Серијата успешни настапи започна на 23 октомври во Сомбор, соседна Србија, а по концертите во прочуената концертна сала „Ватрослав Лисински“ во Загреб, Хрватска, потем на реномираниот фестивал НОМУС во Нови Сад, ќе кулминира со перформанс во Темишвар, Романија, на 28-ми овој месец.
Љупчо Јолевски
Проектот „Македонисимо“ зачна одамна во мојата глава, слободно ќе кажам и во моето срце, бидејќи јас сум задоен, пораснат со народната музика. Мојата прва љубов е хармониката и на тој начин традиционалната музика секогаш била вткаена дури во целосното мое образование кое што јас го стекнав во Македонија. Отсекогаш верував дека потенцијалот што нашата народна музика го има доколку се преточи во еден поинаков музички јазик, да речам првенствено којшто доаѓа од класичниот музички свет може да се носи, рамо до рамо, и со самата класична музика на која што јас сум претставник.
Ова ќе го забележи нашиот пијанист од светски глас Симон Трпчески, во септември 2022 година, во пресрет на домашната премиера на проектот „Македонисимо“ која нешто потоа со многу емоции и воодушевување беше проследена во струшко Збажде, родното село на неговиот татко, на платото пред Националната опера во Скопје и во Штип.
А, кога сме веќе тука никако не смее да се заборави дека, од сосема нејасни причини и разноразни натегања и нечии „сметки“ кои немаат допирни точки ниту со музиката, ниту со културата, оваа промоција се случи дури цела половина декада откако албумот со воодушевување беше пречекан во светот. Така, тогаш за него реномираниот критичар Нејтан Феро, во најстариот американски магазин специјализиран за рецензии „Америкен Рекорд Гајд“, ќе напише:„Македонисимо“ воспоставува рамнотежа помеѓу традицијата и оригиналноста. Без оглед дали е дадена прогонувачка и потресна мелодија, носталгична, лирска балада или вртлог од енергично, славеничко танцување, музичарите внесуваат силно чувство и непречена радост во музиката. Силно му го препорачувам овој албум на секој љубител на музика “.
Убавите зборови своевремено нема да ги штеди ниту Петер Бурвасер кој, во американскиот двомесечник „Фанфер“, патем специјализиран за класична и џез музика, на читателите ќе им порача „никако да не го пропуштат ова издание“ оти , како што вели, „музиката овде е примамлива мешавина на џез енергија и раскажувачка лирика и ќе го разубави Вашиот свет во време во кое итно му треба такво освежување“.
По домашната концертна промоција на „Македонисимо“ му се случи и светската премиера на оркестарската верзија на проектот во престижната концертна сала „Музикферајн“ во Виена, заедно со австрискиот оркестар Тонкунстлер и диригентот Јутака Садо од Јапонија на почетокот од март годинава.
Тогаш маестро Трпчески видно расположен, за Македонското радио, ќе ја даде следнава изјава: Се случи нешто што засекогаш ќе остане во аналите на историјата на македонската интерпретативна уметност. Возбудата е дотолку поголема што добивме уште една димензија на проектот „Македонисимо“, кој Панде Шахов овој пат го обои во најразлични оркестарски бои за поинаква звучна слика. Со желба изведбата да донесе уживање и за самиот оркестар, тој ја направи оркестрацијата многу внимателно. Во секој случај, незаборавно е чувството кога грмна тапанот и низ „Музикферајн“ се разлеаја корените на македонската нација.
И, по само неколку месеци еве „Македонисимо“ го почнува балканскиот поход. Квинтетот врвни музичари, односно Александар Краповски на виолина, Александар Сомов на виолончело, Хидан Мамудов на кларинет, саксофон и кавал и Влатко Нушев на перкусии, предводени од пијанистот Трпчески најнапред серијата настапи во регионов ја почнаа на 23 октомври во Сомбор, соседна Србија, а потем следуваа оние салата „Ватрослав Лисински“ во Загреб, Хрватска, на реномираниот фестивал НОМУС во Нови Сад, за да се кулминира со перформансот планиран да се одржи во Темишвар, Романија, на 28-ми овој месец.
Инаку, Симон Трпчески на актуелното претставување на проектот „Македонисимо“ му се наврати по концертите со Симфонискиот оркестар на Квебек во Канада на крајот на септември, гостувањето со рецитал во Мајнц, Германија, настапот со Филхармонискиот оркестар на Монте Карло во Монако (таму македонскиот пијанист со голем успех и со преубави критики ја започна резиденцијалната серија од четири различни концертни возбудувања во текот на сезонава) и конечно трите настапи со Симфонискиот оркестар на Детроит во овој американски мегалополис.
Трпчески веќе во ноември ќе треба да тргне на турнеја по Австралија, а исполнетиот распоред до крајот на годинава, како што информира здружението „КултурОп“, го води и на концертите со Лондонскиот симфониски оркестар и повторната соработка со прославениот диригент Џанандреа Нозеда.
Во текот на идниот месец се очекува и излегувањето на новиот албум на Трпчески за светскиот пазар. За таа цел, во рамките на најавите за објавата, македонскиот пијанист неодамна бил гостин популарната рубрика „Музика за моите уши“ на „Би-Би-Си музичкиот магазин“. Таму прашан што слуша во моментов, тој ги издвоил „Пијано концертот број 5“ од Сен-Санс што наскоро треба да го сними, Симфонијата број 10 од Шостакович и духовито излегувајќи од шаблонот на рубриката ја споменал и македонската хит песна „Мара“ на групата НУЛТА ПОЗИТИВ, дополнувајќи дека го фасцинираат нејзините многубројни алузии.