Buffering ...

Трпчески и пријателите со „Македонисимо“ во Монте Карло

јануари 12, 2024

Новиот албум на македонскиот пијанист е пречекан со пет ѕвездички во Музичкиот магазин на Би-Би-Си, со пофалби од сите страни на светот и е меѓу кандидатите  за Германските награди на критиката.

 

По серијата концерти во Австралија, оној со Романскиот национален радио оркестар во Букурешт, грандиозните изведби на Брамсовиот концерт за пијано бр.1 со Лондонскиот симфониски оркестар во прочуената сала Барбикан…македонскиот пијанист Симон Трпчески сезоната ја продолжува оваа сабота на 13 јануари, со перформанс во салата „Рение Трети“ во Монте Карло. Тој, заедно со своите пријатели Краповски, Сомов, Мамудов и Нушев, ќе го изведе „Македонисимо“, проектот базиран врз традиционалната македонска музика, чии транскрипции, по идеја на Трпчески, ги потпиша нашиот истакнат композитор Панде Шахов.

Со овој настап македонскиот пијанист го продолжува своето гостување како резиденцијален артист на Филхармонискиот оркестар на Монте Карло, во чии рамки е предвидено да одржи четири концерти во тековната сезона 2023/24 година. Првиот беше заедничката изведба на Вториот концерт за пијано и оркестар од Рахманинов минатиот октомври, а по ова саботно гостување, остануваат уште две концертни вечери со различна програма до крајот на престојната пролет.

Од друга страна, критичарите нималку не ги штедат пофалните зборови за новиот двоен албум на Симон Трпчески објавен за британската дискографска етикета „Лин Рекордс“ на кој се најде неговата изведба на двата концерта за пијано и оркестар од Јоханес со романскиот диригент Кристијан Мачелару и Симфонискиот оркестар на WDR од Келн. Така по највисоките оценки од престижните „Тајмс“ и „Грамофон“, исклучително пофална рецензија излезе и во јануарското издание за 2024 година на Музичкиот магазин на славниот Би-Би-Си.

Во него, во текстот чиј поднаслов е „Изведбата на овие концерти на пијанистот Симон Трпчески и неговите придружници е навистина незаменлива“,  Џесика Духен најнапред забележува: „Можеби мислите дека не Ви треба уште едно снимање на концертите за пијано на Брамс. Е, ова Ви треба. Тоа е прекрасна слика, не само за изведувачите, туку и за музиката: има толку пријатна, експанзивна топлина и чувство на уживање. Настрана се’ друго, звучи како музичарите да се забавуваат како никогаш досега“.

 

Критичарката во дополнение и со следниве констатации: Свирењето на Симон Трпчески отсекогаш имало примеси на брилијантност, која има големи шанси да блесне, но тоа никогаш не и’ наштетува на потребната величественост на звукот. Гранитните октави често се менуваат со заоблено легато; а неговото чувство за рубато е извонредно, со суптилно воздржување во клучните моменти, како во втората тема од првиот став на Д-мол. Има прекрасно чувство за рамнотежа и линија, изразени со природни плима и осека додека ја истакнуваат мелодијата. Изгледа дека тој и Мачелару разменуваат идеи еден со друг додека карактерот на темите се појавува и растекува.

Кон ова, според информациите од „КултурОп“, деновиве, албумот на Трпчески, Мачелару и Симфонискиот оркестар на Западногерманското радио се најде и на листата кандидати за Германските дискографски награди на критиката во категоријата за најдобра  концертна изведба. Оваа ценета награда се доделува во 32 специјализирани категории – од инструментални и вокални изведби, камерна музика, хорски изведби, преку опера, филмска музика, до светска музика и џез. Притоа, како што истакнуваат од организацијата на ова случување, критериуми за оценување се уметничкиот квалитет, репертоарската вредност, презентацијата и квалитетот на звукот.

Конечно да споменеме и тоа дека во традиционалниот новогодишен избор за културни настани што ја одбележале минатата година на полето на културата во Србија, белградскиот дневен весник „Политика“ го вброи и декемврискиот концерт на македонскиот пијанист Симон Трпчески со Симфонискиот оркестар на Радио Телевизија Србија и диригентот Бојан Суѓиќ.

Во изборот на Снежана Николајевиќ, меѓу другите, се и настапите на виолинистите Најџел Кенеди и Немања Радуловиќ, на пијанистот Борис Березовски, како и концертната сезона на Белградската филхармонија.

И, кога сме веќе во регионов, да не заборавиме дека на страниците на дневниот весник „Данас“,  Ана Ќирица, уредничка во музичката редакција на Радио Белград 2, пишува дека и покрај настапите на светските ѕвезди како Најџел Кенеди, Пачо Флорес, Ана Нетребко или Ксенија Сидорова, посебен впечаток и’ оставиле гостувањата на, како што вели, „истакнатиот македонски пијанист со широк спектар интереси, Симон Трпчески“ во три српски градови и зборува за претставувањето на проектот МАКЕДОНИСИМО на фестивалите СОМУС во Сомбор и НОМУС во Нови Сад и за големото финале со концертот во салата „Коларац“ во Белград со Симфонискиот оркестар на РТС, на кој, како што вели Ќирица, „овој пијанист со светско реноме… повторно, на многу нивоа, посведочи за тоа што е автентична, музикална и интелигентна интерпретација, но и како на сцена, во неопходна симбиоза со другите изведувачи, се создава, гради, обликува и подарува – музика“.

 

 

И, по се уште информацијата дека во текот на јануари Симон Трпчески повторно заминува од онаа страна на Атлантикот за да ја продолжи сезоната со серијата концерти по САД и Канада.

 

Љ.Ј.