јовановски…тој едноставно не смее да се заборави. Нашата долгогодишна соработка многу ми помогна да се израснам во ова што сум денес. Приказната за триото едноставно згасна кога за жал го изгубивме Јовче. Спомените за него секогаш ќе бидат тука, помеѓу редовите на нотите од секој џез стандард што сме го свиреле заедно…

За среќа имаме многу млади извонредни музичари, повеќето членови и на Националниот оркестар со кои имам прекрасна соработка. Па и дружба. Овде мислам на инструменталисти, аранжери, композитори како прекрасните Гордан Спасовски, Кирил Туфекџиевски и Виктор Филиповски со кои во последно време најчесто настапувам. Токму со нив, со овие виртуози, од пред неколку години ја почнавме реализацијата на новиот проект и искрено се надевам дека годинава конечно ќе и ја понудиме на публиката на носач на звук таа наша плодна соработка. Не би сакала да откривам детали. Сакам тоа да биде едно убаво изненадување за љубителите на музиката.

 

И, за крај каква ( и чија) музика сака да пее или свири Марија Димитријевиќ? За каков проект таа сеуште сонува?

 

Е, сега кога би почнала да набројувам би бил тоа еден навистина подолг список на џез пејачки и музичари кои редовно ги слушам и на чии изведби им се радувам. Тука пред се големите Ела Фицџералд и Сара Вон… од помладите, та дури оние кои сега доаѓаат, би ги спомнала Вероника Свивт и Самара Џој… а во последно време уживам и во изведбата на пијанистот Емет Коен. Од класичарите тука е Пучини… И, кога би одела вака којзнае уште колку би набројувала.

Инаку, еве ќе бидам искрена сонувам годинава конечно да го издадам новиот албум и повторно да почнам да настапувам по џез фестивалите. И, кај нас дома и на меѓународната сцена. Никогаш не е касно, нели?