Ако „Fallen Land“ на Сашо Поповски беше „албум во кој можеме да го
најдеме најдоброто од современата модерна џез музика на Балканот“,
тогаш штотуку објавениот „Steps“ со право е бележан како „ремек дело
во кое се преплетуваат жанровите, едновремено релаксирачко и
хиптнотизирачко“.
Љупчо Јолевски
Нема да ја откриеме Америка, ако и во оваа пригода забележиме дека, Сашо
Поповски е еден од водечките македонски џез-гитаристи и композитор чие
делување безмалку две децении наназад оди само по нагорна линија. Тој зад
себе досега има дузина албумски објави со различни формации, но
вистинските исчекори ги стори со „Fallen Land“ ( SJF Records 2020) и со
актуелниот „Steps“ кој ја носи етикетата на француската издавачка куќа „Art
Melodies“. Поповски, придружуван од своите постојани соработници Иван
Бејков на контрабас и Виктор Филиповски на тапани, во пресрет на
официјалното излегување на оваа објава, се врати од кратката турнеја по
Србија, Хрватска и Словенија, а во сопственото портфолио ги има бележано
настапите на повеќе џез-фестивали во Европа како Џез фестивал Рокела во
Италија, Перто џез фестивал во Санкт Петербург во Русија, Нишвил во
соседна Србија, Петровац џез фестивал во Црна Гора и други.
Кон ова уште и тоа дека е автор е на многу соло композиции и композитор на
музика за филм и театар, а соработувал со познати џез музичари како Оскар
Салас, Тони Китановски, Васил Хаџиманов, Милчо Левиев, Дејв Вилсон,
Гоце Мицанов… и други. Тој е актуелен раководител на Џез одделот на
Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и прв човек
на фестивалот Jazz Factory повеќе од половина декада се одржува во неговата
родна Битола.
По три години од одличниот „Fallen Land“, Сашо Поповски еве го со
следбеникот „Steps“. Албумот официјално е веќе објавен ( 22 септември)
и зад него како издавач застана француската етикета Art Melodies. Што
значи ова за Вас како негов потписник и колку таквиот исчекор ви
отвора простор на натамошен пробив на современата музичка сцена?
Кога во декември минатата 2022 го завршивме конечниот мастеринг во
студиото „Подрумот“ со Ален Хаџи Стефанов и Ангел Ќјосев, единствено
што беше сигурно е дека имаме производ што заслужува да биде објавен
надвор од границите на Македонија.
Секако, ако направиме ретроспектива на моите концертни настапи во
изминатите шест – седум години, повеќето (некаде 70 отсто) се случиле на
некои од европските џез фестивали или сме свиреле во познати џез клубови
на Стариот континет. Така излегува дека логично би било „Steps“ да има
можност да биде објавен за некој европски издавач, а со тоа да се зголеми
видливоста на мојата музика во пошироки рамки и таа да биде понудена
преку сериозна продукција.
И ете, сонот стана стварност. Овој 22 септември „Steps“ ја има својата светска
премиера на најпознатите дигитални музички платформи.
Потем, во текот на ноември ќе го добиеме изданието на компакт диск, по што
реално се отвора можност за почеток и на промотивните активности. Така во
план е набрзо да направиме и македонска промоција на албумот. Мислам дека
таа би се случила во „Аудиокултура“ во Скопје, во една убава интимна
атмосфера, а на почетокот на следната година треба да го добиеме „Steps“ и
на плоча. Планирано е винилот да излезе како лимитирано издание од 300
примероци, со што ќе се затвори комплетната аудио – визуелна слика на
објавата.
А, што се однесува до француската етикета „Art Melodies“, треба да се знае
дека станува збор за еден професионален колектив на композитори и дека се
смета за доста високо етаблиран издавач кој доминира со дигиталните
плејлисти за џез и современа музика во Европа. Згора на тоа, таа е и партнер
на две агенции за промоција и букинг на артисти: „Cezame Music“ и „Matrisse
Productions“.
Како и со која идеја водилка настануваше „Steps“? Колку материјалот забележан на него ја следи вашата потреба од надраснување на границите и природното мултикултурно вкрстување на музиките.
Конечно, каква беше придобивката, освен верните придружници Иван
Бејков на контрабас и Виктор Филиповски, околу себе во студиото да ги
имате вашите пријатели и извонредни музичари, како, Оливие
Самулиан на виола, Кирил Кузманов на саксафон, Васил Хаџиманов на
пијано, Ратко Даутовски на перкусии … и посебно Тони Китановски кој
во овој случај се погрижил за комплетирањето и редоследот на
композициите на албумот?
Седумте композиции што ги напишав за време на пандемијата се некој мој
личен обид да проговорам за ситуацијата во која ненадејно се најдовме како
уметници, инстантно засегнати, без можност за настапи и турнеи и со толку
многу слободно време за потраги и себеистражување.
Добро е што тој период е веќе зад нас, но делата што ги создадовме тогаш, ќе
останат како вечен потсетник дека е доволен само миг за комплетно рушење
на комфорот и секојдневието во кое во еден период сме твореле.
Инаку, албумот е снимен на 17 и 18 јануари минатата година. Најнапред
снимавме во трио формација – Бејков, Виктор и јас. Снимател беше Ален
Хаџи Стефанов. Но, од самиот почеток се возевме на идејата дека треба да се
внесе повеќе боја и да се рашири спектарот на звуци. Така решивме во
студиото да ги поканиме дел од нашите долгогодишни соработници и пред се
пријатели, кои добија комплетна слобода во изразот и изборот на музички
решенија. Секако да се имаат гости како Васил Хаџиманов, Оливие
Самолиан, Кирил Кузманов, Александар Секуловски, Ратко Даутовски…
мајстори музичари кои доаѓаат од дијаметрално различни музички светови и
влијанија навистина е голем предизвик. Сепак, сето тоа подразбираше уште
еден куп студиски сесии и целиот процес ни одзеде голем временски период.
Безмалку цела 2022 година ја поминавме работејќи на него, но сепак крајниот
резултат е она што денес ме радува и што останува да се помни. Да се слуша
и преслушува.
Ќе кажам и тоа дека поголемиот дел од композициите се создавани во
периодот 2020/2021, со дополна дека втората композиција од албумот, онаа
насловена како „Night In The Desert“ ја напишав пред цели осум години – во
2015. Интересно е и тоа што таа, иако скоро редовно ја свирев со различни
формации последнава половина декада и повеќе, сепак не се најде на мојот
претходен албум „Fallen Land 2020“. Не и дошло тогаш времето.
Од друга страна, инспирација за сета оваа музика се најчесто случки од
секојдневниот живот, настани кои сме ги доживеале, моменти за кои сонуваме
и се надеваме дека еден ден ќе ни се случат. Така „Poem For Teo“ е
композиција напишана за мојот син Теодосиј, во која доминира балканскиот
звук, „Wind flow“ е приспивен сонувачки валцер, а „Lava“ е експресивно-
медитативна пиеса која е нестандардна по форма и звук и убеден сум дека ќе
побуди најразлични чувства кај публиката.
Првичните реакции за вашата објава се воодушевувачки. Џорџ Си
Глејзер од Jazz Syndicate Magazine & Promotions пишува дека „Steps“ е
„најинтересниот и најангажираниот албум што имал можност да го
преслуша досега“, а Марек Романски од Jazz Forum вели дека „музиката
забележана на објавата е објавата е крстосница на жанрови, едновремено
релаксирачка и хиптнотизирачка“. Колку ваквите зборови го храбрат
Сашо Поповски како композитор, гитарист, лидер на бенд… во неговите
настојби да слегува што подлабоко во себе и да креира сопствена,
поинаква звучност?
Кога некој вака ќе ве почести со бирани зборови, тоа не може а да не ви го
храни егото. Добивањето сериозни рецензии од музички критичари како
Џорџ Си Глејзер (ја има потпишано и рецензијата за американскиот бенд
Morphine и нивниот денес класик „Cure For Pain“ во 1993) или Марек
Романски (главен критичар и рецензент на Jazz Forum од Полска) се еден вид
на признание за квалитетот на комплетниот производ. Тоа наедно е и поттик
за секој еден автор, па и за мене, за понатамошна работа. Тера сериозно да се
зафатите со компонирање нова музика и да теженеете да одржите што повеќе
концерти во најразлични формации. Процесот на себе откривање и
континуираното истражување на различни музички култури и стилови е
најдобриот учител кај секој џез музичар. Тоа за мене лично е процес кој
секојдневно продолжува да ме обликува како композитор и музичар.
Не помалку пофални се зборовите на публиката. „Steps“ освојува на прво
слушање и мнозина се еднодушни во оценката дека се работи за
веројатно „најкомуникативниот џез албум снимен во последно време кај
нас“. Колку овие реакции што несомнено треба да ве радуваат од друга
страна можат да бидат и „товар на вратот“?
Драго ми е што „Steps“ освојува на прво слушање. Тоа е магијата на
современата џез музика – да биде ненаметлива и блиска до публиката.
Искрено се надевам дека со овој материјал ќе привлечеме што поголем број
љубители на современата музика од најразлични страни, па дури и надвор од
традиционалните џез кругови. Би сакал со него полека да преминеме во
сегментот на она што се нарекува Светска музика (world music).
Е, сега одлична ви е констатацијата дека сето тоа може да стане и „товар
околу вратот“. Тоа би било можно само ако би пробал да го повторам албумот.
Да се повторам себе си како автор. А тоа со сигурност нема да се случи од
проста причина што тој период од мојот живот кога бев млад и неискусен,
кога се обидував да личам на овој или оној, кога полека и постојано
преиспитувајчи се созревав верувам дека е веќе зад мене. Од таму музиката
која би следела во иднина би била само природна рефлексија на сегашноста и
моментот на инспирација кој не би можел да го предизвикам. Едноставно таа
ќе треба да случи!
Во овој контекст, тоa што можам во моментов да откријам е дека работам на
музика за нов албум со мојот долгогодишен соработник и претставник на
македонскатата електронска сцена Александар Гроздановски (HERZEL) и
дека искрено уживам во креирањето на ваков тип на музика. Има голема
возбуда и изненадувања во сето тоа.
И сега, кога веќе „Steps“ е обнароден, кога веќе одведе на топ листите на
релевантни европски медиуми, како го замисливте неговото
претставување пред пошироката публика. Деновиве, поминувајќи
неколку илјадници километри, вие имавте можност да го свирите
албумот во Србија, Хрватска и Словенија… Имате ли разработено
определена концертна агенда и колку притоа од помош треба да биде
продуцентско издавачката куќа која застана зад вас?
Поставувањето на албумот на дигиталните топ листи од Art Melodies за нас
значи конечно добивање на “х факторот – (нишката која недостигаше)“ со
минатото албумско издание. Да се има колектив кој се грижи за промоцијата
на материјалот и аристот е огромен бенефит. Ова го велам од проста причина
што тој дел од музичката индустрија и нејзиниот начин на функционирање за
нас како џез музичари од Македонија е во најмала мера непознат. Покрај тоа
постои и јазична бариера и е екстремно тешко да се реализираат концерти во
земјите од Европската унија. Во конкретниот случај без француска
продукциска куќа тоа многу тешко би одело.
Точно, на почетокот на месец септември поминавме доста километри и
реализиравме пет концерти во Србија , Хрватска и во Словенија. Таму со
Иван и Виктор концертно претставивме дел од новиот албум. Во овој случај
комплетниот букинг и продукција ги направивме во сопствена режија.
Концертите поминаа одлично и веќе добивме неколку понуди за повторен
настап следната сезона.
А кога сме веќе кај концертите и турнеите ќе кажам дека во 2024 е планирана
Шпанска турнеја која би требало да биде на крајот од месец јули. Таму ќе
свириме како квартет со Оливие Самулиан како гостин. Потоа во септември
по втор пат ќе настапиме во Полска (Варшава и Краков), а пред тоа, во мај и
во август ќе имаме перформанси на два фестивали во Италија.
Како што спомнавте скоро ќе биде македонската промоција на „Steps“.
Ќе се обидете ли притоа да ги соберете сите пријатели музичари кои беа
со вас на снимањето на албумот ?
Ако се оди по план, македонската промоција на „Steps“ ќе биде во ноември во
„Аудиокултура“ во Скопје. Се разбира ќе бидат поканети сите пријатели
музичари кои зедоа учество во снимањето и реализацијата на албумот. Би
сакале да направиме тоа да биде момент што ќе се памети. Да ја споделиме
радоста од музиката со нашите најверни слушатели во интимната атмосфера
на овој веќе култен градски простор каде секој уметник, музичар, артист ги
има сите технички предуслови своите визии да и ги претстави на публиката и
најдиректно да ги доживее нејзините реакции.
Инаку, следната година планираме серија концертни настапи и промоција на
албумот низ Македонија, која би ги опфатила поголемите градови во земјата
и домашните џез фестивали.
Се обидувате и успевате да ве има на бројни фестивали во регионот со
тендеција за засилен пробив во Европа. Што се треба да се стори за да се
стапне чекор понатаму, да се качите скалило погоре? Колку е тоа
возможно ако се имаат во предвид семејството и секојдневните обврски,
вашиот ангажман како професор на Универзитет, прв човек на еден
Фестивал кој зема замав, просторот на кој живееме и твориме и каде
културата е само монета за поткусурување…
Конечно, станавте ли поискусен во менаџирањето на сопствената кариера? Каде себе и
сопствената музика во иднина ги гледа Сашо Поповски?
Еден од нај големите хендикепи на музичкото образование во Македонија е
што студентите единствено ги образуваме да бидат што подобри музичари –
уметници, додека делот (артисти) е сеуште една голема непозната категорија,
која варира низ секој музички правец.
Во периодот на Ковид кризата посетив неколку он-лајн курсеви и
работилници за букинг, креирање на артист и негов развој, градење на
стратегија и слично. Токму тоа стекнато знаење ми помогна сопствената
кариера да ја донесам на ова ниво и да настапувам на фестивали во регионот
и во земјите од Европската унија.
За да се отиде чекор натаму, главен предуслов е да се има квалитетен албум –
издание за европски издавач кој поседува или директно соработува со букинг
или продуцентска компанија. Во музичката индустрија оваа категорија е
позната како трет круг за букинг, во кој е невозможно артистот да се себе
менаџира!
Секако, да се прават толку многу работи истовремено е пред се многу
стресно, но човек ќе се научи да се справува со предизвиците и препреките по
патот и ќе ужива на секој следен концерт. Само така ќе ја чувствува возбудата
и младешкиот елан пред и во процесот на снимање на секое наредно
издание.
Како автор и инструменталист, продуцент и научен работник на полето
на современата музика, како некој кој веќе се изборил за засебно место
на современата џез сцена имате ли увид што се случува кај нас и
воопшто на регионалната, па и европската џез сцена? Каде според вас
оди современиот џез? Посебно во ова време на електронски медиуми кои
не оставаат простор човек да им се посвети на убавото и квалитетното?
Колку имаме трпение и „отворени“ уши да ги слушнеме новите
прогресивни идеи? Успеваат ли нашите автори и музичари да го држат
ритамот? Колку оваа средина е подготвена да го помогне развојот на
својата музичка сцена, на својата автентична млада култура?
Според мене јазот помеѓу мејнстрим џез музичарите и современите џез
музичари никогаш не бил подлабок. И додека првите единствено настапуваат
по клубови и можеби на некој фестивал, вторите ја имаат џез сцената на
дланка поради фактот што најголемиот број на фестивали денес се
карактеризираат како „World music festivals“ и нивните програми изобилуваат
токму со современи џез проекти.
Современото време донесе нови стандарди на слушање на музиката, пет до
десет секунди од трака. Многу различно од минатото кога се преслушуваа
комплетни албуми – независно на винил или це-де. Но, тоа е реалноста и
секој артист неизбежно е дека ќе мора да се адаптира на времето во кое живее
и твори. Исто така генерален проблем на ова навистина брзо време на
живеење, е користењето на интернетот и достапноста на информацијата што
само по себе создава еднолични – мултиплицирачки сурогатни џез проекти
кои својот корен го изгубиле пред 20 … можеби и 30 години. Исклучително е
тешко и е голема реткост денес да се чуе оригинална мисла, да се сподели
искрена музичка емоција, да се креира музика растеретена од моменталните
стандарди и очекувања.
Доколку го прашате вечниот оптимист Сашо дали има надеж за
Македонската џез сцена? Секако, да, ни треба многу малку за да успееме,
доволно е само да не прашаат како, колку и зошто!
А, ако се вратиме во реалноста, толку многу заостануваме не само зад
европските туку и регионалните џез сцени, што е сосем нелогично како
сеуште се создаваат одлични албуми, што има артисти кои одвреме навреме
настапуваат на фестивали, млади луѓе кои сакаат да изучуваат џез… а
замислете сеуште немаме џез продукт што ќе не претстави пред светот. Згора
на ова државните средства главно од Министерството за култура се одлеваат
чудно и нелогично. Згора на тоа сеуште нема претставник од џез фелата во
„стручните комисии“ на истото тоа Министерство, не постои ниту некаква
поддршка од приватниот сектор и така со ред.
Излегува дека на секој свој албум како намерно да оставате парче
музика кое всушност може да се смета за еден вид вовед во она што
допрва доаѓа? Во случајот, ако не се лажам, тоа е композицијата „Lava“
која како да излегува од замислената атмосфера на инстантна
допадливост на албумот? Каде во изминативе неколку месеци, наспроти
организациските обврски околу „Steps“, талкаа авторските немири на
Сашо Поповски? Се заокружува ли концептот за новиот албум? Каде би
сакале да исчекорите? Конечно, колку во тој процес на творештво си давате слобода да ве однесе во некомфорните зони за еден автор? Да се преиспитате по којзнае кој пат.
Одлична констатација, секој нов албум е нов продолжеток на мојата
композиторска приказна, и да, ја оставам вратата подотворена за наредниот
проект. Процесот на создавање музика е како и извршувањето на
секојдневните обврски. Композиторот задолжително треба да создава (снима)
и пишува музика секојдневно. За да се негува музичката мисла и фантазија
потребен е континуиран развој кај авторот, кој не ретко содржи занаетски –
технички решенија, но само еден момент е доволен, низ ваквиот процес да се
креира прекрасна мелодија или музичка мисла – лајт мотив за следното
издание.
Инаку „Lava“ е композиција со нестандардна форма, со длабоко емотивна
музичка мисла, замислена како опонент на останатите шест композиции од
албумот. Тоа е композиција која отсликува еден поинаков сегмент од мојот
опус, инспирирана е од немил животен настан, но сепак содржи и доза на
оптимизам.