Buffering ...

Крсте Роџевски со „гурбетски“ албум меѓу албум

септември 12, 2023

Крсте Роџевски со „гурбетски“ албум меѓу албум

 

„Black Earth“ е насловена новата плоча на македонскиот пејач, гитарист и композитор кој безмалку три децении е активен на њујоршката авангардна сцена. На неа се забележани 11 фолклорни напеви што ги слушал од дедовците додека растел во родната Битола, преспанско, леринско… музики проткаени со афрички ритми и продуцирани од легендарниот Бил Ласвел.

 

Кога го снимав првиот албум ако некој ме прашаше за што е „Batania“ јас ќе му кажев дека го замислив како последен поздрав, како некролог, или како поттекст, како носталгија за минатото што никогаш не се случи. Кога го пишував, компонирав, кога го снимав, па и дури кога го свирев „Batania“ ја немаше таа ковид разделеност. Оваа година и половина еден од најголемите стравови што сите го имаа – не само јас, посебно сите ние што живееме во странство, беше дека ако некој близок се разболи ќе не можеш да го видиш, дури не дај боже да почине ќе немаш никаква шанса да го испратиш. Од тој страв, како клетка имаш потреба од допир. Да допреш некого. Да бидеш близок со некого. И, затоа ова беше многу поразлично патување за мене.

Ова се зборовите на нашиот Крсте Роџевски забележани во разговорот публикуван во јули 2021 година, ден-два по неговиот соло концерт „Насамо со“ што се случи во рамките на одбележувањето на 30 годишнината на Канал 103 во скопски Куршумли ан. Херојски чин и вистински триумф. 

Од тогаш македонскиот музичар чија постојана адреса на живеење повеќе од две децении е во Њујорк, САД, ни доаѓаше неколкупати. Секогаш со добри вести. Ведар и насмеан. Со плодовите на сопствениот немир кој раѓа музика чија својственост е да ги надраснува границите и да ве води далеку. Високо. До себе.

По трилогијата зачната со прекрасниот „Batania“ (2015) чиј следбеник беше „Bitter Almonds“ (2017) и крунисана со „The Rabbit and the Fallen Sycamore“  следната година – сите за Much Prefer Records , Роџевски ги сними и „Hubris“ (MOD Reloaded  2020) и  „Fair Weather Friends“ (Point of Entry, 2022), концептуални остварувања со длабоко емотивна лирика и електроакустичен звук потпрен на бележитите влијанија од експерименталната звуковност и фри џезот.

И, не помина многу, а на крајот на летото 2023, тој повторно долета дома за да овде ги почне промотивните активности за својата нова творечка објава насловена како „Црна земја“. Поточно „Black Earth“.

За време на пандемијата, во еден од креденците каде чувам облека, книги и стари чевли во мојот дом во њујоршки Ист вилиџ, ја најдов тамбурата што неколку години пред тоа ја добив од еден голем мајстор во Кичево каде поминавме заедно со Оливер Јосифовски. Јас не сум тамбураш, дури би рекол дека не знам да свирам на тамбура, ама … И почнав да вежбам. Во наредните денови повеќе спонтано од мене почнаа да извираат некои стари македонски песни и архаични мелодии. Оние што ми ги свиреа дедовците, што ги слушав на семејните веселби, слави, свадби во ресенско…сето она што го слушав во годините кога растев во Битола.

И решив некои од нив, а богами се собра убава бројка, да ги снимам на мојот ајфон и си реков „ајде ќе му ги пратам на Бил (Ласвел)“. Ме интересираше што мисли тој за звукот, за неправилните ритми, нивната компатибилност … Тој се јави истата вечер и ми вели: Ајде да го направиме ова. Да снимиме плоча. Имам јас некои работни снимки од Африка … и нив ќе ги вкрстиме со твоите изведби како што го направи тоа Џорџ Расел на албумот „Electronic Sonata for Souls Loved by Nature“. Е сега, можеби ќе ви звучи ова чудно, и не би сакал овде  да правам некаков пи-ар, ама во истиот момент јас ја имав во рацете токму таа Раселова плоча спремен да ја пуштам на грамофон. И,  и така тргнаа работите. Се заврте колцето.

Вака Крсте Роџевски ја начнува приказната за „Black Earth“, албумот чии промотивни активности во изминатава недела (од 5 до 9 септември) се одвиваа на релација Скопје (слушачка промоција со изведба на еден грст песни во Аудио култура), Битола (концерт каков што може да му дари еден врвен музичар на родниот град) и перформанс во Солун (од каде е неговиот издавач и сопственикот на Defkaz Records).

Потоа се собравме во студиото Orange, се наредивме во круг и почнавме да свириме. Тука освен мене и Бил Ласвел кој беше задолжен за бас делниците и електрониката, за миксот и продукцијата, беа перкусионистот Адам Рудолф, џезер чии интереси се повеќе кон полето на светската музика и има свирено со големци како Јусеф Латиф, Херби Хенкок , Доминик Џејмс на електрична гитара – цреша на шлагот оти зад него е соработката со Пол Сајмон и Ејнџели Киџона меѓу другите, и конечно Џош Вернер на бас кој има снимано со ВУ ТАНГ КЛАН и со реге легендата Ли Скреч Пери. Песните ги отсфиревме во една душа, во еден „тејк“ како што се вели и…си отидов дома. После две недели Бил ми го прати мастерот, јас му го препратив на Шурбе кој ми рече „ова е супер…добро е за некој кој е од Битола“… ова го измислив, ха, ха, ха… и конечно се јави Јанис од Defkaz Records и ми потврди дека албумот излегува. Сега еве имам нова плоча која се вика „Црна земја“ или „Black Earth“. Албум меѓу албум. Случајна и спонтана објава која мене лично многу ме радува.

На албумот се забележани 11 македонски песни (како „Шана“, „Стојна“, „Билбил“, „Стомни“, „Гора“, „Костур“, „Ерген“…) проткаени со афрички ритми, со музики од Гана, румба од Конго …и теренски снимки направени на Континентот.

Срцевината на традиционалните македонски хармонии и ритми се развивала низ вековите. Се крепи на лириката и звуковноста на античкото грчко и римско царство, на песните со силни влијанија од Византија и Отоманската империја… на повеќекратните миграции, раскажувањата на приказни, митови и легенди, војни, племенски судири, крвопролевања, помирувања. Како куриозитет, на албумот се присутни и некои микро-влијанија од Индија и Северна Африка… Накратко, Црна земја е филтрат на транс-генерациско пренесување на издржливост, траума, љубов и наивност, пишува во прес материјалот за новиот албум на Роџевски .

А, тој онака за себе честопати знае да каже дека со радост си доаѓа дома, дека овде се грее на емоциите што со него ги споделува публиката и дека во Њујорк каде живее и работи, каде со успех твори, единствено што му недостига е таа „македонска спонтаност и џагорот што го имаме ние овде“.

Љупчо Јолевски