Buffering ...

НИКОЛОВ – ИВАНОВИЌ УНДЕКТЕТ ВО СКОПЈЕ

декември 11, 2023

Концертот на „еден од најкреативните големи џез-ансамбли во Европа“ според угледниот Jazz Times ќе се одржи во вторник, на 12 декември, во 20 часот, во Македонската фихармонија

Во рамките на актуелната европска турнеја за третиот албум „Дистопија“, во  вторник, со почеток во 20 часот во големата сала на Македонската филхармонија концерт ќе одржи интернационалниот ансамбл НИКОЛОВ-ИВАНОВИЌ УНДЕКТЕТ. Станува збор дружина и музички собеседници кои ја истражуваат врската помеѓу традицијата и модерното, „старите добри“ времиња и современиот пристап кон музиката, она што се смета за  „пресвртница на целата сегашна и идна џез-сцена“. Од таму и прашањето „дали постои златна средина, основа на која се среќаваат и коегзистираат овие две, навидум спротивставени тенденции?“.

И токму овој состав во кој членуваат 11 инструменталисти, на чело со композиторот Владимир Николов и тапанарот Срѓан Ивановиќ, се обидува да даде одговор на ова прашање. Овие двајца балкански музичари со респектабилна интернационална кариера веројатно се и вистинскиот избор за еден ваков експеримент. Имено, додека Николов е истакнат во својата работа како аранжер и композитор со светски оркестри и ансамбли, Ивановиќ е нешто поактивен во помали формации. Публиката го познава како лидер на бендот „Blazin’ Quartet“, претставувајќи ја оригиналната визија за приклучување кон модерниот европски џез со балкански влијанија.

Инаку, угледниот британски магазин Jazz Times овој ансамбл го вброи меѓу најкреативните големи џез-ансамбли во Европа. Оркестарот е составен од внимателна селекција на музичари од помладата и средната генерација од балканскиот регион, измешани со уште помлади сили од Франција – во модерен џез-ансамбл.

Нивниот трет албум „Дистопија“ е нова приказна со девет авторски композиции, кои обработуваат социјални и протестни теми кои извираат од поднебјето на коешто живееме. Албумот официјално ќе биде објавен во Србија и во земјите на поранешна Југославија во средината на декември оваа година, а во остатокот од светот – во 2024 година. Првиот сингл од ова остварување  „Scream“, веќе е објавен и се емитува на Јутјуб.

Конечно, концертот во Скопје, закажан за 12 декември во Македонската филхармонија (само еден ден подоцна од премиерата во белградскиот Дом на млади), и е еден од серијата од промотивната турнеја за „Дистопија“ на НИКОЛОВ-ИВАНОВИЌ УНДЕКТЕТ.

Љ.Ј