Потпрена на енергиите, сензибилитетите, виртуозноста и естетиките на творци како Никола Стојковски и Петар Христов и зачинет со љубовта и желбата за личен исчекор во нови неба на Добрила Грашеска, „Контемплација“ е објава чија звуковност несомнено ќе го надмине времето и просторот во кои е обнародена. Таа е жив доказ дека духовноста и потребата за слободен лет со ништо и од никого неможат да се ограничат.
Љупчо Јолевски
Симболично, на 8 јануари годинава, нецело деноноќие по славењето на Христовото раѓање, беше обнароден „Контемплација“, ЕП-то или ако сакате макси синглот на FIN PROJECT, алиас Никола Стојковски, и виртуозот на кларинет, саксофонист …мултиинструменталист Петар Христов. Гостинка на објавата е Добрила Грашеска, пејачката на ЧАЛГИЈА САУНД СИСТЕМ и ДОБРИЛА И ДОРИАН ДУО, а во најавата ќе бидат ставени само пет збора: Музика. Духовност. Емоција. Свест. Светлина. И, толку.
Сосема доволно за да се остави простор секој засебно инспириран од звуковноста да се обиде да слезе во сопствените пренатрупани ходници и таму да ги најде и собере на купче своите мисли, желби, двојби… засебноста нападната од сенешто во времево во кое речиси и да не остана простор за тихување. За нас самите.
Зад изданието (кое патем рефлектира длабока почит кон традицијата и желба за со ништо условена комуникација со светот, во кое згора бележито е и ехото на некои епски моменти од македонската музика најсвежо чуени од класиците на дружини како МИЗАР, АНАСТАСИЈА…) застана М-Сол рекордс и тоа верно ја следи линијата на петте досегашни наслови на FIN PROJECT од последнава деценија – „Битови и орнаменти/Во Македонија“ (Beats & Ornaments/Inside Macedonia), „Едно е сонцето“ (The Sun Is One), „Ревизија“ (Re:vision) , „ Време/ Живот/ Слобода“ (Time, Life, Freedom) и Fin Project ORCHESTRA.
И, овде некаде почнува глаголењето за музиките, искричењата и слободите со авторот и продуцентот Никола Стојковски – Нино. Впрочем, како и многупати досега кога се во прашање творечките изблици и нашите музики.
FIN PROJECT, во втората деценија од своето присуство на современата и не само македонска музичка сцена, влегува со нова објава. Насловено како „Контемплација“ и работено во соработка со виртуозот на кларинет и саксафон Петар Христов, изданието го води слушателот во непрегледните пространства на духовноста едновремено донесувајќи амбиент во кој се вкрстуваат македонската емотивност со музиката на светот, џезот и електронската музика. Како започна и како се развиваше идејата за ваквиот исчекор?
Отсекогаш духовната музика и нејзината мистичност ми биле исклучително инспиративни. Впрочем, нејзиното влијание е приметно и кај голем дел од музиката која сум ја слушал од раната младост до денес. Дали се работи за класична музика како Чајковски, Шуберт, Чесноков, Рахмањинов, Аврамовски, Рихтер и други до музиката на светот како МИЗАР, АНАСТАСИЈА, DEAD CAN DANCE, VAS итн.
И во претходните мои музички материјали фузијата со оваа музичка форма и стил беа видливо застапени. Како и секогаш досега, и овојпат спојот на енергии и сензибилитети на соработници во еден музички егрегор, вроди со дело кое е насловено „Контемплација“.
Огромно задоволство ми причинува тоа што за прв пат соработував со прекрасните Петар Христов (кларинет, лира, вокал) и Добрила Грашеска (вокал), музичари кои со својата вуртуозност и музичка естетика направија оваа музика да звучи безвременски носејќи го слушателот во длабок фокус, истовремено до спокој и возбуда.
За каков обид всушност се работи? Што е она што во својот поттекст како порака го носи музиката што вие ја создадовте во втората половина од минатата година? Може ли звуковноста, уметноста барем за малку да не запрат и натераат да размислиме за светот во кој живееме? Да не насочат кон духовноста и вистинските вредности во времево на консумеризам и општа деградација на личноста?
Уметноста и музиката како нејзин составен дел, неретко носат одредени пораки. Јас мислам дека тоа е една од улогите на секој уметник како чинител во областа на културата, да истакнува вредности, да посочува аномалии било да се тоа културни или општествени. Оние кои го следат моето творештво знаат за тоа кои се пораките и вредностите кои FIN PROJECT ги третира. Не би сакал да звучи прегрубо, но денешниот свет изгледа карикатурално во однос на она кон што човештвото и неговата култура се стремеа.
Војни, неморал, корупција, се само мал дел од сликата која го одразува времето денес. Мојата “утопија” е да ги истакнам еднаквоста, хуманоста, правдата и човечноста низ текстовите и насловите на изданијата. Велам утопија затоа што чувствувам и гледам дека се повеќе луѓе се предаваат пред ова безредие, затворајќи се во свој микросвет и песимистички живеејќи го секој следен ден.
Не секој има воља и капацитет да испроцесира работи кои би помогнале барем за миг да подразмисли кон што води таа деструкција која е резултат на неквалитетен систем на образование и алчноста по материјалното. Но, овој факт не треба да не поколеба да барем на младите генерации им го осветлиме патот потенцирајќи ги чесноста, човекољубието, еднаквоста, чувството за личен и колективен суверенитет, вербата во себе и во подобро утре. За многумина ова звучи банално, но токму затоа е таква оваа денешница.
Слобода, љубов и чесност се основа за убав и функционален свет.
Во приказната за „Контемплација“ не случајно, посебно ако се знае листата на досегашни соработки на FIN PROJECT со артисти како Горан Трајковски, Васко Атанасовски…, се најде и пејачката Добрила Грашеска (ЧАЛГИЈА САУНД СИСТЕМ / ДОБРИЛА И ДОРИАН ДУО) чија изведба внесува јужна сончевина во музиката што ја креиравте. Што е она што ги тераше овие творци да влезат во вашите музики и конечно значи ли оваа средба Грашеска и можност за натамошни идни соработки каде и таа би излегла од форматот по кој е општоприфатена кај публиката?
Неизмерно сум среќен што низ сиве овие години соработував со прекрасни пред се луѓе и фантастични музичари.
Соработката со Добрила е еден таков пример. Сите оние кои ја познаваат, знаат дека таа нејзина енергија и љубов кон музиката се исклучителни, во што имав можност да се уверам и јас веднаш по мојата покана да ни гостува на овој материјал. Задоволството од создаденото е огромно и заедничко, и сигурно е основа за идна соработка.
Како продуцент со сопствени светоназори за звучната понуда, Никола Стојковски и овојпат се реши изданието да биде присутно не само на светските стриминг сервиси туку и како физичко издание.
Точно. И овојпат се потрудив музичкиот материјал да има и свое физичко издание кое соодветствува на времето на аудио техниката. Прекрасно стилизираниот и уникатен УСБ драјв беше изработен со цел секој да може да ја слушне нашата музика во врвен мастер квалитет и на било кое место.
Реално во срединава во која битисуваме не остана нималку простор за културата и нејзините добра. Ни во медиумите, ни воопшто во општествената стварност. Како да излеземе од овој лавиринт и да му се вратиме на несомнено потребниот дијалог со народите, музиките, традициите?
Со здрав образовен систем, нови системски решенија во областа на културата, и верба во оние работи кои ги споменав претходно, вистинските вредности несомнено ќе треба да им ги трасираме на идните генерации.
Поразително е да сме сведоци на време во кое ниеден македонски медиум нема редакција за култура, музичката критика од неколкумина новинари стои на маргините, а во истовреме се создава лажна перцепција дека информациите од оваа област се небитни или како би рекле тие “неатрактивни”. Токму немањето свест за важноста на уметноста и културата воопшто се едни од главните причини за состојбата.
Друг проблем е политизацијата на културата и постоењето на CANCEL култура за што сведочат безброј примери кои нема потреба да ги набројувам. Едноставно, мислам дека прави луѓе на прави места со културен, морален и етички интегритет се решение за оваа состојба. Тоа важи и генерално за секоја општествена сфера. Несфатливо е со какви парадоксални ситуации се соочуваме денес, не само на полето на културата туку воопшто. Но, тоа треба да е предизвик за секој културен чинител да во својот делокруг придонесе кон подобрување на еродираната реалност.
Музиката на ФИН ПРОЕКТ подолго време присутна на глобалната сцена. Ве има на бројни компилациски објави кои речовито говорат за современите стремежи на светската музичка сцена. За каква всушност комуникација се работи и колку ваквата видливост на вашето деување може пошироко да ви ги отвори портите на интернационално ниво? Што му значи лично тоа на Никола Стојковски – потстрек за натамошните потраги или…
Знаете, дека и на светско ниво постојните културолошки и јазични разлики се бариера која и не така лесно се премостува. Тоа е еден од показателите дека и глобално развојот на културата оди бавно, и покрај развојот на технологијата и можноста за брза информација.
Присутноста на FIN PROJECT надвор од границите на Македонија, е резултат на неколку нешта. Музичкиот израз, нивото на продукција, соработката со издавачи и артисти ширум светот се основата за поширокиот прием на музиката која ја создавам. Се разбира дека во основа се работи за соработници кои ги немаат тие културолошки бариери, луѓе кои се отворени за се она што е квалитетно.
Приемот на FIN PROJECT особено на публиката од регионот и просторот на екс ЈУ е одличен, секако тука се и европските земји, во последно време и слушатели од Африка и Азија. Соработката со интернационални издавачи е важна за секој артист да стигне до што побројна и различна публика.
Убаво е кога музиката има свои слушатели низ целиот свет.
Зад себе во времево наназад имате и дузина длабоко промислени концертни настапи, но стои и фактот дека не често или ако сакате „доволно“ сте очи во очи со публиката. Зошто? Милувате да делувате на овој начин или, сепак, повторно се проблем средствата околу подготовката на еден перформанс како што вие го замислувате?
Како автор и продуцент на се што значи FIN PROJECT се трудам комплетниот аудио визуелен идентитет да го замислам и реализирам на автентичен начин и во најдобра можна форма. Драго ми е дека тоа сте го приметиле, и тоа ќе биде секогаш така.
На македонската музичка сцена, овој музички израз не спаѓа во категоријата мејнстрим или пак популарна музика, но има одреден број слушателска публика која го цени сето тоа.
Засега, концертните настапи не се приоритет, станува збор за настапи на неколку фестивали и пет самостојни концерти. Ќе видиме, можеби во иднина тоа би се сменило па почесто би се појавувале на концертните сцени.
И, да се вратиме на почетокот и на „Контемплација“. Нејзиното споделување со публиката е во зародиш, а вие со Петар Христов веќе влеговте во студиото да го започнете снимањето на новиот заеднички музички продукт? За каков исчекор се работи и колку во него ќе ја проширите листата на соработници? Каде тоа се упативте? Колку далеку ќе ве тера оваа заемна размена на енергии и музики?
Да, максимално инспиративна е соработката со Петар. Сличните сензибилитети и музички интереси, поривот за истражување на нови форми и создавање музика се предуслов за убави нешта. Веќе работиме на нов материјал кој во таква форма досега не е работен на македонската музичка сцена. Не би откривал детали, но ветуваме извонредно инспиративна музика наскоро.
Конечно ќе го имате ли повторно ветрот во грб од издавач како М-Сол рекордс и што практично подразбира тоа?
Засега сме фокусирани само на творечкиот дел околу материјалот. Одличната соработка која трае повеќе од седум години со издавачката куќа М-Сол рекордс верувам дека ќе продолжи и во иднина.