Buffering ...

ПЕТАР РЕНЏОВ, музичар: Никогаш не потклекнав, зошто го работев тоа што го сакав – свирев

декември 9, 2023

„Македонски музички сонети“ е насловен концертот што ќе се случи во понеделник, на 11 декември, во Кино „Фросина“ во Младински културен центар – Скопје. Го потпишува Петар Ренџов со своите бројни музички собеседници, а врзивното ткиво е поезијата на неговиот татко – поетот Михаил Ренџов.

 

Љупчо Јолевски

 

Со Петар Ренџов се знаеме одамна. Другаруваме од времето на ЦИЛИНДЕР, БАНКРОТ БЛУЗ БЕНД… Македонското радио, НОМА РАДИО… Им се радував на неговите албумски остварувања како „Сонот на невестата“, „Темјаника“, „ „Џезилка“… на настапите со Гиш и Харе… на спонтаноста и атмосферата што беа загарантирани во тие моменти. Често влегувавме во оган бранејќи одредени позиции во блузот или џезот, за да конечно како по обичај заеднички застануваме во одбрана на нашата светост – традицијата и македонскиот музички јазик. Многупати сме муабетеле околу неговите проекти и настапите во јавноста. Околу концертите кои ја имале онаа посебност во однос на другите случувања каде тој како инструменталист, гитарист, музичар бил двигателот. Како оној на пример на Матка пред икс години. И, сега затоа нималку не ми е чудно што онака својски знае да потсети дека во последно време се чувствува доволно „моќен за да направи нешто подобро од она што во денешнината ни се случува како музика“. Ете од таму патот не води неговиот најнов проект кој пристига онака ненаметливо и без многу медиумска бучава.

Од каде мислата и потребата кај Петар Ренџов за претстојниот концерт насловен како „Македонски музички сонети“?

Често се наоѓам изненаден од поривот дека нешто треба да  создадам. Дека  нешто што сум премолчил  гитарата сама да го искаже. Она што што сум го носел како притаено, да излезе од мене и да викне да го слушнат сите . Истото се случува со одлуката да имам концерт преку кој би поделил дел од духовата мисла која во мене тлее, се разгорува и има намера да засветли, да осветли, да посведочи… но секогаш  хармонично да звучи. Дури и наспроти разумот кој бара логика во моето однесување, овој пат, како и во други поранешни случаи логиката како да не постои додека тоа ме прави да бидам херој самиот на себеси !

Македонскиот поет рекол:

„Да се биде само ден занесен ,

Само миг Вознесен ,

Та нека е и

П о с л е д е н … “

Во песнава , на прв поглед нема логика  , нели ?

 

Како е замислен овој перформанс што треба да се одржи на 11 декември во киното „Фросина“ во Младински културен центар во Скопје. Што е она што со пријателите, со дел од своите музички собеседници, сака да го сподели гитаристот?

Специфичен звук, прост и едноставен. Со минималистички пристап да се искаже повеќе . Ќе се потрудам во тоа да успееме. Целиот концепт  ќе се темели врз традиционалната македонска музика – ора, песни и авторски теми  кои сум ги ставил на првите два мои авторски албуми. Но инструментите нема да бидат традиционални, нема да има кавал, тамбура, тапан , дајре туку џез тапан, перкусии, бас, саксафон, тромбон … и според Томас Стернс Елиот  ќе се судрат традицијата и индивидуалниот талент во еден нов израз.

Ете тоа би сакал да се случи затоа и го одбрав просторот  на „Кино Фросина“ со мал број на публика , точно толку за да ни помогнат да се создаде  таа музичка алхемија…..

 

Колку ваквите, главно интимни средби со публиката, му оставаат простор на еден уметник, композитор и инструменталист, наново и наново да го преиспита своето дело? Да види каде стасал и кои порти допрва треба да ги отвора? порти допрва треба да ги отвора? Задоволен ли е Петар Ренџов од она што досега го дал како резултат на својата осама и длабоката потреба да се остави траг за своето творечко битисање?

Немам потреба да се преиспитувам себе си и моето дело,  зошто не верувам дека некој да успеал да го омеѓи бесконечното. Да го улови неуловливото, да го разгатне тајното , скриеното во појавите и предметите од искони до денес. Да се дефинира уметноста е невозможно. Ќе постојат напори и резултати помалку или повеќе успешни, но таа јатка на животот, на времето и постоењето е недофатлива. До каде сум стасал не можам да одредам, зошто,  за многу сликари , композитори и поети, во психолошки смисол , портите на уметноста во отелотворување на имагинативната мисла се  живот и дишење , и нешто повеке од тоа:  восхит и очајание , вознес и паѓање. Уметноста  е искра на сјајот и убод на мракот, восклик на радоста и крик на болката, таа е химничност и лелекање. Таа како и секоја убавина ја крепи надежта и создава сокови за верба во вечноста, затоа е и длабоката  потреба  да се остави траг на творечкото битисување, како што на почетокот на интервјуто веќе кажав дека разумна логика не постои .

 

Ако, безмалку се* што тој оставил зад себе, главно музиката на неговите солистички остварувања, се потпира на пребогатата македонска традиција, на македонскиот музички јазик, смета ли Ренџов дека „одењето по острицата“ (оти нималку не е лесно посегањето по фолклорот и им прилега само на доволно искрените и умешните) било плодотворно?

Искрено жалам што Македонија не успеа да створи Академија на традицијата и фолклорот. Да ја негува на високо ниво и перманентно,  неусилено и суптилно  да ја  дозира и доближи до сопствениот народ како што прават некои од нашите соседи. Имавме можност но немавме зрелост , интелекуален капацитет и доблест  на пиедестал да го поставиме највредното – традицијата,  а во неа богатството на народната музика како нешто најсвето,  со стотици пати докажана светска вредност.  Дозволивме фолклорот да биде потиснат и изменет дури до непрепознатливост. Единствениот допир со народната музика да бидат свадбите и кафеаните  а таму во поголем број да свират приучени музичари, недоволно зрели и подложни на влијанија од други култури а да не постои критика и контрола. Тоа повеќе не може да се поправи иако постојат живи клетки од кои некогаш теоретски би можел  да воскресне сосема мал дел од  традицијата.

 

И, кога ова веќе ќе биде речено, што е она што Петар како зрел музичар и автор би сакал да прави во догледен период? Каде пловат неговите мисли? Што е она што за него како автор би била вистинска провокација да го прави?

На ова прашање ќе одговорам со цитат на нашиот великан на ликовната уметност Владимир Ѓоргиевски кој запрашан како еден уметник се натпреварува самиот со себе додека го создава делото, вели:

„Уметностите не би биле можни без личноста на уметникот и севкупниот негов морален и етички багаж, Без неговиот внатрешен суд пред кој тој самиот е обвинет , обвинител , судија и жртва. Да се насети а потем и да се открие и таков пат значи да се има силна вера , голема љубов и искреност и непрестано да се работи. Личноста создава и кога е во сон, тогаш таа е побудна отколку во јавето. И токму затоа му верувам на Достоевски кога ке каже – Да се напише нешто добро , да се наслика нешто живо треба да се страда , страда, страда.”

Јас секогаш тежнеам кон  реализирање  на метафизичките потреби и мисли. Пробувам да ги отелотворам  имагинативните идеи и видувања . Но провокацијата да се  соединат сите рационални и ирационални чинители на животот е премногу тешка. Реалноста не притиска да бидеме човек-машина и само малкумина пробуваме да се спротиставиме со игнорирање.

 

ЦИЛИНДЕР, БАНКРОТ БЛУЗ БЕНД, ТУМБАО САЛСА БЕНД…соло албуми, плодна соработка со виртуозот на народни инструменти Александар Јовевски…ова се само дел од многуте музички лица на Петар Ренџов. Во која кожа се чувствува најудобно  и колку всушност сето тоа заедно е само потребата да се живее за и од музиката. Нешто што во наши услови им успева само на малкумина. Што не е јасно во приказната?

Сите наведени бендови во кои сум бил член биле успешни и оставиле печат на времето во кое постоеле, нивната музика оставила трага или симболи да сведочат за времето во која настанале. Моите авторски албуми беа високо оценети од тогашната критика,  првиот албум  „Сонот на Невестата“ беше прогласен за албум на годината во 2005 година од весникот Време и А1 ТВ . Албумот  „Темјаника“ ми донесе позиција на уредник и водител на емисијата „Котон клуб“ посветена на џез музиката која се емитуваше две сезони на Алфа ТВ, во која продефилираа сите македонски џез музичари .     Паралелно со оваа авторска дејност, преку гитарата и надградување на вештините кои ги поседувам како изведувач,  ги решавав и егзистенционалните  побарувања на живото. Свирев по клубови, на фестивали, на забави, свадби, работејќи како музички новинар, студиски музичар и никогаш не потклекнав , зошто го работев тоа што го сакав, свирев, и правилно ја вложував својата енергија.

 

 

Имаме ли капацитет како општество да се издигнеме над локалните рамки и да понудиме звуковност, оригиналност, која повисоко би котирала на еден поширок, па ако сакаме и глобален простор?

Немаме доволен интелектуален капацитет  за да согледаме кои се нашите вредности за да би ги подобриле  или  усовршиле  за дури потоа  да ни донесат препознатливост која ќе не издигне над локалните рамки или поширок глобален простор . Нема потреба да нудиме било каква „оргиналност“ зошто таа не постои ако перманентно не носи нов и нов квалитет . Во поранешната заедничка држава само групата ЛЕБ И СОЛ ја надмина таа бариера од причина што се потпре на македонската традиција пред која клекнаа најголемите композитори, критичари, рокери, политичари … Ние како општество не смогнавме сили нити да ги величаме до ниво на херои имињата на тие кои се одважија да го дадат својот живот во креирање на вистински музички вредности како што се Драган Ѓаконовски Шпато, Бодан Арсовски, Ристо Аврамовски, Ристо Вртев, Вања Лазарова  ….  Во моментов  ги имаме Зарина Првсасевда  и Дина Јашари  кои  се признати  над границите …. а ниеден медиум не ги нуди за да тој квалитет допре до пошироката јавност.  Институциите немаат потреба да се бават со квалитет за да го подржат и прикажат,  тие бараат само отчетност за средствата. Затоа  „Македонски музички сонети“ се само мои, на моите музички пријатели  и  на присутната публика.  Концертот ќе биде снимен како едно сведоштво на моментот на инспирацијата на возбудливите солисти,  за да биде надминат мистичниот поим „Духот на времето, неговите анонимни секојдневности и неговиот несватлив лик“   и како производ да си обезбеди историски дигнитет и трајност.  Општествата со распад на вредностите го губат тој внатрешен увид на сопствените вредности и постои „органско непрепознавање” , затоа  јас одбивам да припаѓам таму.

 

И, еве не повторно во пресрет на „Македонски музички сонети“ – концертот што ќе се снима и чиј самостоен живот допрва почнува. Со кои инструменталисти и соработници Петар Ренџов ќе се најде на сцена?

Сонетот е литературно стихотворение кое  содржи специфичности во формирањето на стиховите како и во  судирот на римите кои се неправилно поставени. Првите две строфи се со по четири стихови, а вторите со по три стиха  за на крај сепак да испадне целина со прекрасна естетика. Ова силно  асоцираше на неправилните ритмови на македонската музика кои на крајот исто така  создаваат една прекрасна целина. Затоа зборот „сонет“ го поставив како сврзник во насловот и она што ке се случува како музичка изведба во понеделник на 11декември.

Музички гледано, иако хармонската подлога е земена од традиционалната музика таа е надградена и проширена на начин кој сме го запознале и употребувале во џез музиката. Овој спој носи нов квалитет во изведбата на солистот , помеѓу рациото и создавање на позитивни имагинативни творечки структури во моментите на импровизација. Музичките импулси при импровизацијата  е невозможно да се фалсификуваат ако солистот  не ја поседува можноста за левитација помеѓу реалноста и чувствата и емоциите.

Помеѓу малкуте вокалисти кој докажано го содржат овој квалитет се Сашо Гигов Гиш , Ивана Стојановска и  Зоран Чагоровски  кои ке настапат како вокални солисти,  а Кирил Кузманов , Никола Аврамовски , Сашко Николовски , Сенад Усеин како гости инструменталисти.

Ритам секцијата е позната од сите мои претходни концерти Павел Ренџов – тапани, Дионис Стратров – бас и Арсо Јаневски – перкусии.

Затоа и објавата за концертот не е усмерена кон широката публика туку кон оние кои би ја препознале и доживеале ваквата естетика.

На концертот сврзник помеѓу песните и настапот на изведувачите ќе биде поезијата на Михаил Ренџов.